За експлоатација на минералните суровини државата наплатува само 8 милиони евра годишно

  • 13/04/2021

База на податоци за концесиите на минерални суровини

 

264 фирми имаат добиено концесија од Министерството за економија за да користат минерални суровини. Вкупно се издадени 358 вакви концесии. Површината на земјата која е опфатена со овие концесии е 349 километри квадратни што е 1,4 % од вкупната територија на државата.

Вкупно се експлоатираат 50-тина видови минерални суровини. Најмногу концесии има издадено за експлоатирање на варовник, 110, за вода, 47 и за песок и чакал 43 концесии. За експлоатација на мермер има издадено 33 концесии, за кварц 30 концесии и за глина 15 концесии.

Сите податоци за концесионерите, суровините што ги експлоатираат, големината на концесиската површина, локацијата,  како и износите на надоместоците се дадени во база на податоци во отворен формат за натамошно користење. Податоците се однесуваат за 2019 година.

 

Суровини со најмногу издадени концесии 

слика1

 

Кога станува збор за територијата на која се издадени концесиите и се експлоатираат минералните суровини, најмногу концесии се издадени за експлоатација на суровини на територијата на општина Прилеп, вкупно 32. Следат општина Гостивар со 21 концесија, Струга со 18 концесии и Сопиште со 15 концесии.

 

Општини со најголем број концесиски договори за експлоатација на суровини  

слика2

 

Една петтина од вкупно 264-те концесионери имаат повеќе од една концесија. Најмногу концесии по девет, имаат Цементарница УСЈЕ од Скопје и градежната фирма Гранит од Скопје. Следна фирма, со шест концесии е МИСА-МГ од Скопје, а пет концесии има Кнауф Радика од Дебар.

 

Фирми со најмногу концесии

слика3

  

За добиените концесии се плаќа надомест по две основи: (1) фиксен надомест по километар квадратен за користење на просторот, односно површината за експлоатација на минералната суровина и (2) надомест за експлоатираната количина од минералната суровина, како процент од вредноста или фиксен износ. Висините и процените на овие надоместоци се определени во „Тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини“.

По првата основа, односно од надоместот за површината за експлоатација на суровината, годишно се прибираат само околу 800 илјади евра, додека по втората основа, за количината на експлоатираната суровина се прибираат 7,2 милиони евра.

Најголем надомест за експлоатација на руда во земјава плаќа рудникот Саса, 2,2 милиони евра годишно. Следен, со годишен надомест од 1,2 милиони евра е рудникот Бучим. Само Саса и Бучим заедно годишно плаќаат дури 43 % од вкупните пари што се слеваат во државната каса за експлоатацијата на суровините. Трети се Електрани на Северна Македонија со надомест од 872 илјади евра. 

Инаку, од сите 358 доделени концесии, само 19, односно 5,3 % не го платиле пресметаниот надоместок за користење на просторот за 2019 година, додека само за три концесии или за 0,8 % од сите концесии за 2019 година не е платено надомест за експлоатација. 

 

Концесионери што плаќаат најголем надомест  

слика6

 

Кога станува збор за големината на површината од која се експлоатираат суровините, најголема концесиска површина од 32 километри квадратни има државната Електрани на Северна Македонија за експлоатација на јаглен. По неа со површина од 29 километри квадратни има Енергетика Пела за експлоатација на олово, цинк, злато, сребро и бакар. Следуваат Скопски легури кои експлоатираат манган на концесиска површина од 24 километри квадратни.

  

Концесионери со најголема концесиска површина 

слиак8

Базата на податоци за концесиите на минерални суровини, во отворен формат, е дадена во прилог на оваа анализа. Таа содржи податоци за концесионерите, договорите, експлоатираната суровина и надоместоците што се платени за 2019 година, обезбедени од Министерството за економија преку користење на слободниот  пристап до информации од јавен карактер.

 

Ова истражување и базата на податоци се подготвени од Центарот за граѓански комуникации во рамки на Проектот за граѓанско учество со поддршка на  американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината во ова истражување и во базата на податоци е одговорност на авторите и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.