Општините и министерствата заедно трошат за адвокатски услуги повеќе од 2 милиони евра годишно
- Набавката на услуги од адвокат е исклучена од Законот за јавни набавки, но општините и министерствата немаат внатрешни пишани правила за ангажирање адвокат.
- Единиците на локална самоуправа само лани потрошиле 67.269.053 денари или 1,1 милион евра за исплати на адвокати.
- Министерствата, на адвокати им исплатиле 62.428.934 денари или 1 милион евра.
- Парите што министерствата и општините заедно ги плаќаат на адвокати се две третини од вкупните пари што за оваа намена ги исплаќаат сите буџетски институции заедно.
- 40-тина проценти од исплатената сума од 1,1 милион евра е за адвокати кои општините сами ги ангажирале, додека останатите 60 % се за исплатени адвокатски услуги по други основи.
- Кај општините, адвокати ангажирале 72 од 81 единица на локална самоуправа.
- Една четвртина од општините исплаќаат месечен паушал на некој адвокат.
- Кај министерствата, само две имаат ангажирано адвокати, додека другите исплати се на адвокати по други основи, односно за судски и извршни решенија, и камати.
- Од општините, Град Скопје и Гази Баба предничат во исплатените суми за адвокати, додека кај министерствата тоа се Финансии (за функции на државата), па Правда и Труд.
- Поединечно најмногу пари му се исплатени на адвокат Влатко Ристовски кому само Општина Гази Баба му исплатила повеќе од 6 милиони денари во 2023 година.
Нема правила како се ангажираат адвокатите
Најголем дел од општините, за разлика од министерствата, редовно ангажираат адвокати. Инаку, набавката на услуги од адвокати за правно застапување и советување во судски постапки во земјата и во странство е исклучена од Законот за јавни набавки. Но, иако за оваа намена се трошат милионски суми, сепак, општините и министерствата немаат пишани правила за процедурата за набавка на услуги од адвокат.
Најголем дел од општините одговориле дека немаат процедура за избор на адвокат. Меѓу одговорите од општините има најразлични објаснувања за начинот на избор на адвокат и тоа:
- „Врз основа на нивниот углед и искуство во поглед на природата на предметите“,
- „Лесно достапни до општината, кои имаат канцеларија во истата општина“,
- „Врз основа на сознанија за стручноста и компетенциите на адвокатите и врз основа на добиени препораки за нивната досегашна работа“,
- „Со непосредна спогодба“,
- „По слободен избор“,
- „Го избрал градоначалникот“ и
- „Од именикот на адвокати“.
Само две општини одговориле дека спровеле некаква постапка за избор, но исто така немаат процедура за тоа. Во едната, адвокатот е „избран со три барања за понуди“, додека во другата „спроведена е постапка за избор со објава на повик за заинтересирани адвокати“.
И кај министерствата, од трите што ангажирале адвокати, само едно спровело постапка на избор со три понуди.
Градот Скопје лидер меѓу единиците на локална самоуправа
Сите општини и Град Скопје, во 2023 година исплатиле 67.269.053 денари или 1,1 милион евра за адвокати по различни основи. Најчеста основа е за „правни услуги“, потоа „трошоци по извршни исправи“ и „плаќања по судски решенија“. 40-тина проценти од исплатената сума од 1,1 милион евра е за адвокати кои општините сами ги ангажирале, додека останатите 60 % се за исплатени адвокатски услуги по други основи како извршни исправи, судски решенија итн.
Од 81 единица на локална самоуправа, 72 имале исплати за користење на адвокатски услуги во 2023 година, додека општините Босилово, Валандово, Градско, Делчево, Зрновци, Јегуновце, Карбинци, Липково и Пласница не користеле услуги на адвокати, ниту исплатиле адвокати врз други основи.
Една четвртина од општините исплаќаат месечен паушал на некој адвокат, во ист или приближно ист износ.
Градот Скопје потрошил 13.157.312 денари или 214 илјади евра за адвокати во 2023 година, односно 21,5 % од вкупниот износ кој го исплатиле сите единици за локална самоуправа заедно. Овие средства се исплатени на вкупно 106 адвокати чии што услуги Градот Скопје ги користел или морал да им исплати во 2023 година. Од нив, најголем износ е исплатен за услугите на адвокатката Билјана Панова и тоа 3.020.639 денари или околу 49 илјади евра.
Општина Гази Баба е на второто место со исплатени 7.589.821 денари или 123 илјади евра што претставува 11,3 % од вкупниот износ кој го исплатиле сите единици за локална самоуправа. Овие средства се исплатени на четири адвокати, од кои 81 %, односно 6.152.377 денари или 100 илјади евра на адвокат Влатко Ристовски, што воедно е и највисокиот износ кој една единица на локална самоуправа го исплатила на еден адвокат. Основата за исплата е за „изградба на пречистителни станици и колектори“.
