1 милион евра пари на граѓаните општините трошат годишно на изведувачи и забавни манифестации

  • 19/12/2024

База на податоци

Забавните манифестации што општините ги организираат по разни поводи, како одбележување на некои празници (Нова Година) или нешто што е специфично за таа општина (храна, пијалак, традиција и сл.) ги чинат граѓаните повеќе од 1 милион евра, секоја година. Притоа, ова се пари што општините ги плаќаат од своите буџети и во сумата не влегуваат парите што за оваа намена се платени преку донации, најчесто од фирми и поединци.

Најмногу пари за оваа намена трошат општините Кавадарци и Струмица, како и Градот Скопје. Само првите десет општини што трошат најмногу пари за оваа намена, трошат околу 80 % од парите што ги потрошиле сите општини заедно. 

Општини што потрошиле најмногу пари за забавни манифестации

 

2023 година

Вкупен износ
(во евра)

Струмица

189.268

Кавадарци

156.098

Град Скопје

111.382

Штип

85.977

Велес

48.567

Кисела Вода

47.967

Куманово

45.528

Берово

30.720

Битола

30.479

Карпош

23.138

Гостивар

20.000

 

2024 година
(до октомври)

Вкупен износ (во евра)

Кавадарци

202.098

Струмица

124.146

Кисела Вода

64.228

Крива Паланка

55.214

Валандово

45.054

Гевгелија

43.902

Битола

41.106

Берово

39.237

Неготино

34.430

Велес

33.530

Пробиштип

28.093

 

Во 2023 година, најмногу пари потрошила Струмица, речиси 190 илјади евра. Следно е Кавадарци со 156 илјади, а главниот град потрошил нешто повеќе од 110 илјади евра. Штип е четврти со скоро 86 илјади евра. Велес и Кисела Вода потрошиле по околу 48 илјади евра, а Куманово 45 илјади. По 30 илјади евра потрошиле Берово и Битола.

Состојбата е слична и во 2024 година, за која недостигаат сите податоци и ќе бидат достапни дури откако годината ќе заврши. Иако податоците се до октомври 2024 година, сепак извесно е дека најмногу пари ќе потроши Кавадарци, единствено преку 200 илјади евра. Струмица годинава е на второто место, со потрошени 124 илјади евра. Кисела Вода „засилила“ на трошењето со скоро 65 илјади евра, а буџетското ќесе го „одврзала“ и Крива Паланка, која потрошила 55 илјади евра. Малите општини, Валандово и Гевгелија се следни со по околу 44 илјади евра секоја. Околу 40 илјади евра трошат Битола и Берово, па следат Неготино и Велес со по околу 34 илјади евра.

Некои општини кријат колку плаќаат на индивидуалните изведувачи

Кога станува збор за поединечните манифестации или изведувачи, не сите општини кажуваат колку пари, поединечно, ги чини некоја манифестација, или изведувач. Некои општини ги кажуваат трошоците за сите манифестации заедно, или пак, за сите изведувачи заедно затоа што „најмуваат“ фирма на којашто ѝ ги префрлаат сита пари, а таа потоа ги организира манифестациите и ги плаќа изведувачите.

Таков е примерот со Општина Кавадарци која троши најголема вкупна сума за забавни манифестации, но не објавува колку пари поединечно ја чини секоја од четирите манифестации, колку што ги организира годишно или, пак, колку пари исплатила на некој поединечен изведувач. 

Од оние општини кои ги обелоденуваат поединечните трошоци, произлегува дека најскапа поединечна манифестацијата е струмичкиот фестивал „Get EXITed“ кој чини повеќе од 138 илјади евра. Потоа е штипската Пастрмајлијада со речиси 60 илјади евра. Кисела Вода платила за двете манифестации заедно – „Културно лето“ и одбележувањето на роденденот на општината – околу 48 илјади евра. Следен е повторно еден струмички фестивал „Струмица опен“, а потоа велешкиот фестивал посветен на нивната пита.

