Трошоци за зимско одржување за сезоната 2015/2016

  • 31/01/2016

Центар за граѓански комуникации

За справување со снегот и мразот годинава ќе се потрошат над 5 милиони евра

Доминантни се трошоците за користење на механизација и на работници од приватни фирми наспроти трошоците за набавка на индустриска сол и ризла за истурање по патиштата и улиците.

За ангажирање на механизација од приватни фирми за чистење на улиците и патиштата од снег, како и за набавка на индустриска сол и ризла, во зимската сезона 2015-2016 година, ќе се потрошат околу 313 милиони денари јавни пари односно над 5 милион евра. Ова се дополнителни трошоци, покрај оние за редовно буџетско финансирање на работењето на државните и локалните јавни претпријатија чија основна дејност е токму одржувањето на патишта и улици.

Според истражувањето во кое се опфатени 78 постапки за јавна набавка за зимско одржување, во петте милиони евра вкупни трошоци за оваа намена, доминантни се трошоците за користење на механизација и на работници од приватни фирми наспроти трошоците за набавка на индустриска сол и ризла за истурање по патиштата и улиците. Ангажирањето механизација за чистење на улиците од снег во која најчесто спаѓаат камиони со снежен плуг и соларка, булдожери, ровокопачи и слично чини околу 3,8 милиони евра. За набавка на индустриска сол и ризла пак ќе се потрошат околу 1,4 милиони евра. 

Најмногу пари за зимско одржување ќе потрошат ЈП Македонија пат, Градот Скопје и Општина Тетово.

Само ЈП Македонија пат, кое е задолжено за одржување и заштита на магистралните и регионални патишта и чија задача е и нивно зимско одржување, вкупно ќе потроши околу 2,9 милиони евра за чистење на патиштата од снег. Ова е дури 56% од сите пари што се трошат за оваа намена на ниво на државата. Од нив, 1,7 милиони евра ќе бидат наменети за плаќање на механизација и работници за управување со неа, што ќе се изнајмува од други, приватни, фирми. 842 илјади евра Македонија пат ќе потроши за индистриска сол за истурање по улиците, а околу 316 илјади евра за ситен песок (ризла).

Град Скопје пак вкупно за зимската сезона 2015-2016 година ќе потроши 511 илјади евра, од кои 406 илјади за ангажирање на механизација од приватна фирма, а 105 илјади евра за набавка на индустриска сол за одржување на улици. Општина Тетово пак за зимско одржување на улиците и патиштата на нејзината територија ќе потроши 172 илјади евра, што е најголема сума на пари гледано на општинско ниво.

Најголеми договори за зимско одржување

Најголемиот поединечен договор за зимско одржување е на ЈП Македонија пат за набавка на 7.000 тони индустриска сол склучен со КИ-ЕМ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје во вкупна вредност од 842 илјади евра. Овој договор е на врвот на листата затоа што јавното претпријатие индустриската сол ја набавувало за сите подружници одеднаш и во еден тендер. За изнајмување на механизација за чистење на патиштата, како и за ризлата за секоја подружница се спроведувале посебни тендери и оттука нивните поединечени вредности се помали од онаа за солта.

Притоа, како што може да се види од листата на тендри за зимско одржување 7 од 10 најголеми договори за зимско одржување ги има склучено ЈП Македонија пат, и во нив покрај големиот тендер за набавка на сол се наоѓаат и договорите за изнајмување на механизација за подружниците. За Подружница Скопје, се изнајмува механизација за која ќе се платат 790 илјади евра, за Подружница Битола 315 илјади евра, за Подружница Штип сума од 190 илјади евра, за Подружница Велес 113 илјади евра и Подружница Автопат околу 102 илајди евра. Договорите за патни работи во зимски услови на државни патишта на ниво на петте подружници се склучени со фирмите НБ-ТРАНС СОМПАНУ ДОО Тетово и ПЕРПАРИМИ Нухи Реџепи ДООЕЛ увоз-извоз с.Долно Строгомиште Зајас.

На врвот на листата на постапки за јавни набавки за зимско одржување на улици се наоѓаат два договори на Град Скопје. Првиот е за ангажирање на 15 специјални возила со соларка и плуг за зимско одржување на сообраќајници на територија на Град Скопје за период од 24 месеци, од октомври 2015 до септември 2017 година, во вкупна вредност од 50 милиони денари односно 813 илјади евра. Оттука, во табеларниот приказ на договорите за одржување во зимската сезона 2015-2016 година, е вклучен износ од 25 милиони денари, односно половина од вкупната вредност на договорот. Градот Скопје специјалните возила ги изнајмува од фирмата АПОЛО ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ експорт-импорт с.Шишево Скопје. Во однос на солта пак Градот Скопје купил 1.300 тони сол од истата фирма како и ЈП Македонија пат, КИ-ЕМ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје.

