Дури 36 државни фирми ја завршиле 2017 година со загуба
Финансиски резултати на претпријатијата за 2017 година
Анализата на финансиските резултати на компаниите во државна сопственост што ја изработи Центарот за граѓански комуникации според податоците за 2017 година преземени од Централниот регистар покажува дека профит оствариле 86 државни фирми, додека загуба имало кај 36 државни претпријатија. Профитот изнесува 141 милиони евра додека загубите 30 милиони евра. Нето ефектот е позитивен и изнесува 111 милиони евра.
Компаниите во државна сопственост во текот на 2017 година инкасирале вкупно 791,4 милиони евра приходи од работењето, што е за 6,2% повеќе во споредба со годината претходно, покажуваат податоците за вкупно 118 фирми од јавниот сектор анализирани во оваа база на податоци. Од нив, 66 работеле подобро од претходната година, односно ги зголемиле приходите, додека пак, 52 државни фирми ги намалиле приходите.
Во исто време, овие 118 државни фирми направиле расходи во вредност од 686,6 милиони евра што е намалување за 3,8% на годишно ниво.
Анализата на финансиските резултати на овие компании што ја изработи Центарот за граѓански комуникации според податоците за 2017 година преземени од Централниот регистар покажува дека сите државни фирми во земјава во текот на 2017 година искажале нето добивка од 111 милиони евра, што е четири пати повеќе отколку резултатот остварен во 2016 година.
Сепак оваа розова слика во голема мерка произлегува од пресметковно подобрување на приходите, односно од позитивни курсни разлики, а не од некое реално подобрување на перформансите од работењето. Ова пред сѐ се однесува на ЈП за државни патишта кое своите финансиски приходи за 2017 година ги зголемило за 78 пати поради позитивните курсни разлики од кинескиот кредит за изградба на автопатите. Инаку, приходите од редовното работење му се зголемиле за само 2,3%.
Од вкупно 118 државни претпријатија, дури 82 ја завршиле минатата година со добивка додека, пак, загуба искажале 36 од нив. Тоа значи дека секое трето државно претпријатие лани ја завршило со загуба.
Вкупната добивка на профитабилните изнесува 140,6 милиони евра додека, пак, загубите на оние фирми што искажале негативен финансиски резултат изнесуваат 29,6 милиони евра.
Во сите државни фирми на крајот од 2017 година работеле 27.981 луѓе, што е намалување на бројот на вработени за околу 2% во споредба со 2016 година.
Најголеми државни фирми
На врвот на ранг-листата на државни претпријатија според големината на приходите што ги оствариле во 2017 година веќе неколку години по ред е АД ЕЛЕМ со приходи од речиси 219 милиони евра, но во споредба со 2016 година тие се намалени за 3,4%.
Второ според висината на приходите е рангирано ЈП за државни патишта со инкасирани 146,3 милиони евра, што е за 41,6% повеќе отколку во 2016 година.
Ако се анализира подетално финансискиот извештај на ова претпријатие произлегува дека зголемувањето на вкупните приходи главно се должи на порастот на финансиските приходи за дури 78 пати за една година, на 41,2 милиони евра. Зголемувањето на финансиските приходи според објаснувањето од претпријатието доаѓа од позитивните курсни разлики остварени со кредитот земен во долари од кинеската Ексим банка за изградба на два автопати во земјава. Така што зголемените приходи се всушност само пресметковна операција.
На трето место е рангирано државното акционерско друштво МЕПСО со приходи од 89,9 милиoни евра, коишто за една година се зголемени за 7,1%.
На четврто место е Македонски шуми со приходи од 27,9 милиони евра, коишто на годишно ниво бележат пораст од 4,86%, а по него е Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) со приходи од 27,4 милиони евра, коишто на годишно ниво бележат пораст од 9% во споредба со 2016 година.
Во првите десет најголеми државни компании се рангирани и ЈП Водовод и канализација со приходи од 24,6 милиони евра, но намалени за 6,4%, потоа АД Македонска пошта со инкасирани 19,7 милиони евра или 10,9% помалку отколку во 2016 година, ЈП Комунална хигиена со 19,6 милиони евра односно 5,3% помалку на годишно ниво, Македонски железници - Транспорт со 19,2 милиони евра или за 3,4% помалку од годината претходно и Македонска радиотелевизија со приходи од 16,9 милиони евра, намалени за 12,8% на годишно ниво.
Произлегува дека дури шест од десетте најголеми државни фирми лани имале помали приходи во споредба со 2016 година, додека кај три инкасираната сума е поголема.
Инаку, приходите на првите десет државни фирми зафаќаат 78% од вкупните приходи на сите 118 претпријатија.
Во однос на висината на расходите на врвот е најголемата државна фирма и според приходите, односно АД ЕЛЕМ. Вкупните трошоци на оваа компанија во 2017 година изнесуваат 209 милиони евра и се намалени за 1% на годишно ниво.
По неа е рангирано уште едно претпријатие од енергетскиот сектор, АД МЕПСО, со расходи од 77,3 милиони евра намалени за 4,8%, а трето на табелата е ЈП за државни патишта со потрошени 56,4 милиони евра, за 14,8% помалку отколку во 2016 година.
