Десет општини потрошиле за јавни набавки колку сите други заедно
Нафтениот дистрибутер Пуцко Петрол и градежните компании Бауер БГ од Скопје и НБ-Цомпану од Тетово се на врвот на листата според вредноста на добиените тендери од општините.
Општините и Градот Скопје во 2017 година склучиле 2.737 договори за јавни набавки во вкупна вредност од 4,9 милијарди денари, односно 80 милиони евра. Вредноста на набавките на стоки, услуги и работи од страна на единиците на локална самоуправа во 2017 година е помала од претходната година за дури 62 милиони евра. Падот на вредноста на јавните набавки на локално ниво од 44% е поголем од вкупниот пад на вредноста на набавките во земјата од 35% (од 962 милиони во 2016 година на 624 милиони евра во 2017 година). Причината за намалувањето на вредноста на јавните набавки меѓу другото може да се бара и во одржувањето на локалните избори.
Градот Скопје е на врвот и според бројот и според вредноста на договорите. Притоа, во 2017 година Скопје склучило 153 договори за јавна набавка во вредност од околу 10 милиони евра што е за 6 милиони евра помалку од претходната година.
На дното пак, според бројот на договори е општина Градско, а според вредноста на договорите општина Пласница. Имено, Градско има склучено само 3 договори во вредност од околу 56 илјади евра, а Пласница пак има 4 договори, но во вредност од само 21 илјада евра. Притоа две општини, Ранковце и Шуто Оризари немале ниту еден договор за јавна набавка.
Дури 58% од парите за јавни набавки во 2017 година се потрошени за работи, потоа 26% за услуги и само 16% за набавка на стоки.
Сиве овие податоци произлегуваат од Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2017 година изработена од Центарот за граѓански комуникации, во која се вклучени вкупно 2.737 договори на општините склучени со 1.048 фирми.
Град Скопје, Аеродром и Куманово потрошиле најмногу
Базата на податоци за јавните набавки открива голем јаз помеѓу општините. На 10-те општини со најголема вредност на тендерите отпаѓаат повеќе од половина од парите односно околу 42 милиони евра. Од друга страна, 53 општини имаат поединечен удел во вкупната вредност на општинските тендери помал од 1 процент. Ова секако говори дека доминантен дел од општините не располагаат со пари за да можат да градат или да ги поправаат улиците, како и да работат на разни други проекти насочени кон подобрување на условите за живот на локалното население.
На врвот на листата очекувано е Градот Скопје. Иако во 2017 година градот потрошил на јавни набавки 37,5% помалку отколку во 2016 година, сепак ја засилил својата доминација. Со потрошените 10 милиони евра Скопје има удел од 12,4% во вкупните пари потрошени од единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) за јавни набавки во 2017 година, наспроти 2016 година кога со потрошените 16 милиони евра, Скопје имаше удел од 11,2% од вкупната вредност на општинските тендери.
Втора на листата според вредноста на склучените договори за јавни набавки лани е скопската Општина Аеродром со потрошени 4,7 милиони евра или 5,9% од вредноста на сите општински тендери. Со ова Аеродром ги престигна скопските општини Центар и Карпош кои во 2016 година беа пред неа и го заземаа второто и третото место. Оваа промена е резултат на тоа што Аеродром имала раст во вредноста на јавните набавки во 2017 година и тоа од 4,1 милион евра во 2016 година на 4,7 милиони евра односно за 14,4%. Од друга страна, пак, најголемите падови во вредноста на тендерите ги имале Општина Центар со 76,6% односно од 13,2 милиони евра потрошени во 2016 година на 3,1 милион евра во 2017 година и Општина Карпош со пад од 73,7% односно од 10,8 милиони евра во 2016 година на 2,8 милиони евра во 2017 година. Оттука овие општини сега се на осмото и деветто место според вредноста на потрошените пари за јавни набавки.
На третото место, пак, според вредноста на тендерите во 2017 година е општина Куманово со потрошени околу 4,4 милиони евра што е за 20,7% помалку од 2016 година.
Четврта на листата, како и во 2016 година е Битола, со потрошени околу 4 милиони евра што е за дури 61,6% помалку од 2016 година. На петтото и шестото место се Тетово со 3,9 милиони евра и Гази Баба со 3,8 милиони евра за јавни набавки. Следните две места им припаѓаат на споменатите Центар и Карпош, а во првите десет се рангирани уште и општините Штип со тендери во вкупна вредност од 2,8 милиони евра и општина Велес со 2,4 милиони евра.
