Како работеа државните фирми во 2016 година?

  • 05/05/2017

 

База на податоци - Финансиски резултати на претпријатија во државна сопственост 2014-2016

 

 

Компаниите во државна сопственост минатата година оствариле вкупни приходи од 743,7 милиони евра што е за 5,6% помалку отколку во 2015 година, покажуваат податоците за вкупно 121 фирма од јавниот сектор опфатени во оваа база на податоци. Дури 50 од овие фирми минатата година оствариле пониски приходи отколку претходната година.

Анализата на податоците за овие компании преземени од Централниот регистар, што ја изработи Центарот за граѓански комуникации, покажува дека од вкупно 121 државно претпријатие, дури 31 ја завршило минатата година со загуба, додека пак добивка прикажаа 90 од нив. Тоа значи дека минатата година секое четврто државно претпријатие ја завршило со загуба. Вкупните загуби на овие претпријатија се 35,4 милиони евра, додека пак вкупната добивка на профитабилните изнесува 62,7 милиони евра.

Во сите државни фирми на крајот од 2016 година работеле 28.457 луѓе, што е речиси непроменет број во споредба со 2015 година.

Најголеми државни фирми

 

На врвот на ранг-листата на државни претпријатија според големината на приходите што ги оствариле во 2016 година убедливо е АД ЕЛЕМ со приходи од 226,7 милиони евра кои што се намалени за 13,3% во однос на 2015 година.

Второ според висината на приходите е рангирано ЈП за државни патишта, со инкасирани 103,3 милиони евра, што е за 8,8% повеќе отколку во 2015 година.

На трето место е АД МЕПСО со приходи од 83,9 милини евра, но во споредба со годината претходно, се намалени за 1,4%.

На четврто место е ЈП Македонски шуми, со приходи од 26,6 милиони евра, кои што на годишно ниво бележат намалување за 7,9%, а по него е скопски Водовод и канализација со приходи од 26,3 милиони евра, кои што се зголемени за 13%.

Во првите десет најголеми државни компании се рангирани и Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), со инкасирани 25 милиони евра, АД Македонска пошта со приходи од околу 22 милиони евра, Комунална хигиена со 20,7 милиони евра, Македонски железници - Транспорт со речиси 20 милиони евра и Македонска радиотелевизија со приходи од 19,3 милиони евра.

Седум од десетте најголеми државни фирми лани имале помали приходи во споредба со 2015 година, додека кај три инкасираната сума е поголема. Приходите на првите десет државни фирми зафаќаат речиси 80% од вкупните приходи на сите 121 претпријатие.

Во однос на висината на расходите на врвот е најголемата државна фирма и според приходите, АД ЕЛЕМ. Вкупните трошоци на оваа компанија во 2016 година изнесуваат 211 милиони евра и се намалени за 16,3% на годишно ниво.

По него е рангирано уште едно претпријатие од енергетскиот сектор, АД МЕПСО, со расходи од 81 милиони евра, а трето на табелата е ЈП за државни патишта со потрошени 66,3 милиони евра.

Во првите десет државни претпријатија според расходите се и Македонски железници - Транспорт со расходи од 31,2 милиони евра, Македонски шуми со потрошени 26,5 милиони евра, Водовод и канализација со 25,7 милиони евра, ЈСП со речиси 24 милиони евра, Македонски железници - Инфраструктура со 22,1 милиони евра, Македонска пошта со 22 милиони евра и Комунална хигиена со потрошени 18,2 милиони евра.

Државни фирми со остварени најголеми приходи

 

Најголема добивка лани остварило Јавното претпријатие за државни патишта, 33,6 милиони евра, која што е зголемена за 277% во споредба со годината претходно.

Второ на листата е АД ЕЛЕМ со добивка од 13,7 милиони евра, која е двојно повисока од 2015 година. Трет на ранг листата е лидерот од минатата година, АД МЕПСО, со добивка од 2,5 милиони евра, но истата е намалена за дури 78% на годишно ниво.

Во првите десет со најголеми добивки се рангирани и Комунална хигиена - 2,1 милиони евра, потоа АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за републиката со 1,4 милиони евра, Македонска радиотелевизија со профит од 1,1 милиони евра.

Потоа следува ЈСП со профит од нешто повеќе од еден милион евра, па меѓуопштинското јавно претпријатие за снабдување со вода за пиење, Проаква Струга, со добивка од 787 илјади евра, Македонска радиодифузија со 750 илјади евра и Комуналец Гостивар со добивка од 742 илјади евра.

Државни фирми со остварени најголеми загуби

 

Меѓу најголемите државни загубари на врвот на ранг листата е АД Македонски железници - Транспорт кое прикажа негативен финансиски резултат од 11,2 милиони евра, односно продлабочување на загубата за една година за околу 14 пати.

Второ на табелата е најголемиот загубар од лани, јавното претпријатие за извршување водостопански дејности, ХС Злетовица Пробиштип чиј што биланс на успех покажува минус од 8,5 милиони евра.

Со загуба од над 8 милиони евра, трето на листата со најголеми загуби е Македонски железници - Инфраструктура.

Потоа следуваат ЈП Стрежево Битола со загуба од 3,7 милиони евра, АД за аеродромски услуги Аеродроми на Македонија со минус од над 2 милиони евра.

Првите пет на оваа табела, заедно направиле 95% од вкупната загуба на сите претпријатија загубари.

Во првите десет најголеми загубари се и ЈП за водостопанство Лисиче Велес со загуба од 674 илјади евра, јавното комунално претпријатие Тетово, со минус од 280 илјади евра, ЈП Градски паркинг со загуба од околу 130 илјади евра, ЈП Куманово гас со загуба од 105 илјади евра и ЈП паркинзи на Општина Центар со негативен финансиски резултат од 95 илјади евра.

Државни фирми и бројот на вработувања

 

Вкупниот број на вработени во претпријатијата во државна сопственост во 2016 година, според податоците доставени во Централниот регистар, изнесува 28.457 и е намален за 0,08% на годишно ниво.

Како што може да се види од ранг-листата на претпријатија според бројот на вработени, најголем работодавач е АД ЕЛЕМ со вкупно 4.810 вработени и овој број е зголемен за 6,3% во споредба со 2015 година.

Анализата покажува дека од вкупно 121 државна компанија, 39 го зголемиле бројот на вработени, кај 29 останал непроменет, додека кај 53 има намалување на бројот на работници.

Во првите 10 претпријатија во државна сопственост според бројот на вработени доминираат претпријатија во државна сопственост наспроти локалните претпријатија каде се најдоа само скопските ЈСП, Комунална хигиена и Водовод и канализација.

Истражувањето ги опфаќа сите претпријатија во државна сопственост (јавни претпријатија и акционерски друштва) основани од Владата или од Советите на општините и Град Скопје кои доставиле годишна завршна сметка до Централниот регистар на Република Македонија. Во рамките на ова истражување се направени рангирања на 121 државно претпријатие според критериумите - вкупни приходи, расходи, остварени финансиски резултати и број на вработени.

Ова истражување е изготвено во рамките на проектот Истражувачко новинарство за поттикнување реформи.

 

 

 

Ова истражување е изготвено со финансиска поддршка од Европската Унија. За содржината на истражувањето единствено е одговорен Центарот за граѓански комуникации и тоа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.