Во првите десет државни претпријатија со најголеми расходи се и Македонски железници - Транспорт со потрошени 27,4 милиони евра, Македонски шуми со потрошени 26,7 милиони евра, ЈСП со речиси 26,2 милиони евра, Македонска пошта со потрошени 22,7 милиони евра, Водовод и канализација со 22,4 милиони евра, ЈП за железничка инфраструктура со 20,8 милиони евра и Комунална хигиена со потрошени 18,4 милиони евра.
Првите десет најголеми потрошувачи помеѓу јавните претпријатија заедно потрошиле вкупно 507,3 милиони евра, односно 74% од сите расходи на фирми во јавниот сектор.
Државни фирми со најголеми добивки
Најголема добивка лани остварило Јавното претпријатие за државни патишта, и тоа од 84,2 милиони евра што е за два и пол пати поголема во споредба со 2016 година. Добивката искажана во билансот на успех на ова претпријатие главно доаѓа од пресметковно прикажување на поголеми финансиски приходи од позитивните курсни разлики во текот на минатата година од земен кредит во долари, што не значи дека претпријатието ги инкасирало тие приходи на сметка ниту пак дека реално располага со парите од искажаната добивка.
Второ на листата е АД Државна лотарија на Македонија со профит од 18,8 милиони евра или 35 пати поголем отколку во 2016 година.
АД МЕПСО ја завршило минатата година со добивка од 11,3 милиони евра што е четири и пол пати повеќе во споредба со годината претходно.
Другата државна компанија од енергетскиот сектор, АД ЕЛЕМ е рангирана на четвртото место на табелата со добивка од 8,6 милиони евра, но е за 37% помала отколку во 2016 година.
Со добивка над 3 милиони евра, следно на ранг листата е јавното претпријатие ХС Злетовица и со тоа ја надмина загубата од претходните две години.
Овие пет државни фирми прават дури 90% од целиот профит остварен од компаниите во јавниот сектор.
Во првите десет со најголеми добивки се рангирани и АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор со профит од 2,1 милиони вера, потоа Водовод и канализација Скопје со 22 пати зголемена добивка од 1,7 милиони евра, Комунална хигиена којашто искажа профит од речиси 1,3 милиони евра, ЈП Улици и патишта, со добивка од 1,2 милиони евра што е 79 пати поголема отколку во 2016 година и Македонски шуми со профит од 1,1 милиони евра, зголемен за 32 пати на годишно ниво.
Државни фирми со најголеми загуби
Двата најголеми загубари меѓу државните фирми доаѓаат од железничкиот сектор.
Со загуба од околу 8,2 милиони евра, прво на табелата е акционерското друштво Македонски железници - транспорт кое што и претходните три години исто така прикажуваше негативни финансиски резултати. Во споредба со 2016 година, сепак, загубата е намалена за 27%.
Загубата на ЈП за железничка инфраструктура Македонски железници, пак, за лани изнесува 7,2 милиони евра и е намалена за 10,3% на годишно ниво.
Следно на листата е ЈП Стрежево Битола, кое како и претходните две, повеќе од четири години се во загуби. Лани, ова претпријатие искажа минус од 3,7 милиони евра.
По неколку години скромни добивки, минатата година загуба од 3 милиони евра искажа и АД Македонска пошта, а потоа следува акционерското друштво за аеродромски услуги Аеродроми на Македонија, со минус од 1,9 милиони евра.
Во првите десет најголеми загубари се вбројуваат и меѓуопштинското јавно претпријатие Проаква Струга со минус од околу 950 илјади евра, ЈКП Тетово со загуба од околу 770 илјади евра, ЈП Лисиче Велес со загуба од 600 илјади евра, АД ГТЦ со минус од 550 илјади евра и ЈП Нискоградба Битола со минус од 530 илјади евра.
Државни фирми и бројот на вработувања
Вкупниот број на вработени во претпријатијата во државна сопственост во 2017 година, според податоците доставени во Централниот регистар, изнесува 27.981 и е намален за 567 луѓе односно 2% на годишно ниво.
Како што може да се види од ранг-листата на претпријатија според бројот на вработени, најголем работодавач е АД ЕЛЕМ со вкупно 4.847 вработени и овој број е зголемен за 37 луѓе или 0,8% во споредба со 2016 година.
Анализата покажува дека од вкупно 118 државна компанија, 55 го намалиле бројот на вработени, кај 27 останал непроменет, додека кај 36 има зголемување на бројот на работници.
Најголема промена е евидентирана кај ЈП Македонски шуми, каде што минатата година бројот на работници се намалил за 153 луѓе, односно 6,5%.
Во првите 10 претпријатија во државна сопственост според бројот на вработени доминираат претпријатија во државна сопственост наспроти локалните претпријатија каде се најдоа само скопските ЈСП, Комунална хигиена и Водовод и канализација. Притоа значајно е да се нагласи дека во топ 10-те државни фирми кои се најголеми работодавачи се ангажирани 58% од вкупно вранотените во фирмите во државна сопственост.
Истражувањето ги опфаќа сите претпријатија во државна сопственост (јавни претпријатија и акционерски друштва) основани од Владата или од општините и Град Скопје кои доставиле годишна завршна сметка до Централниот регистар на Република Македонија. Во рамките на ова истражување се направени рангирања на 118 државно претпријатие според критериумите - вкупни приходи, расходи, остварени финансиски резултати и број на вработени.
Ова истражување е спроведено во рамките на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис сектор“, финансиран од Европска Унија. Содржината на истражувањето е единствена одговороност на Центарот за граѓански комуникации и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.