Ако се исклучат двете општини кои немале ниту еден договор за јавна набавка, а тоа се Ранковце и Шуто Оризари, на дното на листата според вредноста на тендерите се Зрновци и Пласница. Притоа, Зрновци во 2016 година на јавни набавки потрошила 35 илјади евра, а Пласница 21 илјада евра.
Десет фирми се носители на 22% од вредноста на општинските тендери
Првите 10 фирми кои имаат најголема вредност на тендерите во 2017 година имаат учество од 22% во вкупната вредност на набавките на општините. Гледано од аспект на ризикот од концентрацијата на тендерите кај мал број на фирми може да се констатира подобрување во однос на претходните години. Имено, во 2016 година првите 10 фирми со најголема вредност на тендерите имаа учество од дури 30%, а во 2015 година тој удел изнесуваше 29%.
На врвот на листата според вредноста на склучените договори во текот на 2017 година е компанијата Пуцко Петрол од Пласница која склучила 29 договори за продажба на нафтени деривати на општините во вкупна вредност од околу 3 милиони евра. Во споредба со претходната година произлегува дека Пуцко Петрол ја дуплирал вредноста на јавните набавки (во 2016 година вредноста на договорите на овој трговец на нафтени деривати изнесувала 1,5 милион евра).
На второ место според вредноста е градежната компанија Бауер БГ која во 2016 година беше прва. Притоа, во 2017 година оваа компанија склучила 13 договори во вкупна вредност од 2,3 милиони евра што е за 68,5 помалку од 2016 година кога биле склучени 33 договори во вредност од 7,3 милиони евра.
Третото место ѝ припадна на тетовската градежна компанија НБ-Цомпану која во 2016 година беше на деветтото место според вредност на договорите за јавни набавки. Според податоците од базата за јавни набавки на општините произлегува дека НБ-Цомпану има склучено 4 договори и тоа сите со Општина Тетово и тоа во вкупна вредност од 2 милиони евра.
На четврто место е скопската фирма БОМИНГ Оливер и др. која има склучени пет договори со Градот Скопје за јавна набавка на реквизити за забавен парк. Притоа сите пет договори во вкупна вредност од 1,9 милиони евра се од една иста постапка за јавна набавка.
На петто место е друштво за завршни и занаетчиски работи во градежништвото ИЗОЛАЦИЈА Дамјан Силјановски и др. од Скопје кое има склучено 18 договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,7 милиони евра.
Во групата од 10 фирми со најголемо учество во тендерите на општините се уште и фирмите Универзал Градба Струмица (1,5 милиони евра), Оли-Травел Куманово (1,4 милиони евра), ЈУ-БАЈ 2 Амет Скопје (1,3 милиони евра), Адра Скопје (1,2 милион евра) и Коле-Транс Инжињеринг (1,2 милиони евра).
Гледано според бројот на склучени договори за јавни набавки на врвот се Макпетрол Скопје со 39 договори, потоа Рики-Јуниор Кочани со 35 договори и Пуцко Петрол со 29 договори за јавни набавки.
За подетални сознанија Базата на податоци за јавни набавки на општините овозможува пребарување на сите фирми поединечно.
Општина Новаци на врвот на јавни набавки по жител
Споредено со бројот на жители, произлегува дека минатата година општините потрошиле по 39 евра по жител, што е намалување од 30 евра во однос на 2016 година. Според вредноста на општинските тендери во однос на бројот на жители на врвот во 2017 година е Новаци со потрошени 305 евра по жител, по што следува Македонска Каменица со 119 евра по жител. Сите останати општини потрошиле помалку од 100 евра. Покрај општините Ранковце и Шуто Оризари кои не спровеле ниту една јавна набавка во 2017 година, на дното се и уште 9 општини каде вредноста на набавките е под 10 евра по жител и тоа Сопиште, Кривогаштани, Брвеница, Врапчиште, Берово, Желино, Пласница, Боговиње и Липково.
Оваа споредба најрелевантно отсликува која општина колку пари троши преку тендери бидејќи сосема логично поголемите општини во апсолутни износи имаат поголеми буџети и според тоа повеќе пари за јавни набавки.
Базата на податоци за јавните набавки во општините е изработена според податоците превземени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН).
Оваа база на податоци за јавните набавки на општините во Република Македонија за 2017 година е овозможена со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) преку Проектот за граѓанско учество во Македонија. Оваа содржина е одговорност на Центарот за граѓански комуникации и не ги изразува ставовите на УСАИД или Владата на САД.