За две години, државните институции набавиле нови возила за 8,5 милиони евра
База на податоци на договори за возила 2023-2024
- Набавени се 269 нови патнички возила – дел од нив купени, а дел земени на лизинг
- Меѓу нив се и 45-те владини возила за највисоките функционери, секое по 50 илјади евра
- Нив ги користат сегашни, но и поранешни функционери
- Најмногу возила набавиле Електрани на Македонија
- Најскапите возила надминуваат 55 илјади евра
- Омилен бренд на функционерите им е Шкода, марка од која се набавени 90 возила
- Најголема вкупна вредност на склучени договори имаат фирмите Порше лизинг и Аутомотив груп, секоја по околу 2,8 милиони евра за две години
Само во последните две години, 2023 и 2024, државните институции набавиле 269 нови патнички возила и за нив потрошиле 8.543.658 евра. Дел од институциите ги купиле возилата, а друг дел ги набавиле на лизинг, најчесто оперативен, што значи дека по истекот на периодот на лизингот треба да ги вратат, иако за возилата плаќаат како да ги купиле. Нови возила набавиле 44 институции, а склучени се вкупно 72 договори за јавни набавки. Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра.
Најскапи возила, од по 55 илјади евра, набавиле: Општина Шуто Оризари, Државна видеолотарија, Општина Битола и Комуналец Кавадарци. Убедлив рекордер ќе беше Општина Прилеп која во декември 2024 година склучила договор за набавка на лизинг на возило од 63 илјади евра. Но, како што тврдат од општината, договорот е раскинат во февруари оваа година и возилото не е земено. Сепак, на Електронскиот систем за јавни набавки не е објавено раскинувањето на овој договор.
Анализата ги опфаќа возилата кои се набавени во текот на 2023 и 2024 година, и се однесува само на патничките возила, а не и на комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила. Сепак, во базата на податоци за овие набавки којашто е дел од истражувањето, освен за патничките, се наоѓаат и договорите за набавка и на комерцијалните и на половните возила.
Поединечно по институции, најмногу возила набавиле Електрани на Северна Македонија, 82 возила за вкупна вредност од 2,2 милиони евра. Исто толку пари, но за речиси двојно помалку возила, има потрошено и Владата, преку Службата за општи и заеднички работи, за набавката на лизинг на 45 возила, секое по 50 илјади евра. Следно на листата е Министерството за внатрешни работи, кое набавило вкупно 28 возила за 900 илјади евра. По повеќе од половина милион евра за нови возила потрошиле Агенцијата за национална безбедност, за набавени 23 возила, и Водостопанство, за набавени 15 возила.
Шкода е „омилена“ марка на функционерите
Најмногу возила, институциите набавиле од марката Шкода, дури 90, односно една третина од сите набавени возила во двегодишниот период на анализа. Во рамките на оваа марка, далеку најзастапен модел што е набавен е „Суперб“. Од 90-те набавени Шкоди, дури 56 се од овој модел.
Многу зад Шкода не заостанува ни марката Дачиа од која се набавени 78 возила. Речиси 90% од набавените возила од оваа марка се од моделот „Дастер“.
Следна марка според бројот на набавени возила е Пежо, со продадени 45 патнички автомобили.
Сите други марки се застапени со значително помалку возила, иако се издвојуваат уште Опел со 16 возила и Рено со 10 возила.
Исклучително ниска конкуренција на тендерите за набавка на возила
Просечниот број понуди од фирмите на тендерите за набавка на нови возила изнесувал 1,4 понуди. На дури 70 % од овие набавки имало само по една понуда. Највисок број на добиени понуди на еден тендер бил три, но такви имало само во четири постапки.
Кога станува збор за фирмите коишто ги добиваат овие тендери, дури 78 % од 8,5 милиони евра одат само кај три фирми. Меѓу нив, најголема вкупна вредност на склучените договори за јавна набавка на возила имаат две фирми. И двете оствариле по околу 2,8 милиони евра вкупна вредност на договорите за анализираните две години. Станува збор за Порше лизинг со 2.853.911 евра и Аутомотив груп со 2.744.380 евра. Трета, со 1.062.920 евра е Еуроимпекс. Во оваа група на фирми коишто се издвојуваат според вредноста на договорите за јавни набавки за возила спаѓаат уште и Јосифов со 653.203 евра и Делукс-ауто со 620.985 евра. Сите други фирми што продаваат возила или нудат возила на лизинг имаат значително помали износи на склучени договори за јавни набавки за возила.