Најскапи манифестации во 2023 година

Манифестација

Општина

Износ во евра

Св. Трифун, Културно лето, Тиквешки гроздобер, Нова година

Кавадарци

156.098

Get EXITed

Струмица

138.211

Пастрмајлијада

Штип

59.284

Културно лето и роденден на општината

Кисела Вода

47.967

Бела ноќ

Град Скопје

44.715

Струмица опен фестивал

Струмица

43.902

Фестивал на пита и вино

Велес

43.417

Етно плоштад фестивал

Берово

27.431

Карпошово културно лето

Карпош

23.138

 

Во 2024 година (до октомври), повторно најскапи се кавадаречките манифестации, повеќе од 200 илјади евра. Следна најскапа поединечна манифестацијата е струмичкиот фестивал „Get EXITed“ кој чини повеќе од 65 илјади евра. Кисела Вода плаќа за двете манифестации заедно – „Културно лето“ и одбележувањето на роденденот на општината – повеќе од 64 илјади евра. Следен е повторно струмички фестивал „Струмица опен“, а потоа ревијалната вечер на валандовскиот „Фолк фест“.  

Најскапи манифестации во 2024 година (до октомври)

Манифестација

Општина

Износ во евра

Св. Трифун, Културно лето, Тиквешки гроздобер, Нова година

Кавадарци

202.098

Get EXITed

Струмица

65.041

Културно лето и роденден на општината

Кисела Вода

64.228

Струмица опен фестивал

Струмица

43.902

Ревијална вечер на „Фолк фест“

Валандово

41.559

Етно плоштад фестивал

Берово

35.771

Фестивал на храна и пијалаци

Гевгелија

32.520

Неготинска вечер

Неготино

32.520

Фестивал на пита и вино

Велес

30.000

 

Како се спроведуваат набавките на услугите за организирање манифестации?

Општините различно ја спроведуваат набавката на овие услуги, но главно се наоѓаат начини да не се спроведат целосно Законот за јавни набавки и некоја од транспарентите постапки. Набавките на т.н. посебни услуги, во кои спаѓаат ваквите манифестации, се исклучени од Законот за јавни набавки доколку нивната вредност е до 10.000 евра. Овде спаѓаат услугите за организирање културни настани, фестивали, забави, саеми и панаѓури. За нив единствено се објавува т.н. поедноставено известување за склучен договор.

Доколку вредноста на овие услуги е поголема од 10.000 евра, може да се примени постапка со преговарање без објавување оглас, да се објави оглас за јавна набавка или, пак, да се објави претходно информативно известување во кое ќе се наведе дека договорите ќе се доделуваат без натамошно објавување, но со покана за заинтересираните фирми да го изразат својот интерес.

Сепак, има општини коишто на ваков начин избираат само фирма којашто ќе ја спроведе манифестацијата или, пак, цела годишна програма во која што се опфатени неколку манифестации. Потоа, и плаќањето оди целосно преку таа фирма, без да се знае колку поединечно чини некоја манифестација или поединечен изведувач.

Некои општини, пак, делегираат надлежност на фирми, најчесто маркетинг агенции, за организирање на ваквите настани. И во овие случаи не се обелоденуваат информации за поединечното чинење на секоја манифестација, ниту за исплатените суми на поединечните изведувачи.     

Од 81 единица на локалната самоуправа, само 50 општини имаат вакви трошоци, додека 29 одговорија дека немаат. Две општини, Ѓорче Петров и Тетово не доставија информации, ниту по доставените барања, ниту по решенијата од Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, додека Охрид тоа го стори само за трошоците во 2024, но не и за 2023 година.

Северина и Розга со хонорари над 20.000 евра

Како и да е, според познатите податоци за исплатените износи на поединечните изведувачи, најмногу пари се плаќаат на пејачи и пејачки од поранешните југословенски простори. Така, најскапо платена индивидуална изведувачка е Северина Вучковиќ, за која Општината Крива Паланка потрошила повеќе од 25 илјади евра од својот буџет.

Следна на листата – најплатени индивидуални изведувачи – е Јелена Розга, која од беровската општина добила 22 илјади, а од пробиштипската 20 илјади евра. Или заедно за двата настапа заработила повеќе од 42 илјади евра.

Следи Хари Мата Хари кој од Неготино добил 19,5 илјади евра, а веднаш зад него е пејачот Саша Матиќ кому Велес му исплатил 17 илјади евра.

По 13 илјади добиле домашната пејачка Бојана Скендеровски, од Општина Неготино; групата С.А.Р.С. од Општина Велес; и пејачот Петар Грашо од Општина Градско. Само 11 илјади евра добила домашната пејачка ѕвезда Каролина Гочева од Општина Крива Паланка. 

 

Најскапо платени изведувачи со пари на граѓаните во 2024 година (до октомври)

Изведувач

Манифестација

Општина

Сума во евра

Северина Вучковиќ

Крива Паланка - Град на културата

Крива Паланка

25.123

Јелена Розга

Етно плоштад фестивал

Берово

22.487

Јелена Розга

Ден на општината 28-ми август

Пробиштип

20.031

Хари Мата Хари

Неготинска вечер

Неготино

19.512

Саша Ковачевиќ

Фестивал на пита и вино

Велес

17.000

Бојана Скендеровски

Неготинска вечер

Неготино

13.008

S.A.R.S.

Фестивал на пита и вино

Велес

13.000

Петар Грашо

Градско, храна, вино и традиција

Градско

13.000

Каролина Гочева

Крива Паланка - Град на културата

Крива Паланка

11.110

 

Минатата година, пак, најскапо платен бил Саша Ковачевиќ, кој од Општина Штип добил повеќе од 25 илјади евра, а на второ место е Даниела Мартиновиќ која од истата општина добила 14 илјади евра, односно дури 10 илјади помалку од нејзиниот колега Ковачевиќ.

Речиси колку Даниела Мартиновиќ добил и Жељко Самарџиќ, од Општина Берово, а домашната група Меморија добила 12 илјади од Општина Велес.

Речиси 9 илјади евра, од Општина Гостивар добило културно-уметничкото друштво Јахи Хасани, а Општина Штип му платила скоро 8 илјади евра на Амадеус бенд.

 

Најскапо платени изведувачи со пари на граѓаните во 2023 година

Изведувач

Манифестација

Општина

Сума во евра

Саша Ковачевиќ

Пастрмајлијада

Штип

25.774

Даниела Мартиновиќ

Пастрмајлијада

Штип

14.226

Жељко Самарџиќ

Етно фестивал

Берово

13.913

Меморија

Фестивал на пита и вино

Велес

12.000

КУД Јахи Хасани

/

Гостивар

8.943

Амадеус Бенд

Пастрмајлијада

Штип

7.842

 

Домашните изведувачи со значително поскромни хонорари

Кога станува збор за домашните изведувачи, тие добиваат значително пониски хонорари отколку нивните колеги од другите држави од поранешната југословенска заедница. Најплатена домашна изведувачка годинава е Бојана Скендеровски, која од Општина Неготино, за учество на манифестацијата Неготинска вечер добила 13.008 евра. Втора на листата „најплатени домашни изведувачи“ во 2024 година е поп-ѕвездата Каролина Гочева која од Општина Крива Паланка за учество на манифестацијата Крива паланка – Град на културата добила 11.110 евра. Трет на оваа листа е Кирил Џајковски кој од Општина Валандово добил 10.000 евра за учество на манифестацијата Ревијална вечер на Фолк-фест. Другите домашни изведувачи добиваат многу поскромни хонорари (список на сите исплатени хонорари по општина, изведувач, износ, дата и манифестација има во прилог на овој извештај, во отворен формат). 

Од податоците на општините коишто не кажуваат колку пари ги исплатиле поединечните настапувачи, туку само вкупната сума што ја исплатиле на фирмата организатор, произлегува дека најмногу пари добиле неколку домашни фирми.

Прва годинава е Иноватива груп, која за организација на четирите забавни манифестации во текот на годината, од Општина Кавадарци добила 202.098 евра. Втора е Спектаклум ДООЕЛ која за организација на забавни манифестации во две општини, Кисела Вода и Вевчани, годинава добила 84.715 евра. Следна е Скендеровски продукција која за организација на 4 манифестации во Битола, Гевгелија, Крива Паланка и Свети Николе добила од соодветните општини вкупно 35.203 евра.

 

 

*  *  *

Истражувањето е направено според податоците добиени од општините врз основа на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Фотографиите се преземени од интернет-страниците и/или профилите на социјалните мрежи на општините Крива Паланка, Берово и Велес.

Податоците од ова истражување, како и од сите претходни, Центарот за граѓански комуникации ги става на располагање во отворен формат за да послужат како основа за натамошно користење и истражување од новинарите, граѓанските организации, граѓаните, истражувачите и сите други заинтересирани страни. Во крајна линија, целта е сите заедно да придонесеме за подобрување на квалитетот и условите за живот во земјава.