Пад на вредноста на општинските тендери за една третина

  • 22/08/2023

 

Вредноста на јавните набавки на 80-те општини и Градот Скопје во 2022 година е намалена за една третина, односно за 65 милиони евра во однос на 2021 година. Кон овој пад најмногу придонесува големото намалување на вредноста на јавните набавки на Град Скопје, чии набавки во 2022 година се намалени за дури 68 %, односно за 31 милион евра во однос на 2021 година. 80-те општини и Градот Скопје во 2022 година вкупно склучиле 3.508 договори за јавни набавки во вредност од 7,3  милијарди денари, односно 118 милиони евра. Ова значи дека помал дел од буџетските пари се инвестирани во стоки, добра и услуги кои можеле да придонесат кон подобрување на условите за живот на граѓаните. Единиците на локална самоуправа склучиле договори со 1.184 фирми, но четвртина од вкупната вредност на тендерите им припаднала само на 8 фирми. На врвот според вкупната вредност на договорите е снабдувачот со електрична енергија ЕНЕРЏИ ДЕЛИВЕРИ СОЛУШНС ЕДС ДОО Скопје, со вредност на договорите од 614 милиони денари, односно околу 10 милиони евра.

Овие податоци произлегуваат од Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2022 година, изработена од Центарот за граѓански комуникации, а која ги содржи податоците за сите 3.508 договори за јавни набавки склучени од Градот Скопје и 80-те општини. Базата е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а дава и графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Базата на податоци за јавни набавки на општините е изготвена за секоја година, од 2015 наваму.

Дури две третини од општините имаат пад на вредноста на набавките

Градот Скопје и 80 општини потрошиле 7,3 милијарди денари, односно 118 милиони евра за јавни набавки во 2022 година. Произлегува дека во 2022 година се потрошени дури 65 милиони евра помалку отколку во 2021 година.

Пад на вредноста на јавните набавки во 2022 година е забележан кај 54 општини и Градот Скопје. Притоа, на листата на единици на локалната самоуправа со најголеми падови на вредноста на јавните набавки, која ја предводи Градот Скопје со намалување на тендерите од 31 милион евра, се наоѓаат и скопските општини Центар и Гази Баба, со падови од по 5 милиони евра, потоа Гостивар, со пад од 4 милиони евра, и Тетово, со 3 милиони евра.  Останатите општини имаат намалување на вредноста на набавките под 3 милиони евра. 

javni nabavki 2022

Од друга страна, најголеми скокови во апсолутната вредност на тендерите во 2022 година имаат остварено општините Кисела Вода, со раст од 3,6 милиони евра, потоа Струмица, со 3,5 милиони евра, и Штип, со раст од 2,8 милиони евра. 

И покрај големиот пад, јавните набавки на Град Скопје се на врвот според вредноста и изнесуваат 916 милиони денари, односно околу 15 милиони евра. Но, за разлика од претходните години, кога уделот на јавните набавки на Градот Скопје изнесувал и до една четвртина од вкупните набавки на локалните власти, во 2022 година тој удел е намален на само 13 %. 

За падот на досегашната  доминација на скопските општини во однос на трошоците за јавни набавки говори и податокот дека во Градот Скопје и 10-те скопски општини се потрошени околу 40 милиони евра, што е половина од потрошеното во 2021 година во износ од 82 милиони евра. Поради овој пад, уделот на скопските општини и Градот Скопје во вкупните набавки е намален од 45 % во 2021 година на 33 % во 2022 година.  

Во првата десетка единици на локалната самоуправа со најголема  вредност на тендерите, зад Градот Скопје се Кисела Вода и Битола, со вредност од по речиси 7 милиони евра, потоа е Струмица, со 5,4 милиони, па Штип, со 4,8 милиони евра, Кавадарци, со 4,4 милиони евра,  Центар, со 4,2 милиони евра, Куманово, со 4,1 милион, Гостивар, со 4 милиони, и Гази Баба, со 3,4 милиони евра. За нерамномерноста меѓу општините говори податокот дека овие десет единици на локална самоуправа имаат вредност на набавките буквално колку преостанатите 71 општина заедно. 

Над еден милион евра имаат 30 општини, следни се 21 општина, со вредност на јавните набавки помеѓу половината и еден милион евра, потоа 21 општина имаат договори за јавни набавки во вредност од 200 илјади до 500 илјади евра и на крајот се 9 општини чии јавни набавки се вредносно под 200 илјади евра. 

На дното од табелата, со убедливо најмала вредност на јавните набавки, е Општина Вевчани, со само 50 илјади евра. Веднаш пред неа е Општина Лозово, со јавни набавки од 53 илјади евра, потоа општините Центар Жупа, Шуто Оризари и Старо Нагоричане, со набавки од 113 до 129 илјади евра.  

На јавни набавки по жител се потрошени од 5 до 392 евра

Просечно, на јавни набавки по жител во 2022 година се потрошени по 69 евра, што е за 15 евра, односно 18 %, помалку од 2021 година, кога просекот изнесуваше 84 евра по жител. На врвот во 2022 година e Општина Карбинци, со 392 евра вредност на јавните набавки по жител. Општината имала поголеми инфраструктурни проекти, како што се санација на мост на река Брегалница кај село Долни Балван, регулација и уредување на речно корито на Козјачка Река, како и реконструкција на улици. На второ место е Петровец, со 316 евра, потоа следуваат Општина Новаци, со 277 евра по жител, Општина Дојран, со 167 евро, и Општина Росоман, со 164 евра. Сите останати општини имаат вредност на јавните набавки помали од 150 евра по жител. 

На дното е Општина Шуто Оризари, со само 5 евра по жител, а пред неа Врапчиште, со 17, и Сарај, со 20 евра по жител.  

Гледано во однос на консолидираните буџети на единиците на локалната самоуправа, произлегува дека, просечно, на јавни набавки во 2022 се потрошени 19 % од консолидираните буџети на општините и на Градот Скопје. Висок удел од 30 % до 62 % од буџетот трошат само 10 општини, по што следуваат 23 општини кои на јавни набавки трошат од 20 % до 30 % од буџетот, а најголем дел од општините, односно 35, имаат удел во буџетите од 10 % до 19 %. На дното се 13 општини во кои на јавни набавки се трошат од 3 % до 9 %.

 Вредноста на набавките по жител, како и уделот на вредноста на јавните набавки во општинските буџети се дел од параметрите кои можат да се видат на ниво на сите единици на локалната самоуправа во Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2022 година.

Расте концентрацијата на локалните тендери кај мал број фирми

Во 2022 година локалните власти склучиле вкупно 3.508 договори за јавни набавки со 1.184 фирми, што укажува на мал пораст во поглед на бројот на фирми со кои биле склучени договорите во однос на 2021 година, кога договорите биле склучени со 1.157.

Анализата на податоците укажува на раст на концентрацијата на тендерите кај мал број фирми. Првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавните набавки имаат удел во вкупната вредност на набавките од 28 %, што е за 4 процентни поени повеќе од уделите на најголемите 10 добитници во 2021 и 2020 година.

Листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините во 2022 година ја предводи ЕНЕРЏИ ДЕЛИВЕРИ СОЛУШНС ЕДС ДОО Скопје, којашто има склучено 42 договори, со вредност на договорите од 614 милиони денари, односно околу 10 милиони евра. Оваа компанија склучила договори за набавка на електрична енергија со Градот Скопје и 39 општини.

БИТЕМ ДООЕЛ Скопје е на второ место, со склучени 8 договори во вредност од 245 милиони денари, односно околу 4 милиони евра. Станува збор за договори склучени за реконструкција и санација на улици во Градот Скопје и во шест општини. 

На трето место е ФУТУРЕ ЕНЕРЏИ ТРАЈДИНГ ЕНД ЕКСЧАЈНЏ ДИНАМИКС – Косово, од која исто така е купувана струја, како и од прворангираната ЕНЕРЏИ ДЕЛИВЕРИ СОЛУШНС ЕДС ДОО Скопје. Притоа, вредноста на договорите склучени со општините од страна на ФУТУРЕ ЕНЕРЏИ ТРАЈДИНГ ЕНД ЕКСЧАЈНЏ ДИНАМИКС – Косово изнесуваат 198 милиони денари, односно 3,2 милиони евра. 

jn

Најголемиот поединечен договор за јавна набавка склучен од страна на единиците за локална самоуправа во 2022 година е оној на Градот Скопје со ЕНЕРЏИ ДЕЛИВЕРИ СОЛУШНС ЕДС ДОО Скопје во вредност од 200 милиони денари, односно 3,2 милиони евра, за набавка на електрична енергија во период од една година. И вториот тендер по големина во 2022 година е склучен од Град Скопје, и тоа во вредност од 172 милиони денари (2,8 милиони евра) за изградба, реконструкција и покривање на Усјански канал – Прва фаза, со фирмата ЈУ-БАЈ 2 Амет Скопје. Третиот според вредност тендер на локално ниво е на Општина Штип, склучен со фирмата ТРИТЕРОЛ ПЕТРОЛ ДООЕЛ Скопје, за набавка на екстра лесно масло за домаќинство за потребите на зградата на ЕЛС, на основните општински училишта, на средните општински училишта и на градинките, во вредност од 165 милиони денари, односно 2,5 милиони евра.

И на ниво на одделни општини се забележува концентрација на една фирма со удел во набавките на една општина и до 50 %, а тоа да не е последица на малиот обем јавни набавки наспроти високи трошоци за набавка на електрична енергија. Висока концентрација на една фирма во вкупната вредност на јавните набавки е воочена кај општините Боговиње, Босилово, Василево, Дојран, Кавадарци, Илинден, Кисела Вода, Кичево, Свети Николе, Струмица и Штип. Воочувањето концентрација на една фирма во јавните набавки на одделните општини е и една од главните придобивки на оваа база на податоци за јавните набавки на општините бидејќи овозможува јасен и визуелен приказ на состојбите. Целта на овој податок е да ги алармира локалните власти да преземат активности во насока на стимулирање на конкуренцијата, како и, по можност, поделба на тендерите на делови наспроти нивно окрупнување. 

Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2022 година содржи филтри за пребарување за сите фирми кои имаат склучено договор за јавна набавка. Прегледот овозможува да се види бројот и вредноста на договорите, како и општините со кои се склучени тие договори. Пребарувањето на општините и на фирмите овозможува да се дојде до релевантни сознанија за евентуалната концентрација на одредени фирми во тендерите на одредена единица на локалната самоуправа, што во дадени случаи може да биде последица на реални состојби на пазарот, а во други – да упатува на нелојална доминација на одредени фирми.

 

Ова истражување се спроведува во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на оваа публикација е одговорност на издавачот и на авторите и не ги одразува ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.