Скопјани со најголеми, а Крушевчани со најмали можности за здравствена заштита во земјава

  • 05/02/2024

 База на податоци за здравствена заштита 

  • Има огромни разлики во можностите за здравствена заштита на жителите на 30-те градови во земјава.
  • Подобро стојат големите, а полошо помалите градови. Но, меѓу малите градови најдобро стојат Виница и Делчево, а меѓу големите, најлошо стојат Кичево и Кочани.
  • Највисок степен на здравствена заштита уживаат жителите на главниот град Скопје, додека најмалку можности за соодветна здравствена заштита имаат жителите на Крушево.
  • Покрај Скопје, на врвот на листата се и Битола и Штип, додека на дното, покрај Крушево се и Македонски Брод, Валандово и Крива Паланка. 

Големи се разликите меѓу 30-те здравствени региони во земјава кога станува збор за можностите, односно степенот на здравствена заштита што можат да ја добијат жителите на овие региони.  Истражувањето, кое вклучува 22 индикатори, ги зема предвид човечките и просторните медицински капацитети што им стојат на располагање на жителите на овие региони како што се болници, здравствени домови, служби за заштита на жени, претшколски и школски деца, лекарски, специјалистички и друг здравствен кадар, но и општата и стапката на смртност на доенчиња.

На врвот на ранг-листата се големите градови како Скопје, Битола и Штип, сите со сличен степен на здравствена заштита што можат да ја добијат  нивните жители. Во горниот дел од листата се наоѓаат уште 8 други градови – освен Виница, сите исто така големи градови: Кавадарци, Велес, Тетово, Прилеп, Куманово, Струмица и Струга.

На дното се наоѓаат помалите градови. Последно е Крушево, каде можностите за здравствена заштита се неколкукратно помали отколку во кој било друг град во земјава. Покрај Крушево, со многу мали можности за соодветна здравствена заштита се и жителите на Крива Паланка, Валандово, Македонски Брод и Кратово.

Останатите градови се во средина на листата. Генерално, станува збор за помали градови, иако има и неколку поголеми како Гостивар, Охрид, Кичево, Кочани и Гевгелија.

Базата на податоци врз чија основа е спроведено истражувањето за рангирањето е дадена како прилог на истражувањето, во отворен формат, за натамошно и полесно користење. 

Примери

Следниве се само неколку примери за илустрација на состојбите и на разликите помеѓу градовите, а со цел да поттикнат натамошни истражувања, анализи и унапредување на состојбите. 

Еден од индикаторите со големи разлики меѓу градовите е број на деца на една служба за здравствена заштита на деца од 0 до 6 години. Овде најдобро стои Виница каде на 129 деца има една ваква служба или педијатриска амбуланта. Спротивно, најлошо стојат Охрид, Прилеп и Скопје каде една ваква служба има на повеќе од 3.000 деца на оваа возраст. Шест градови имаат ваква служба, но во неа нема лекари и мораат да патуваат во други градови за ваква услуга. 

 

Слична е и состојбата со број на жени на една служба за здравствена заштита на жени. Најдобро стои Берово со 1.388 жени на една ваква служба, додека најлоша е состојбата во Прилеп каде една ваква служба „покрива“ дури 36.000 жени. Три градови воопшто немаат ваква служба, односно гинеколог. 

 

Еден од најзначајните параметри за можностите за здравствена заштита е бројот на жители на една матична ординација, односно на една служба за општа медицина. Овде, најдобро стојат три градови – Делчево, Кавадарци и Берово – во сите по околу 1100 жители на една ваква служба. Спротивно, најлошо стојат Гостивар и Кичево со два и пол пати полош „скор“, односно Гостивар со околу 3000 жители на една матична служба и Кичево со повеќе од 2700 жители на една ваква служба.  

 

Кога станува збор за број на здравствени работници (главно медицински сестри) на еден лекар во секундарната здравствена заштита, најдобро стои Македонски Брод со 3 здравствени работници по лекар, додека најлошо стои Виница само со 0,7 сестри на еден лекар. Стандардот во оваа област е 2 сестри на еден лекар во секундарната здравствена заштита. 

 

„Топ“ 5 градови според можностите за здравствена заштита 

Скопје
Главниот град во земјава е прв според вкупно освоените бодови за степенот на здравствена заштита што им е на располагање на неговите жители. Првото место на Скопје, главно, се должи на тоа што во поширокиот скопски регион ги има сите видови и степени на здравствени установи, што не се случај со повеќето од другите градови во земјава. Сепак, главен недостиг на Скопје во смисла на можностите за здравствена заштита е што има голем број жители, поради што и некои од индикаторите кои се сведуваат по жител имаат помала вредност.

Битола
Со само неколку поени помалку од Скопје, Битола е втора на листата според можностите за здравствена заштита на нејзините жители. И Битола има широка мрежа на здравствени установи, но и добра кадровска екипираност со лекари, специјалисти, стоматолози и фармацевти.

Штип
Штип е на трето место на ранг листата, како најдобро рангиран град од Источна Македонија. Слично како Битола, и Штип има широка мрежа на здравствени установи, освен во примарната заштита и медицински единици на село. Градот стои добро според расположливоста за граѓаните на пунктовите за заштита на деца, младина, жени и за медицина на трудот.

