Скок на вредноста на општинските набавки во 2023 година за цели 40 %, десет фирми поделиле 25 % од тендерскиот колач

  • 18/09/2024

  • Само за една година, вредноста на јавните набавки на 80-те општини и Градот Скопје е зголемена дури за 46 милиони евра, односно за 40 % во споредба со претходната година. 
  • Најголеми зголемувања имале Град Скопје, Карпош, Сарај и Гази Баба. 
  • Сите општини во земјава, склучиле вкупно 4.020 договори за јавни набавки во износ од 10 милијарди денари, односно 164,5 милиони евра. 
  • Првите 13 општини со најголема вредност на набавките, всушност трошат исто пари колку и останатите 68 општини заедно. 
  • Иако договори за јавни набавки се склучени со 1.245 фирми, само на 10 фирми им припаднале 26 % од вкупната вредност на тендерите.
  • На врвот според вкупната вредност на договорите е снабдувачот со електрична енергија Енерџи Деливери Солушн Едс скопје со вредност на договорите од 727 милиони денари, односно околу 11,8 милиони евра.

Овие податоци произлегуваат од Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2023 година изработена од Центарот за граѓански комуникации, а која ги содржи податоците за сите 4.020 договори за јавни набавки склучени од Градот Скопје и 80-те општини. Базата е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а дава и графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Базата на податоци за јавни набавки на општините е изготвена за секоја година, од 2015 наваму.

 

Набавките се зголемиле во 84 % од општините 

Зголемување на вредноста на набавките во 2023 година имало кај 68 од 81 единица на локална самоуправа. Кај 20 општини Град Скопје, зголемувањето е поголемо од еден милион евра.

Најголемо е кај Град Скопје, околу 4 милиони евра. Следуваат скопските општини Карпош и Сарај со зголемена вредност на јавните набавки за околу 3 милиони евра, па Гази Баба, Дојран и Радовиш, Центар и Липково со зголемување поголемо од два милиони евра. 

јн

Намалување на вредноста на набавките во 2023 година во однос на 2022 година има кај 13 општини. Најголемите падови во апсолутната вредност на склучените договори за јавни набавки ги бележат општините Кисела Вода, со пад од 5,1 милиони евра, потоа Петровец, со 1,7 милиони евра и Ѓорче Петров, со пад од 928 илјади евра. 

Најголема доминација во однос на вредноста на јавните набавки и понатаму има Град Скопје. Во 2023 година вредноста на набавките на Град Скопје изнесува близу 19 милиони евра. По падот кој го имаше минатата 2022 година, годинава бележи зголемување, но и покрај годинешното зголемување, вредноста на јавните набавки на Град Скопје сè уште е многу ниска во споредба со 2019, 2020 и 2021 година. 

Оваа година, вредноста на јавните набавки изнесува една петтина од вкупниот буџет на Град Скопје. 

јн

 

13 општини трошат за јавни набавки колку сите 68 преостанати општини заедно 

Од вкупните пари потрошени за јавни набавки на сите 81 локална самоуправа, дури една третина отпаѓаат на скопските општини и Градот Скопје.

Годишната вредност на набавките во главниот град, односно на Градот Скопје и 10-те скопски општини, изнесува 53 милиони евра. Ова е за 13 милиони евра повеќе од 2022 година.

Пет од првите десет единици на локалната самоуправа со најголема вредност на тендерите се од Скопје. Прв е Градот Скопје, со околу 19 милиони евра. Втора е Битола со околу 8 милиони евра, по што следат скопските Центар, со 6,3 милиони евра и Гази Баба со речиси 6 милиони евра. Од петтото до осмото место со набавки околу 5 милиони евра се Штип, Куманово, Гостивар и Струмица, и листата од десет ја завршуваат повторно две скопски општини со набавки од 4,6 милиони евра, Аеродром и Карпош. 

Првите 13 општини со најголема вредност на набавките, всушност трошат исто пари колку и останатите 68 општини заедно. 