Гледано на ниво на општини зимското одржување најмногу пари ќе ја чини Општина Тетово, која има склучено два договори за оваа намена. Притоа договорот за зимско одржување на улици и патишта на територијата на Општина Тетово за зимска сезона 2015/2016 со НБ-ТРАНС СОМПАНУ ДОО Тетово изнесува 8,5 милиони денари односно околу 138 илјади евра, додека пак договорот со трговско друштво ИР ГРУП КОНСТРУКТ ДООЕЛ експорт-импорт Тетово изнесува 2.089.308 денари односно околу 34 илјади евра.

Следна на листата на договори според нивната вредност по Општина Тетово е соседната Општина Гостивар со договор за зимско одржување на улици во вредност од 96 илјади евра. Во групата на општини чии договори се движат во вредносна рамка од 50 илјади до 100 илјади евра се Гази Баба, Центар, Кисела Вода, Прилеп, Карпош, Кавадарци и Крива Паланка.

Трошоци за зимско одржување на улици по региони

Доколку се исклучат договорите на ЈП Македонија пат која е задолжена за одржување на магистралните и регионални патишта , гледано по региони најмногу пари за одржување на улиците ќе се потрошат во Скопскиот регион, а најмалку во Југоисточниот регион. 

Регион Вредност во евра
Скопски 993.259
Полошки 355.311
Пелагониски 289.847
Југозападен 213.657
Вардарски 130.211
Источен 114.901
Североисточен 67.677
Југоисточен 27.873

 

Притоа, во Скопскиот регион за зимско одржување на улиците од страна на Градот Скопје и на 11 од вкупно 17 општини колку што ги опфаќа регионот, ќе се потрошат околу 1 милион евра. Следува Полошкиот Регион каде доминантен дел од општините предвидуваат трошоци за зимско одржување и тоа во вкупен износ од околу 355 илјади евра. Во Пелагонскиот регион договори за зимско одржување на улици имаат сите општини или нивните локални комунални претрпијатија, со исклучок на општина Долнени, и тие вкупно изнесуваат 289 илади евра.

Во Југозападниот регион, каде вредносно доминираат договорите на општините Кичево, Струга и Охрид вкупно ќе се потрошат 213 илјади евра. Во Вардарскиот регион 4 од вкупно 9 општини имаа договори за зимско одржување на улици и тоа во вкупен износ од 130 илјади евра. Во Источниот регион пак 8 општини ќе потрошат околу 115 илјади евра.

Под прагот од 100 илјади евра се два региони, Североисточниот и Југоисточниот. Притоа во Североисточниот регион само две општини имаат трошоци за зимско одржување, и тоа Крива Паланка и Старо Нагоричани во вкупен износ од околу 68 илјади евра. Убедливо најмалку пари за зимско одржување на улици ќе се потрошат во Југоисточниот регион каде само две од вкупно десет општини трошат пари за оваа намена, и тоа Гевгелија и Радовиш во вкупен износ од околу 28 илјади евра.

Во листата на договорите за зимско одржување кај опшините евидентирани се и три договори кои се склучени со локални јавни претпријатија. Имено, Општина Кичево за зимско одржување на локалните патишта и улици има склучено три договори, од кои два со приватни фирми, а еден со ЈПКД Комуналец Кичево. Поединечната вредност на договорите не е прецизирана во известувањата за склучен договор. Понатаму, Општина Крива Паланка има склучено договор со јавно претпријатие за комунални услуги КОМУНАЛЕЦ ц.о. Крива Паланка во вредност од 57 илјади евра, а Општина Македонска Каменица со ЈП Камена Река - Македонска Каменица во вредност од 38 илјади евра. Нејасно е зошто овие општини воопшто и спроведувале тендер кога нивните локални претпријатија се основани за таа дејност.

Фирми кои добиле најмногу договори за зимско одржување

Од листата на 78 договори за јавни набавки за зимско одржување, за 53 договори во вкупна вредност од 4,6 милиони евра веќе се знаат имињата на фирмите со кои се склучени. За помалите по вредност договори (25) се уште не се јавно достапни информациите со кои фирми се склучени и за нив во листата се дадени проценетите вредности, кои вкупно изнесуваат 460 илјади евра.

