Странски туристи има сe повеќе, но не колку што имало пред осамостојувањето
2016 година е по многу параметри клучна за македонскиот туризам. Во оваа година, бројот на туристи за прв пат по осамостојувањето надмина половина милион. Според проценките, пак, ако не беше кризата во 2001 година, токму во 2016 година, бројот на странски туристи би можел да достигне 1 милион.
Бројот на странски туристи во Македонија во 2016 година, за прв пат по осамостојувањето на земјата, надмина половина милион луѓе. Но, со ова, бројот на странски посетители го достигна само нивото од 1977 година кога за прв пат бројот на странски туристи во земјава надминал половина милион.
„Златни години“ за македонскиот туризам биле оние од 1977 до 1990 година, кога земјата годишно ја посетувале по повеќе од 500.000 странски гости. Максималниот број е достигнат во 1987 кога во Македонија дошле рекордни 689.016 странски посетители.
По оваа година следи намалување на бројот на странски туристи, кој, особено рапидно опаднал во 1990 година кога се намалил само на 294.323 луѓе. Рекорно најнизок број на странски туристи во последните шеесетина години дошле во „воената“ 2001 година – само 98.946 луѓе. Иако оттогаш наваму овој број постојано расте, тој е сѐ уште значително под бројките што се остварувани во „златното доба“ за туризмот, кога земјата уште била дел од поранешна Југославија.
Имајќи предвид дека бројот на странски туристи во годините по 2001 расте со просечна годишна стапка од 11%, може да се процени дека, ако не би била кризата во 2001 година, бројот на странски туристи сега би достигнал еден милион годишно. Сепак, ако бројот на странски туристи и натаму го бележи овој пораст, проценката е дека нивото од еден милион туристи годишно би се достигнал некаде по 2023 година.
Секој петти гостин е од Турција.
Во последните шест години кои се предмет на подетална анализа во ова истражување, најмногу странски туристи во земјава (половина од вкупните) дошле од пет земји – три соседни и Турција и Холандија.
20% од сите странски гости, или секој петти странски турист е од Турција од каде само во 2016 година дошле 105.738 луѓе. Според бројноста следуваат туристите од соседните Србија, Грција и Бугарија, а потоа од Холандија.
Дури седум од првите десет земји од кадешто доаѓаат најмногу туристи се соседни или земји од регионот. Останатите три се Холандија, Германија и Полска.
Топ 10 земји на припадност на странските туристи во Македонија
Од земјите од поранешна Југославија, најмногу туристи има од Србија, 50.145 во 2016 година, а најмалку од Црна Гора, односно 5.755 во 2016 година.
Сите пет соседни земји се меѓу првите десет според бројот на посетители во Македонија.
Бројот на туристи во последните шест години се намалува само од шест земји (од оние за кои постојат одделни податоци). Најзначително намалување на бројот на туристи во овој период има од три земји од соседството и тоа: Грција, Хрватска и Словенија.
Од 1960 година наваму, странците ноќеваат само по два дена
Она што е најинтересно од анализата на податоците за странските туристи е што и покрај ваквите движења и осцилации, уште од 1960 наваму, односно во текот на анализираните 57 години, просечниот број на ноќевања по еден турист останува непроменет, односно секој странски турист во просек во земјава се задржува само по две вечери. Просечниот број на ноќевања во сиот овој период изнесува 2,2.
Најкратко, во целиот период од повеќе од педесет години, странците се задржувале во 1992 и 1993 година, по 1,7 ноќевања, а најдолго во 1962 и во 1999 година, по 2,6 ноќевања. Како и да е, оваа бројка никогаш во последните 67 години не достигнала 3.
Најмногу туристи во август, најмалку во јануари
Гледано по месеци, најмногу странски туристи има од мај до октомври. Максимумот се достигнува во август, кога бројот на странски туристи е за 50% поголем од просечниот во текот на целата година. Спротивно, најмалку посетуван месец е јануари, кога во земјава има за 50% помалку странски туристи од просекот во текот на годината.
Најмногу туристи во Скопје, но најмногу ноќеваат во Охрид
Од другите аспекти за кои постојат податоци, интересен е податокот дека дури 93% од странските туристи престојуваат во хотели, а маногу помал број (по околу 1,4%) во туристички апартмани и преноќишта.
Кога станува збор за местата што ги посетуваат, најмногу туристи доаѓаат во Скопје (39% од вкупните) и по езерата (34%). Сепак, иако најмногу туристи доаѓаат во Скопје, тие најмногу ноќеваат во крајезерските капацитети (43%), пред ноќевањата во Скопје (31%).
На планина доаѓаат и ноќеваат само по околу 4% од туристите.
Доаѓања и ноќевања на странски туристи по видови места (2011-2016)
За разлика од странските туристи чиј број од година во година постојано расте од 2001 година наваму, бројот на домашните туристи се движи со осцилации, односно осум години бележи раст, а седум намалување. Како и да е, во 2016 година во земјава се регистрирани 346.359 домашни туристи, бројка која сѐ уште е под нивото на домашните туристи пред кризната 2001 година (408.507 во 2000 година).
Она што е интересно е што иако пред шест години, односно во 2011 година имало по речиси ист број на домашни и странски туристи, во следните пет години бројот на странски туристи се зголемил за 56%, додека бројот на домашните туристи само за 8%.
Сепак, за разлика од странските туристи кои во земјава во последните повеќе од 50 години просечно се задржуваат по две ноќи, домашните туристи остваруваат просечно по 4,5 ноќевања.
Сиве овие податоци се од исклучителна важност не само за оние што се занимаваат со туризам, туку и за оние што ја креираат и планираат политиката на туризмот.
Сумирано, обработката на повеќегодишните податоци покажува дека:
- Земјава ја посетуваат по околу половина милион странски туристи годишно и нивниот број секоја година се зголемува за нови 9%;
- Историски, просечниот број на ноќевања на странските туристи изнесува 2 и тој никогаш не пораснал до 3 ноќевања во последните педесетина години;
- Најмногу странски туристи доаѓаат во Скопје, но најмногу ноќеваат во Охрид;
- Додека расте бројот на туристи од Турција, Бугарија, Албанија, Косово и Србија (земји со понизок животетн стандард), се намалуваат туристите од Грција, Словенија и Хрватска (земји со повисок животен стандард).
- Над 90% од странските туристи престојуваат и ноќеваат по хотели, чии капацитети се далеку од искористени. Само во хотелите има 17.000 легла дневно што би опслужило повеќе од 6 милиони туристи годишно, наспроти нивниот реален број од 850.000 (домашни и странски заедно);
- Бројот на домашни туристи се движи променливо со мал пораст во последната декада;
- Домашните туристи преспиваат по четири до пет ноќи, за разлика од странските кои имаат просечно по две ноќевања.
Истражувањето е спроведено преку обработка и анализа на податоците за туризам на Државниот завод за статистика.