јн

 

Во однос на вредноста на јавните набавки во 2023 година по општини, состојбата е следна: 

  • 26 општини имаат јавни набавки над 2.000.000 евра.
  • 17 општини имаат набавки помеѓу 1.000.000 и 2.000.000 евра.
  • 21 општина имаат набавки во вредност помеѓу 500.000 и 1.000.000 евра.
  • 16 општини имаат јавни набавки во вредност од 200.000 до 500.000 евра.
  • 7 општини имаат набавки под 500.000 евра и тоа: Лозово со 142.000 евра, Пехчево, Пласница и Зелениково со вредност на набавките околу 260.0000 евра, како и општините Вевчани, Старо Нагоричане и Македонски Брод со набавки вредни околу 300.000 евра.

 

 

Просечно се трошат 111 евра по жител за набавки, во Теарце само 18 евра 

Во однос на вредноста на јавните набавки по жител, во 2023 година се потрошени просечно по 111 евра по жител, што е за 32 евра или за 60 % повеќе од претходната година. Поединечните општини потрошиле меѓу 18 и 920 евра по жител.

Најмногу пари за јавни набавки по жител во 2023 година одделила Општина Дојран, дури 920 евра. Општината имала поголеми инфраструктурни проекти, како што се санација и реконструкција на колекторски систем, изградба на пречистителна станица и слично.

На второ место е  Општина Новаци, со 449 евра која стандардно се наоѓа меѓу општините чија вредност на набавките по жител е најголема во земјава.

Следуваат општините Карбинци и Конче со 358, односно 349 евра по жител.

50 општини, пак, во 2023 година одделиле помалку од 100 евра по жител за јавни набавки.

јн

На дното е Општина Теарце, со само 18 евра по жител, а пред неа Ѓорче Петров со 24 и Виница со 29 евра по жител. 

Со исклучок на Општина Центар, останатите скопски општини и Градот Скопје имаат јавни набавки по жител под 100 евра. Од нив најслабо стојат општините Ѓорче Петров, Кисела Вода, Шуто Оризари и Градот Скопје кои одделуваат само по триесетина евра по жител за јавни набавки.

 

Третина од буџетите оди за набавки, некаде само 8 % 

Во однос на тоа колкав дел од буџетите на општините се парите што се трошат за јавни набавки, просечното учество е 27 % од консолидираните буџети на општините.

Сепак, треба да се има предвид дека дел од општините имаат склучено и повеќегодишни договори за јавни набавки и дека плаќањата на обврските од договорите за јавни набавки што се склучени во последните месеци од 2023 година ќе се финансираат од буџетите од наредната година. Оттука, јавните набавки во некои општини имаат повисок удел во тековните буџети од реалното. Најеклатантен пример за тоа е Општина Дојран која во 2023 година склучила јавна набавка за санација и реконструкција на колекторскиот систем вредна 117 милиони денари колку што речиси и е целиот реализиран буџет за тековната 2023 година, така што уделот на јавните набавки во реализираниот буџет на општината изнесува 144 %. Високи удели на вредноста на јавните набавки во реализираните буџети имаат и општините Карбинци со 62 % и Арачиново со 51%.

Во однос на уделот на вредноста на јавните набавки во буџетите на општините, состојбата е следнава: 

  • Вредност на јавни набавки поголема од 30 % од буџетот имаат 26 општини.
  • 27 општини трошат на јавни набавки од 20 % до 30 % од буџетот.
  • 25 од општините имаат удел во буџетите од 10 % до 20 %.
  • Минимални износи за јавни набавки како удел од буџетот имаат општините Виница, Теарце и Македонски Брод кои на јавни набавки трошат од 8 % до 9 % од нивните буџети.

 

Вредноста на набавките по жител, како и уделот на вредноста на јавните набавки во општинските буџети се дел од параметрите кои можат да се видат на ниво на сите единици на локалната самоуправа во Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2023 година

 

26 % од вредноста на сите јавни набавки на општините завршиле кај десет фирми

Во 2023 година локалните власти склучиле договори за јавни набавки со 1.245 фирми, што укажува на мал пораст во поглед на бројот на фирми со кои биле склучени договорите во однос на 2022 година, кога договорите биле склучени со 1.184 компании.

Првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавните набавки имаат удел во вкупната вредност на набавките од 26 %, што е за 2 процентни поени помалку од уделите на најголемите 10 добитници во 2022 година.

Како и во 2022 година, и во 2023 година листата на првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините ја предводи Енерџи Деливери Солушнс ЕДС Скопје, којашто има склучено 54 договори со вкупна вредност од 727 милиони денари, односно околу 11,8 милиони евра. Оваа компанија склучила договори за набавка на електрична енергија со Градот Скопје и 40 општини.

На второ место е компанијата Бауер БГ Скопје со склучени 2 договори во вредност од 520 милиони денари, односно околу 8,5 милиони евра. Станува збор за договори склучени за втората фаза од изградбата на клучката на булевар Словенија за вкрстување со Булевар Никола Карев и за изградба на улица „Љубљанска“. 

На трето место е ЈУ-БАЈ 2 Амет Скопје. Со оваа фирма општините склучиле вкупно 7 договори во вредност од 255 милиони денари или 4,1 милиони евра. Шест од седумте договори фирмата ги склучила со Општина Липково и еден Општина Сарај.

јн

Најголемиот поединечен договор за јавна набавка склучен од страна на единиците за локална самоуправа во 2023 година е оној на Градот Скопје со Бауер БГ во вредност од 472 милиони денари, односно 7,7 милиони евра, за изградба на клучката на булевар Словенија за вкрстување со булевар Никола Карев.

Вториот тендер по големина во 2023 година е склучен од Град Скопје, и тоа во вредност од 200 милиони денари (3,2 милиони евра), за набавка на електрична енергија со фирмата Енерџи Деливери Солушнс ЕДС. 

Третиот според вредност тендер на локално ниво е на Општина Сарај склучен со фирмата ЈУ-БАЈ 2 за набавката за водоснабдување на селата Рашче, Копаница, Бојане, Буковиќ и Ласкарци, КО Копаница, КО Бојане (Вонград), КО Рашче (Вонград), КО Рашче во општина Сарај во вредност од 172 милиони денари, односно 2,8 милиони евра.

 

Концентрација на една фирма во набавките 

Кај дури 12 општини една фирма има удел во набавките на општината повеќе од 50 %.

Локалните самоуправи кај кои само една фирма има добиено половина од вкупните набавки на  општината за 2023 година се: Вевчани, Демир Хисар, Дојран, Желино, Кратово, Липково, Пласница, Прилеп, Радовиш, Сарај, Теарце и Центар Жупа.

Кај повеќе од половина од општините или 55 %, една третина од спроведените јавни набавки во 2023 година ги реализирала само една фирма.

Воочувањето концентрација на една фирма во јавните набавки на одделните општини е и една од главните придобивки на оваа база на податоци за јавните набавки на општините бидејќи овозможува јасен и визуелен приказ на состојбите. Целта на овој податок е да ги алармира локалните власти да преземат активности во насока на стимулирање на конкуренцијата, како и, по можност, поделба на тендерите на делови наспроти нивно окрупнување. 

Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2023 година содржи филтри за пребарување за сите фирми кои имаат склучено договор за јавна набавка. Прегледот овозможува да се види бројот и вредноста на договорите, како и општините со кои се склучени тие договори. Пребарувањето на општините и на фирмите овозможува да се дојде до релевантни сознанија за евентуалната концентрација на одредени фирми во тендерите на одредена единица на локалната самоуправа, што во дадени случаи може да биде последица на реални состојби на пазарот, а во други – да упатува на нелојална доминација на одредени фирми.

 

*     *     *

 

Ова истражување се спроведува во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на ова истражување е одговорност на издавачот и на авторите и не ги одразува ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.