Трошоци за новогодишното украсување за 2016

  • 02/01/2016

Центар за граѓански комуникации

720 илјади евра се очекува да потрошат локалните власти во земјава за украсување за дочекот на новата 2016 година. Најмногу пари ќе потрошат Градот Скопје и скопските општини. Скопски ГТЦ сам ќе потроши толку пари колку 4 општини заедно. Гледано по жител, новогодишното украсување просечно ќе ги чини граѓаните во одделните општини од 5,5 денари (Велешани) до 111 денари (жителите на Новаци).

Јавни набавки за новогодишно украсување за 2015 година имале Градот Скопје и 25 од 80-те општини, како и АД Градски Трговски Центар. Осум од овие 25 општини се скопски (Центар, Карпош, Чаир, Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров, Сарај и Шуто Оризари), а преостанатите 17 општини се: Куманово, Битола, Прилеп, Струмица, Тетово, Охрид, Струга, Кичево, Ресен, Велес, Штип, Пробиштип, Новаци, Кавадарци, Радовиш, Валандово и Гевгелија. 

Вкупно за новогодишно украсување за дочекот на 2016 година ќе бидат потрошени околу 720 илјади евра. Според дел од склучените договори и проценетата вредност на објавените тендери, произлегува дека за новогодишно украсување на Скопје (430 илјади евра) ќе се потрошат речиси 50% повеќе пари отколку за сите останати општини во земјата (290 илјади евра). 

Точната вредност на дел од договорите ќе се знае на крајот од јануари 2016 година, кога општините ќе ги објават податоците на Електронскиот систем за јавни набавки. Сепак, судејќи според досегашното искуство, овој вид на договори доминантно се склучуваат во рамките на проценетата вредност, па оттука таа со право може да се земе како релевантен показател за парите што ќе бидат потрошени за оваа намена. 

Вредносно најголемиот договор за новогодишно украсување го има склучено Градот Скопје со фирмата Линк Медиа Плус ДООЕЛ увоз-извоз Скопје за изработка и реализација на проект за украсување и декорирање на градот Скопје по повод пречекот на Новата 2016 година, во вредност од над 10,4 милиони денари, односно околу 170 илјади евра (Ранг-листа според вредноста за новогодишно украсување).  Анализата на техничката спецификација на тендерот спроведен од Градот Скопје покажува дека целото новогодишно украсување е концентрирано во централното градско подрачје во периодот 15 декември 2015 година до 15 јануари 2016 година. 

Следна на ранг-листата според проценетата вредност на договорот што планира да го склучи е Општина Карпош. За оваа намена општината е спремна да потроши над 80 илјади евра. 

Трета општина на ранг-листата е Центар која договорот за новогодишно украсување го има склучено на 24.11.2015 година со Линк Медиа Плус ДООЕЛ увоз-извоз Скопје во вредност од 3,4 милиони денари, односно 55 илјади евра. 

Следува Општина Битола која за новогодишното украсување спровела три тендери и тоа за материјали за новогодишно украсување и осветлување; активности за реализација на новогодишното украсување и работен материјал потребен за техничко извршување на новогодишното украсување. Сите три тендери се со вкупна проценета вредност од 2,8 милиони денари, односно 45 илјади евра. 

Петтото место на листата на најголеми договори за новогодишно украсување и припаѓа на Општина Струмица. Договорот за реализација на проектот за новогодишно украсување и декорирање на локации на територијата на Општина Струмица е веќе склучен со Линк Медиа Плус ДООЕЛ увоз-извоз Скопје во вредност од 2,2 милиони денари, односно 36 илјади евра. 

И следниот договор за новогодишно украсување според големината е склучен со Линк Медиа Плус ДООЕЛ увоз-извоз Скопје и тоа од страна на скопската општина Кисела Вода во вредност од околу 2 милиони денари, односно 32 илјади евра. 

Тендерот за новогодишното украсување за Општина Куманово е спроведен од страна на ЈП Куманово-паркинг со проценета вредност на набавката од околу 1,8 милиони денари, односно околу 29 илјади евра. 

На осмото место на ранг-листата според вредноста на договорот за новогодишно украсување е Општина Ѓорче Петров. Договорот е склучен со Друштво за производство, трговија, услуги и инженеринг ДОРА ДООЕЛ увоз-извоз во вредност од околу 1,5 милион денари, односно 24 илјади евра. 

Деветтото и десеттото место го делат Општина Тетово и АД Градски Трговски Центар. Произлегува дека трговскиот центар, кој е во државна сопственост, ќе се украсува за иста сума пари колку и Општина Тетово, односно за 1,4 милиони денари, што е 23 илјади евра. АД Градски Трговски Центар за новогодишното украсување одвоило повеќе пари од 17 општини кои се под него на оваа листа според планираната вредност за новогодишното разубавување.   

На дното од листата се општините кои за новогодишното украсување ќе потрошат под 10.000 евра, а тоа се општините Прилеп, Штип, Ресен, Кичево, Новаци, Шуто Оризари, Сарај, Свети Николе и Велес чии тендери се со проценета вредност од 5 до 10.000 евра.  

Споредено со минатата година, во украсувањето за дочекот на 2016 година ќе бидат вклучени ист број на општини, но ќе се потрошат повеќе пари. Притоа, и минатата година новогодишното украсување е спроведено од страна на 25 општини и тие заедно со Град Скопје и АД ГТЦ за украсување за дочекот на 2015 година потрошиле 684 илјади евра,  што значи околу 34 илјади евра помалку од годинава. 

Гледано по жител, новогодишното украсување просечно ќе ги чини граѓаните во одделните општини од 5,5 денари (Велешани) до 111 денари (жителите на Новаци). Во листата на поскапи украсувања по жител се вбројуваат и Карпош (82 денари по жител), Центар (75 денари по жител), Валандово (70 денари по жител) и Гевгелија (62 денари по жител). За скопјани украсувањето ќе чини и дополнителни 20 денари по жител за потрошените пари од страна на Град Скопје.

elka so podatoci

Методолошки пристап

Основа за пресметка на трошењата на општините за новогодишно украсување се податоците добиени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Поконкретно, за Град Скопје и за дел од општините, податоците се добиени од известувањата за склучените договори за оваа набавка, додека пак за поголемиот дел од општините податоците се добиени од проценетата вредност на набавката која е наведена во огласите за јавни набавки. 

Во истражувањето се вклучени сите договорни органи во Република Македонија кои имале ваков вид на набавка во 2015 година.  

Во пресметката на трошоците по жител се користеа податоци за бројот на жители по општини од публикација „Процени на населението на 30.06.2014 и 31.12.2014 според пол и возраста, по општини и по статистички региони“ на Државниот завод за статистика од јули 2015 година. Сепак, со оглед на тоа што во нена нема податоци за сите скопски општини (Бутел, Кисела Вода, Центар, Чаир и Шуто Оризари), податоците за населението во овие општини се земени од последниот попис од 2002 година.

 

Договори за новогодишно украсување за 2016

 

 

Ова истражување на Центарот за граѓански комуникации е објавено на интернет страницата prizma.mk 
во рамки на Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор.