ИТНИТЕ ЈАВНИ НАБАВКИ ПОВРЗАНИ СО ЗАШТИТА ОД КОРОНАВИРУСОТ COVID-19

  • 06/04/2020

База на склучени итни договори поврзани со Covid-19

Состојбата со новиот коронавирус Covid-19 и прогласената вонредна состојба во земјава наметнуваат потреба од итни набавки на стоки, услуги и работи поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата од овој вирус. Овие набавки, во согласност со Законот за јавни набавки, се спроведуваат со директно преговарање со фирмите, односно преку постапка со преговарање без објавување оглас, за што на институциите не им е потребно ни претходно мислење од Бирото за јавни набавки.

Вонредноста на состојбата, општиот недостиг на неопходните производи и брзината со која се спроведуваат набавките го зголемуваат ризикот од корупција при примената на оваа, и онака нетранспарентна постапка за јавна набавка. И добавувачите, знаејќи дека институциите се во тесно и немаат голем избор, можат да го искористат овој период за зголемување на цените над вообичаените и реалните.

За да се стесни просторот за можна злоупотреба на и онака скромните јавни ресурси, потребно е да се вложат максимални напори за зголемување на транспарентноста, отчетноста и рационалноста на овие набавки. 

Главни наоди 

v  Заклучно со 5 април 2020 година, објавени се вкупно 17 известувања за склучен договор и 12 одлуки дека е направен избор на најповолна понуда и дека ќе се склучи договор. Со оглед на малиот број договори за кои се доставени информации до Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), се отвора прашањето дали институциите ја почитуваат законската обврска – известувањата за склучените договори и самите договори да ги објават во рок од десет дена од склучувањето на договорот. Важноста од објавувањето на овие два документи произлегува оттаму што тие се единствениот извор на информации за овие набавки, за кои, во согласност со Законот за јавни набавки, не се објавува ниту оглас, ниту тендерска документација. 

 v  Во половина од склучените договори за итни набавки се преговарало само со една фирма. Разбирливо е дека итноста од одредени набавки во дадени ситуации ги оневозможува институциите во преговорите да вклучат повеќе фирми. Но, и во овие вонредни околности треба да се вложуваат максимални напори и да се настојува во преговорите да се вклучат повеќе добавувачи како единствена гаранција дека јавните пари ќе се трошат рационално. Ексклузивноста во преговарањето го зголемува ризикот да се набавува по цени што се повисоки од разумните.  

 v  Се забележува дека цените за слични производи се значително различни во зависност од тоа дали институцијата преговарала само со еден понудувач или вклучила повеќе понудувачи од кои го избрала најповолниот. Така, на пример, една институција купила хируршки трослојни маски за 32 денари, а друга -  обични маски за 35 денари. Првата вклучила 8 понудувачи, а втората само еден. Некоја институција, пак, платила 3,9 денари за една заштитна ракавица, иако најчестата малопродажна цена на ракавиците дури и во вакви пазарни услови изнесува 3,5 денари.

 v  Дел од објавените договори за итните набавки не содржат детален опис на набавените производи, со што се оневозможува проверка на рационалноста на потрошените пари. Имено, има договори во коишто стои само дека се набавиле „маски“ или „ракавици“, без да се прецизира за какви точно станува збор бидејќи, во зависност од видот и од нивните карактеристики, цената може многу да варира. Така, на пример, само кај маските, прави разлика дали се хируршки, платнени, повеќеслојни, за една или за повеќе употреби.  

vБидејќи рокот на испорака е еден од најзначајните елементи во овие набавки, од клучно значење е строгото придржување кон кратките рокови што се наведени во договорите, коишто во две третини од анализираните договори се „веднаш“, а во сите останати не се подолги од три дена. 

Препораки

Имајќи предвид дека се очекува итните набавки поврзани со новиот коронавирус да бидат пообемни и по број и по вредност, а јавните ресурси ограничени, особено е важно институциите да настојуваат да ја добијат најдобрата вредност за потрошените пари. За таа цел, следењето на досегашните набавки упатува на потребата од следниве препораки: 

v  Навремено да се објавуваат известувањата и склучените договори за набавките поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата од вирусот COVID-19, најдоцна десет дена од склучувањето на договорот;

 v  Да се информира јавноста и за одлуките за склучување договори за итна набавка, преку објавување и на т.н. известување за доброволна претходна транспарентност;

 v  Да се вклучуваат повеќе фирми во преговарањето, бидејќи причината за преговарање е итноста, а не заштитата на ексклузивното право на одредени фирми;

 v  Да се искористи процесот на преговарање за постигнување разумни цени и да не се склучуваат договори со нереално високи цени;

 v  Да се дава прецизен опис на набавените производи во склучените договори за да се овозможи увид на јавноста во оправданоста на постигнатите цени;

 v  Да се почитуваат роковите на испорака на набавените производи имајќи предвид дека токму итноста на набавките ја оправдува примената на оваа постапка на директно договарање;

 v  Детално да се образложуваат причините за секоја набавка во одлуката за набавката за да се оправда дека договорниот орган не можел да ја предвиди набавката, немал време за примена на други постапки и дека околностите за крајната итност во никој случај не можат да ѝ се припишат на институцијата што набавува. 

 Итните набавки поврзани со новиот коронавирус и ризиците од корупција

Имајќи ја предвид новонастаната состојба со новиот коронавирус Covid-19 и прогласената вонредна состојба во земјава, се укажува потреба од серија непланирани јавни набавки на стоки, услуги и работи поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата од новиот коронавирус Covid-19.

Со оглед на сериозноста на ситуацијата и прогласената вонредна состојба во земјата, а во согласност со членот 55 став (1) г од Законот за јавните набавки (Сл. весник на РМ 24/19), овие набавки се спроведуваат според постапката со преговарање без објавување оглас: „...доколку поради крајна итност, предизвикана како резултат на настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди, роковите за другите постапки не може да се применат. Околностите со кои се оправдува крајната итност во никој случај не смеат да бидат такви за да му се припишат на договорниот орган.“

Исто така, иако за набавките што се спроведуваат со постапката со преговарање без објавување оглас треба да се добие претходно мислење од Бирото за јавни набавки, овие набавки можат да се спроведуваат директно, без претходно обезбедено такво мислење од Бирото за јавни набавки, а во согласност со член 55 став (6), којшто гласи: „По исклучок на ставот (5) од овој член, договорниот орган нема обврска да добие претходно мислење пред да спроведе постапка со преговарање без претходно објавување оглас врз основа на став (1) точка г) од овој член доколку директно се загрозени безбедноста, животот и здравјето на луѓето.“

Имајќи го сево ова предвид, и Бирото за јавни набавки издаде известување до договорните органи на 17.03.2020 година потврдувајќи ја погоре опишаната состојба: „Ги известуваме сите договорни органи кои треба да извршат набавки во постапка со преговарање без објавување оглас од причини од крајна итност, дека набавките кои се директно поврзани со епидемијата од COVID-19 вирусот можат да ги реализираат без претходно да бараат мислење од Бирото за јавни набавки, согласно со членот 55 став (6) од Законот за јавните набавки, а со цел потребите да се задоволат во најкус можен рок без какво било одлагање. Потребно е причините соодветно да се образложат во одлуката за јавна набавка. Останатите барања за мислење согласно член 55 став 5 од Законот за јавните набавки треба да се доставуваат по пошта до архивата на Бирото.“

Поради сево ова, притоа имајќи предвид дека постапката со преговарање без оглас и онака е најмалку транспарентна постапка, а во тие рамки итните набавки со себе носат уште поголем ризик од корупција поради брзината со која се спроведуваат и фокусот на јавноста врз други прашања, уште повеќе се наметнува потребата од засилен мониторинг на спроведувањето на овие набавки. Ова уште повеќе поради и онака ограничените ресурси во земјава, како и потребата секој денар јавни пари да биде искористен на најрационален можен начин.

 

Исто така, три други прашања особено се наметнуваат во услови на итни набавки. Првото е дали цените по коишто се набавуваат производите се разумни и според пазарните услови, бидејќи во вакви услови постои зголемен ризик тие да бидат неразумно високи. Второ, дали се почитува рокот на испорака на набавените стоки, услуги и работи бидејќи навременоста на испораката е клучен фактор во услови на криза, а и причина за итната набавка. Трето, дали секој договорен орган детално ја образложил причината за набавката со сите елементи – вид, количина, квалитет и рок, како што тоа го бара законот.

 

* * *

Центарот за граѓански комуникации ќе ги следи итните набавки поврзани со новиот коронавирус за навремено да детектира одредени слабости во процесот и да даде придонес кон нивно надминување, а со цел рационално искористување на ограничените јавни ресурси во земјава.

Овој бриф е прв од планираната серија извештаи кои ќе се објавуваат периодично.