Просечната цена на набавените возила се зголемила речиси за двојно
Споредбата на набавките на нови патнички возила низ годините покажува дека за десетина години речиси за двојно (94%) се зголемила просечната цена на набавените патнички возила од државните институции. Во истражувањето за периодот 2013-2015 година, просечната цена на набавените службени возила изнесувала околу 16 илјади евра, а во последните две години, просечната цена на набавените возила изнесувала околу 32 илјади евра.
Исто така, во последните две години, просечно годишно се трошеле по повеќе од 4 милиони евра за набавка на нови возила, сума којашто е рекордна до сега. Во неколкуте години пред пандемијата, просечно годишно се трошеле по околу 3 милиони евра за набавка на нови возила, а во пандемијата по околу 1 милион евра годишно.
Период |
Број на набавени возила |
Вкупно потрошени пари (евра) |
Просечна цена на набавено возило (евра) |
Најскапо набавено возило (евра) |
Марка и модел на најскапото возило |
Кој го купил најскапото возило? |
2013-2015 |
323 |
5.293.548 |
16.389 |
58.616 |
Ауди А6 |
Народна банка |
2018-2020 |
392 |
8.304.107 |
20.618 |
66.695 |
Ауди А6 |
Општина Струга |
2020-2022 |
142 |
3.069.000 |
22.283 |
47.551 |
Шкода Суперб |
Државна видеолотарија |
2023-2024 |
269 |
8.543.658 |
31.760 |
55.393 |
Шкода Суперб |
Општина Шуто Оризари |
Кој се вози во владините возила кои достигнаа рекордна цена од над 50 илјади евра?
Посебно внимание предизвикува набавката на т.н. владини возила, односно возилата на највисоките функционери во државата што ги набавува Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР). Почнувајќи од 2012 година, СОЗР ги набавува овие возила во коишто се возат највисоките државни функционери по пат на т.н. оперативен лизинг, односно ги изнајмува за период од три години по којшто ги враќа и набавува нови.
Последната ваква набавка се спроведе минатата година, кога беа набавени 45 возила по цена на лизингот за едно возило од 50.437 евра. И овој пат се набавија возила од марката Шкода Суперб. За прв пат откако Владата набавува вакви возила според оваа постапка, просечната цена на едно возило достигна рекордни 50.437 евра.
Година на набавка |
Набавени возила |
Вкупна вредност (евра) |
Марка и модел |
Цена на едно возило (евра) |
2012 |
23 |
860.763 |
Фолксваген Пасат |
37.424 |
2015 |
40 |
1.609.479 |
Фолксваген Пасат |
40.237 |
2018 |
46 |
1.818.564 |
Фолксваген Пасат |
39.534 |
2021 |
45 |
1.756.580 |
Шкода Суперб Амбишн |
39.035 |
2024 |
45 |
2.269.675 |
Шкода Нју Суперб |
50.437 |
Според информациите од владината Служба за општи и заеднички работи, 45-те Шкоди Суперб земени на тригодишен лизинг по цена од 50.437 евра за едно возило, ги користат највисоките сегашни и поранешни функционери во државата, и тоа:
- претседателката на државата (1 возило),
- поранешните претседатели на државата (4 возила),
- Собранието на Северна Македонија (3 возила),
- претседателот на Уставниот суд (1 возило),
- Владата на Северна Македонија (5 возила),
- поранешните премиери – Талат Џафери и Димитар Ковачевски (2 возила),
- замениците на премиерот и владините министри (22 возила),
- шефот на кабинетот на Премиерот (1 возило),
- генералниот секретар на Владата (1 возило),
- заменикот генерален секретар на Владата (1 возило),
- директорот на Служба за општи и заеднички работи (1 возило) и
- Служба за општи и заеднички работи (3 возила)
Според информациите од СОЗР, четирите возила за поранешните претседатели ги користат Бранко Црвенковски, Ѓорѓе Иванов, Вилма Трајковска и Стево Пендаровски.
Трите возила за Собранието ги користи претседателот на Собранието, Африм Гаши при што едното возило е за него, а другите две се за неговиот „ескорт“.
Од петте владини возила, три се за премиерот, односно едно за него и две за неговиот „ескорт“ и две се за владиниот протокол.
Трите возила на СОЗР, пак, се користат од Секторот за превоз и одржување на моторни возила, за „опслужување на странски делегации министерства“.
Методолошки напомени
Истражувањето е спроведено врз основа на податоците од Електронскиот систем за јавни набавки и од податоците добиени од државните институции. Во истражувањето се опфатени само набавките на патнички возила и не се опфатени т.н. комерцијални возила, односно товарните, работните и возилата од технички карактер. Исто така, вклучени се само новите возила, а не и набавените половни возила. Некаде се вклучени и возила во чиј опис на набавка пишува дека се транспортни, но всушност се набавени возила кои можат да служат и како патнички.