Во однос на вкупниот број на исплатени адвокати повторно на врвот е Град Скопје со 106, пред Општина Битола со 60 и Општина Куманово со 35.
Кој од адвокатите наплатил најмногу од општините?
Вкупно 417 адвокати ги наплатиле своите услуги од единиците за локална самоуправа во 2023 година. Од нив најмногу наплатил адвокатот Влатко Ристовски од Скопје, вкупно 6.332.006 денари или речиси 103 илјади евра, и тоа 6.178.733 денари или 100.500 евра од Општина Гази Баба и 2.500 евра од Општина Карпош.
На второто место е адвокатката Билјана Панова која од Град Скопје наплатила 3.020.639 денари или 49 илјади евра, а трето е Адвокатско друштво Стојановска-Димитровски Крива Паланка кое од осум општини наплатило нешто повеќе од 39 илјади евра.
Адвокати со најголеми исплатени износи од ЕЛС во 2023 година
|
Име на адвокат / друштво |
Општини |
Износ во евра |
1 |
Адвокат Влатко Ристовски Скопје |
Гази Баба и Карпош |
102.959 |
2 |
Адвокат Билјана Панова Скопје |
Град Скопје |
49.116 |
3 |
Адвокатско друштво Стојановска-Димитровски Крива Паланка |
Берово, Велес, Гевгелија, Крушево, Прилеп, Ранковце, Струмица и Град Скопје |
39.333 |
4 |
Адвокатско друштво Бранко Кузманоски и партнери Скопје |
Битола, Бутел, Илинден, Чучер Сандево и Град Скопје |
26.387 |
5 |
Адвокатско друштво Китановски Скопје |
Аеродром и Илинден |
23.487 |
6 |
Адвокатско друштво Доневски Скопје |
Град Скопје |
21.367 |
7 |
Адвокат Методи Поп Методиев Штип |
Град Скопје и Радовиш |
20.931 |
8 |
Адвокат Донче Стаменков Штип |
Дебар, Кочани, Лозови и Штип |
19.289 |
9 |
Адвокат Анита Бегова Скопје |
Сарај |
17.561 |
10 |
Адвокат Никола Тодоровски Скопје |
Зелениково и Петровец |
17.281 |
Министерството за финансии предничи со исплати, но не достави податоци за ангажираните адвокати
Сите министерства заедно и Владата, на адвокати им исплатиле 62.428.934 денари или 1 милион евра. Само две министерства ангажирале адвокати, додека другите исплати се на адвокати по други основи, односно за судски и извршни решенија, и камати.
Најмногу исплати, односно дури 82 % од парите што сите министерства заедно ги исплатиле на адвокати, има Министерството за финансии за функциите на државата. Само за оваа намена, исплатени се 51.295.114 денари, односно 834.000 евра. Ова министерство не ги достави податоците за ангажираните адвокати ниту по решение тоа да го стори од Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Во однос на вкупниот број на исплатени адвокати, на врвот е Министерството за финансии, за функции на државата, со 327 исплатени адвокати. Следи Министерството за правда со 108, па Министерството за труд и социјална политика со 45.
Кој од адвокатите наплатил најмногу од министерствата?
Вкупно 500 адвокати ги наплатиле своите услуги од министерствата во 2023 година. Од нив најмногу наплатил адвокатот Иван Поповски, 61.052 евра. Сите други имаат наплатено помали суми. Втор е адвокатот Владимир Николоски кој наплатил 27.063 денари, па адвокатот Петар Василев со 26.467 евра.
Адвокати со најголеми исплатени износи од министерствата во 2023 година
|
Име на адвокат / друштво |
Министерство |
Износ во евра |
1 |
Адвокат Иван Поповски |
Финансии-функции на државата |
61.052 |
2 |
Адвокат Владимир Николоски Гостивар |
Финансии-функции на државата |
27.063 |
3 |
Адвокат Петар Василев Скопје |
Финансии-функции на државата |
26.467 |
4 |
Адвокат Златко Димоски Гостивар |
Финансии-функции на државата |
21.457 |
5 |
Адвокат Златко Тримчески Гостивар |
Финансии-функции на државата, Здравство |
19.797 |
6 |
Адвокат Гоце Стојановски Охрид |
Финансии-функции на државата, Одбрана |
17.778 |
7 |
Адвокат Петар Петровски Охрид |
Финансии-функции на државата |
17.702 |
8 |
Адвокат Трајче Тошевски Велес |
Финансии-функции на државата |
17.301 |
9 |
Адвокат Филип Филиповски Гостивар |
Финансии-функции на државата |
13.694 |
10 |
Адвокат Драган Костоски Кичево |
Финансии-функции на државата |
13.502 |
* * *
Истражувањето за адвокатските исплати од министерствата, Владата и единиците на локална самоуправа е направено врз основа на одговорите на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер добиени од сите овие институции, како и врз основа на податоците за извршените исплати од базата на податоци за отворени финансии.