Кавадарци
Кавадарци е најмал меѓу петте најдобро рангирани градови. Иако само со една општа болница, градот стои добро со екипираност со медицински персонал и расположливост со здравени установи за заштита на деца, младина, жени и медицина на трудот, но и со соодветни пунктови на село. Еден од негативните фактори е малиот број на расположливи болнички кревети.
 

Велес
Велес е рангиран на петтото место според можностите за здравствена заштита на жителите. Градот има добра мрежа на здравени установи, освен пунктови на село. Има добра екипираност со лекари и специјалисти, но мал број на здравствени работници во специјалистичко-консултативна дејност во секундарна здравствена заштита. Недостиг е и малиот број на расположливи болнички кревети според бројот на жители. 

Градови со намали можности за здравствена заштита

Крушево
Крушево е убедливо на последното место според ова рангирање на градовите според можностите за здравствена заштита, а направено врз основа на 22 индикатори кои се однесуваат на медицинските капацитети (човечки и просторни) кои им стојат на располагање на жителите на секој град. Во Крушево има најмалку лекари според бројот на жители, нема болнички постели, ниту пак служби за заштита на претшколски и школски деца и младина, жени и медицина на труд.

Крива Паланка
Крива Паланка е на претпоследното место според можностите за здравствена заштита. Иако има служби за претшколски и школски деца и младина, нема лекари, а нема ниту служба за медицина на трудот, а еден лекар и специјалист покриваат многу повеќе жители отколку во другите градови. Има само по една болничка постела на секои илјада жители.
 

Валандово и Македонски Брод
Валандово и Македонски Брод се веднаш пред Крушево и Крива Паланка според можностите за здравствена заштита на населението во овој град, со освоени ист број поени. Македонски Брод нема служба за школски деца и младина, и за жени. Двата града немаат служба за медицина на трудот. Двата града, од друга страна, стојат добро според бројот на лекари и специјалисти во однос на бројот на жители. 

Методолошки напомени и објаснувања

Истражувањето на степенот на здравствена заштита што им стои на располагање на жителите од 30-те македонски градови е направено врз основа на 22 одделни индикатори, избрани по спроведени консултации и анализа, како основни и релевантни за целта на истражувањето.

За изворни вредности на индикаторите се користени податоците од публикацијата „Здравствена карта на Република Северна Македонија 2021 година“ на Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија. За да се добие попрецизно рангирање на градовите, дел од вредностите се сведени по жител, а потоа сите вредности се индексирани.

Финалното рангирање е направено врз основа на композитен индекс од сите 22 индикатори. Вкупниот резултат за секој здравствен регион, на крајот, е изразен процентуално заради подобро разбирање на состојбата, но и на разликите меѓу регионите. Поединечните вредности се движат меѓу 0 % (што означува најнизок степен на здравствена заштита) и 100 % (што означува највисок степен на здравствена заштита).

Едно од главните ограничувања на истражувањето е што, поради сложеноста за обезбедување такви податоци, не го зема предвид степенот на снабденост на медицинските установи со опрема, лекови и медицински материјали, како и можностите за задоволување на специфичните потреби на жителите на секој здравствен регион.

Сите податоци се однесуваат за 2021 година како последна година за која има расположливи и обработени податоци. 30-те градови се всушност здравствени региони, поради што опфаќаат поголем број жители отколку самите градови. Центарот за граѓански комуникации ја става на располагање во отворен формат базата на податоци врз чија основа е спроведено истражувањето за рангирањето.

Во истражувањето се вклучени следниве индикатори:

-          Број на жители на еден лекар;

-          Број на жители на еден стоматолог;

-          Број на жители на еден фармацевт;

-          Број на жители на една служба за општа медицина;

-          Број на деца на една служба за здравствена заштита на деца од 0 до 6 години;  

-          Број на деца на една служба за здравствена заштита на училишни деца и младина;  

-          Број на жени на една служба за здравствена заштита на жени;

-          Број на вработени на една служба за медицина на трудот;

-          Мрежа на здравствени установи во примарна здравствена заштита (здравствени домови, здравствени станици и вонболнички стационари при здравствени домови);

-          Медицински единици на село;

-          Број на жители на еден здравствен работник со висока стручна подготовка во примарна здравствена заштита (лекар и специјалист);  

-          Број на жители на една патронажна сестра;  

-          Мрежа на здравствени установи во секундарната здравствена заштита – општи болници;

-          Мрежа на здравствени установи во секундарната здравствена заштита – клинички  болници;  

-          Мрежа на здравствени установи во секундарната здравствена заштита – центри за јавно здравје;  

-          Терциерна заштита;

-          Болнички постели на 1000 жители;  

-          Број на жители на еден специјалист;  

-          Број на здравствени работници со Виша и ССС во специјалистичко-консултативна дејност во секундарна здравствена заштита на еден лекар;

-          Број на жители на еден пункт за специјалистичко-консултативна дејност во секундарна здравствена заштита;

-          Стапка на смртност – вкупно морталитет на 100000 жители

-          Смртност на доенчиња – умрени доенчиња, стапка на 1000 живородени.