Анализа на контролата на Државниот завод за ревизија во државните претпријатија
Пристап до ревизорските извештаи за 30 најголеми државни претпријатија во периодот 2004-2018 година
Државниот завод за ревизија, во последните 15 години, спровел само 110 ревизии во државните претпријатија што е 8,7% од вкупно спроведените 1.264 ревизии во овој период. Во овие 110 ревизии се вбројуваат сите видови на проверки, односно финансиска ревизија, ревизија на усогласеност, тематски ревизии и ревизии на успешност. Предмет на 110-те ревизии посветени на државните претпријатија биле 60 претпријатија, односно 42% од вкупниот број. Доминантен дел од претпријатијата (58%), односно 82, немале ревизорска контрола ниту еднаш во изминатите 15 години.
Инаку, државната ревизија е задолжителна еднаш годишно само на Буџетот на државата и на буџетите на фондовите, додека на другите субјекти на ревизија се врши во рокови утврдени со Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Оттука, со право се наметнува потребата од анализи и проценки околу изборот на субјектите кои се предмет на ревизија. Притоа, тргнувајќи од стојалиштето дека ревизијата на работењето на институциите од јавниот сектор треба да овозможи подобрување на управувањето со јавните ресурси, целта на оваа анализа е да се утврди обемот на контролата врз државните претпријатија. Ова е особено значајно прашање ако се има предвид дека 142 претпријатија во државна сопственост (127 се јавни претпријатија основани од Владата, Собранието и од општините, а 15 се акционерски друштва) имаат годишни приходи од околу 800 милиони евра во 2017 година.
Гледано по години, најголемиот број контроли биле направени во 2008 година кога 13 претпријатија биле субјекти на ревизија, а најмал во 2018 година кога на листата за контрола е само едно претпријатие (Јавно радиодифузно претпријатие Македонска Радиотелевизија).
Потребно е да се нагласи дека само еден дел од овие 110 ревизии се однесувале на проверка на финансиските извештаи (дали финансиските извештаи вистинито и објективно ја искажуваат состојбата и резултатот од работењето) и ревизии на усогласеност (утврдување на усогласеноста на субјектот со законите, подзаконските акти и интерни акти), а дел од ревизиите се однесувале само на сегменти од работењето. Се мисли на ревизии на успешност (како на пример ефикасност и ефективност на системот на финансиско управување и контрола на внатрешната ревизија), наменски ревизии (како на пример начинот на спроведување на јавните набавки) и ревизии за проверка на примената на препораките кои субјектот ги добил при последната контрола од страна на Државниот завод за ревизија.
Анализата на податоците покажува дека во периодот 2004-2018 година максималниот број на ревизии спроведени во едно претпријатие е четири. Притоа четири ревизии, сметајќи ги сите видови ревизии се спроведени само во седум државни претпријатија. Станува збор за Јавното претпријатие за државни патишта (вклучени се и ревизии направени во Агенција за државни патишта од каде произлезе ова јавно претпријатие), АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Македонска радио-телевизија, Службен весник, како и скопските јавни претпријатија: Водовод и канализација, Паркови и зеленило и Улици и патишта.
Изборот на претпријатија како субјекти на ревизии е нејасен особено ако се има предвид односот кон најголемото претпријатие, АД Електрани на Северна Македонија. Во периодот од 2004 до 2018 година во ова претпријатие била спроведена само една финансиска ревизија и тоа во 2007 година за работењето во 2006 година. Во меѓувреме била направена само ревизија на усогласеност на начинот и постапките за доделување на договори за јавни набавки кои имале реализација во 2011 година. Загрижувачки е што и во двете ревизорски контроли се констатирани незаконски и ненаменски користења на средствата. Извештаите се достапни на линковите објавени во ексел приказот даден во прилог на оваа анализа.
Од односот на ДЗР кон АД Електрани може да се заклучи дека големината на капиталот со кој се располага, како и пропустите во работењето констатирани во претходна контрола не се земаат како битни фактори за ревизија на еден субјект. Ова е секако загрижувачки и ја наметнува потребата од ревидирање на досегашниот однос на Државниот завод за ревизија.
Дека на државните претпријатија им е потребен засилен надзор говори и примерот со второрангираното по големина државно претпријатие, Јавното претпријатие за државни патишта. По контролата спроведена во 2016 година државните ревизори не изразиле мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2015 година, а за активностите, финансиските трансакции и информации рефлектирани во финансиските извештаи во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики изрази негативно мислење.
Кај треторангираното по големина претпријатие АД МЕПСО, последната ревизија е направена во 2017 година и во неа ревизорите изразиле негативно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2016 година, како и за усогласеноста на активностите, финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива.
Негативно мислење во однос на вистинитото и објективно прикажување на финансиската состојба во финансиските извештаи за 2010 година е изразено и за Македонски шуми при последната контрола од страна на ДЗР.
Сите овие наоди говорат дека малиот број на контроли од страна на Државниот завод за ревизија не се сразмерни ниту на големината на капиталот со кој располагаат овие претпријатија, ниту со наодите кои се констатирани при последните контроли.
Ваквите состојби наметнуваат потреба од преиспитување на досегашниот начин на контрола на работењето на државните претпријатија во државна сопственост. Се чини дека е неопходно да се најде начин за поголема контрола со оглед на тоа што станува збор за вкупно 142 претпријатија кои располагаат со околу 800 милиони евра и вработуваат околу 28 илјади луѓе.
Во прилог на оваа анализа изготвена е ексел матрица во отворен формат во која се дадени линковите до сите ревизорски извештаи за спроведените 60 контроли во 30 најголеми претпријатија во државна сопственост.
Оваа анализа е спроведено во рамките на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис сектор“, финансиран од Европска Унија. Содржината на анализата е единствена одговорност на Центарот за граѓански комуникации и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.
[1] Анализата според годишните програми за работа на ДЗР упатува на заклучок дека во периодот 2004-2018 година претпријатијата биле субјекти на 107 ревизии.