Од анализата на склучените договори произлегува дека бизнисот за зимско одржување на патиштата и улиците го добиле вкупно 34 фирми, но главниот дел од парите се кај првите 10 фирми. Станува збор за фирми кои што вкупно склучиле 35 договори, во вкупна вредност од околу 4,1 милиони евра.

 

Реден број Економски оператор Број на договори Вредност во евра
1 КИ-ЕМ експорт-импорт Скопје 13 1.180.479
2 НБ-ТРАНС СОМПАНУ ДОО Тетово 4 1.030.350
3 ПЕРПАРИМИ ДООЕЛ с. Долно Строгомиште Зајас 3 617.296
4 АПОЛО ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ с. Шишево Скопје 1 406.504
5 ДИМАКС РУДНИЦИ ДООЕЛ Сопотница, Демир Хисар 3 295.211
6 АНИЗОР ДООЕЛ с. Шишево Сарај 3 227.642
7 РЕКА ИНТЕРНАЦИОНАЛ ДООЕЛ Скопје 2 96.286
8 МАГНУМ ТРАНС Р ДООЕЛ Гостивар 1 95.935
9 ЈА-МИ експорт-импорт ДООЕЛ Кавадарци 2 70.797
10 БИЛД-ИНГ ДОО Скопје 2 70.369

 

Листата ја предводи фирмата КИ-ЕМ експорт-импорт Скопје, која склучила 13 договори за продажба на индустриска сол и ризла во вкупна вредност од околу 1,2 милиони евра. Втора е фирмата НБ-ТРАНС СОМПАНУ ДОО Тетово која има два договори со ЈП Македонија пат, и еден договор со Општина Тетово во вкупна вредност од 1 милион евра. На трето место е ПЕРПАРИМИ ДООЕЛ с. Долно Строгомиште Зајас која сите три договори во вкупна вредност од 617 илјади евра ги има склучено со со ЈП Македонија пат. На четврто место е АПОЛО ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ с. Шишево Скопје која го има склучено договорот за ангажирање на механизација со Град Скопје во вредност од 406 илјади евра. ДИМАКС РУДНИЦИ ДООЕЛ Сопотница, Демир Хисар е на петто место со договори во вкупна вредност од околу 300 илјади евра и кај неа сите три договори се склучени со ЈП Македонија пат. Следува фирмата АНИЗОР ДООЕЛ с. Шишево Сарај која има исто така склучено три договори за зимско одржување на улици и тоа со скопските општини Центар, Кисела Вода и Карпош во вкупен износ од 227 илјади евра. На седмо место е исто така фирма која има договори со скопски општини. Станува збор за фирмата РЕКА ИНТЕРНАЦИОНАЛ ДООЕЛ Скопје која има склучено договори за зимско одржување на улици со општините Гази Баба и Бутел во вкупна вредност од 96 илјади евра. На листата следува фирмата МАГНУМ ТРАНС Р ДООЕЛ увоз извоз Гостивар која има склучени договор со Општина Гостивар во вредност од околу 96 илади евра. На деветто место е кавадречката фирма ЈА-МИ експорт-импорт ДООЕЛ со два договори и тоа со општините Кавадарци и Росоман во вкупна вредност од околу 71 илјада евра. Првата десетка ја заокружува фирмата БИЛД-ИНГ ДОО Скопје, со договори со две скопски општини, Гази Баба и Бутел во вкупна вредност од 70 илјади евра.

Методолошки пристап

Основа за пресметка на трошоците на институциите за зимско одржување на патишта и улици се податоците добиени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Во истражувањето се опфатени тендерите на сите институции на централно и локално ниво спроведени во текот на 2015 година за зимско одржување. Предмет на анализа беа 78 постапки за јавна набавка. Притоа за 53 тендери податоците се добиени од известувањата за склучените договори или од евиденцијата на постапките со барање за прибирање на понуди за второто полугодие од 2015 година. Додека за 25 тендери податоците се добиени од огласите за јавни набавки и за нив се користи проценета вредност на трошоците за зимско одржување.

 

Договори за зимско одржување за сезоната 2015/2016

 

 

Ова истражување на Центарот за граѓански комуникации е објавено на интернет страницата prizma.mk 
во рамки на Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор.