Десет фирми се носители на 30% од општинските тендери

  • 21/06/2017

Општините и Градот Скопје во 2016 година потрошиле 8,7 милијарди денари, односно 142 милиони евра на јавни набавки, што е за околу 13% повеќе од претходната година.

Најголем број договори за јавни набавки склучила општина Карпош, дури 259, наспроти само еден договор за којшто известила општина Градско. Вредносно, на врвот и годинава е Градот Скопје со околу 16 милиони евра, но со значителен пад во однос на 2015 година од дури 38%. Сепак, произлегува дека едно од десет евра од општинските тендери е потрошено токму во Градот Скопје.

Доминацијата на мал број фирми во тендерите на локално ниво продолжува и во 2016 година и најдобро ја отсликува податокот дека првите десет фирми со најголемо учество во тендерите добиле дури 30% од вкупната вредност на јавни набавки на сите 80 општини и Градот Скопје, односно 42,2 милиони евра.

Околу три четвртини од парите се потрошени за работи, речиси 18% за услуги и само 8,5% за набавка на стоки.

Просечно, вредноста на еден склучен општински договор за јавни набавки лани изнесувала 35.718 евра, што е за 14% повеќе отколку во 2015 година.

Сиве овие податоци произлегуваат од Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2016 година изработена од Центарот за граѓански комуникации, во која се вклучени вкупно 3.973 договори склучени од општините со 1.255 фирми.

 

Град Скопје потрошил три пати повеќе од Куманово

Базата на податоци за јавните набавки на општините покажува дека Градот Скопје е на врвот според сумата на потрошените пари преку јавните набавки во 2016 година. Со потрошени 16 милиони евра, што е 11,2% од вкупната вредност на општинските тендери.

Втора на листата според вредноста на склучените договори за јавни набавки лани е скопската општина Центар каде што се потрошиле нешто повеќе од 13 милиони евра или 9,3% од вредноста на сите општински тендери, а потоа следува Карпош со речиси 11 милиони евра, односно 7,6% учество во вкупната сума потрошена за оваа намена кај сите општини.

Четврта на листата е Битола, со потрошени 10,4 милиони евра, односно 7,3% од вкупната сума, па потоа Куманово со 5,5 милиони евра, или 3,9% од вкупната вредност. Во првите десет се рангирани и општините Тетово со тендери од 5,1 милион евра, Гази Баба со 4,3 милиони евра, Аеродром со 4,1 милион евра, Гостивар со 3,9 милиони евра и општина Илинден со 3,7 милиони евра.

На дното, како според бројот на склучените договори, така и според вредноста е општина Градско, со вредност на тендерот од околу 13 илјади евра. Веднаш зад Градско се општините Лозово со вкупна вредност на тендерите до 17 илјади евра и Ранковце со околу 30 илјади евра потрошени преку јавни набавки.

Дури девет од десетте прворангирани компании што добиле најмногу пари од општинските тендери лани се од градежната индустрија.

На врвот според вредноста на склучените договори во текот на 2016 година е градежната компанија Вардарградба Скопје со вкупна вредност на тендерите од 588 милиони денари односно 9,5 милиони евра. Фирмата е добитник на 22 тендера од општините од кои вредносно најголеми се седумте тендери склучени со општина Центар за изведби и реконструкција на канализациони мрежи, улици и за изградба на основно училиште. Договорите помеѓу Вардарградба и општина Центар изнесуваат околу 7,5 милиони евра.

На второ место е лидерот од 2015 година, односно Бауер БГ Скопје. Но, иако ја загуби лидерската позиција, оваа скопска градежна компанија добила 33 тендери во вкупна вредност од 452 милиони денари (7,3 милиони евра), што е повеќе од лани кога имаше 25 тендери во вредност од 402 милиони денари. Најголем дел од тендерите на оваа фирма, дури 17, се склучени со Градот Скопје во вредност од 2,4 милиони евра, но сепак најголемиот е со општина Сопиште во износ од 2,3 милиони евра за изградба на систем за снабдување со вода за пиење.

Трета на листата според учеството во јавните набавки на општините е компанијата Гранит АД Скопје која има добиено 6 тендери со вкупна вредност од 399 милиони денари, односно околу 6,5 милиони евра. Оваа висока позиција  Гранит ја обезбедува преку тендерот за изградба на северната трибина на фудбалскиот стадион во Битола од околу 5,4 милиони евра. На четврто место е Жикол Струмица со добиен 31 тендер во вкупна вредност од 319 милиони денари, односно околи 5,2 милиона евра. Највредниот договор на оваа фирма во 2016 година е со Градот Скопје за изградба на забавен парк во Скопје.

Следува Пелагонија АД Гостивар со добиени 16 тендери во вредност од 165,5 милиони денари, односно околу 2,7 милиони евра. Половина од овие тендери Пелагонија ги добила од Градот Скопје од коишто највредниот од 1,1 милион евра за реконструкција на фасади на постојни објекти во централното градско подрачје и дури пет анекси договори.

Во групата од 10 фирми со најголемо учество во тендерите на општините се уште и фирмите Ескаватори-МК Скопје (2,4 милиони евра), Изолација Скопје (2,3 милиони евра), ЈУ-БАЈ 2 Амет Скопје (2,2 милиони евра), НБ-ЦОМПАНУ Тетово (2,1 милион евра) и Бетон Скопје (1,9 милиони евра).

Гледано според бројот на склучени договори за јавни набавки на врвот се Геинг Креин унд Кифер Интернешнл и др Скопје со дури 52 договори, потоа Техно-Шоп Гевгелија со 40 договори и Ескаватори-МК Скопје со 38 договори за јавни набавки.

За подетални сознанија Базата на податоци за јавни набавки на општините овозможува пребарување на сите фирми поединечно.

 

Во Сопиште потрошена рекордна сума по жител

Ако се спореди со бројот на жители, произлегува дека минатата година општините потрошиле по 69 евра по жител, што е зголемување за седум евра на годишно ниво.

Анализата на вредноста на општинските тендери во однос на бројот на жители, покажува дека најмногу пари по жител во текот на 2016 година се потрошиле во општина Сопиште, и тоа 475 евра.

Потоа следува општина Центар со потрошени речиси 292 евра по жител. Трета на листата е Демир Капија со потрошени околу 256 евра по жител.

Притоа, само 12 општини лани потрошиле над 100 евра по жител.

На дното на оваа листа, пак, се Градско со потрошени околу 3,8 евра по жител, потоа Арачиново со речиси 4 евра и Лозово со 6,6 евра по жител.

Оваа споредба најрелевантно отсликува која општина колку пари троши преку тендери, бидејќи сосема логично поголемите општини во апсолутни износи имаат поголеми буџети и според тоа повеќе пари за јавни набавки.

Базата на податоци за јавните набавки во општините е изработена според податоците преземени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Вкупно 12 општини, меѓу кои Брвеница, Валандово, Градско, Дебарца, Желино, Зелениково, Карбинци, Куманово, Липково, Пехчево, Пласница и Шуто Оризари, до крајот на февруари кога се изработуваше оваа База на податоци, немаа доставено евиденции на склучените договори за постапките со барање за  прибирање понуди (тендери во вредност од 500 до 20.000 евра) за второто полугодие од 2016 година кои согласно законскиот рок требало да ги достават до 31 јануари 2017 година.