Недостигаат 340 пожарникари, а возилата што ги возат се просечно стари по 27 години

  • 06/06/2023

База на податоци на противпожарни возила 2023

База на податоци за пожарникари 2023

 

Недостигаат 340 пожарникари, а возилата што ги возат се просечно стари по 27 години. За последните три години, противпожарниот возен парк се „подмладил“ само за една година. 

34-те противпожарни единици во земјава вкупно имаат 284 возила, од најразличен вид – оние што гаснат пожар, цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата.

Последното вакво истражување на Центарот за граѓански комуникации од 2020 година покажа дека тогаш во земјава имаше 241 возило, просечно старо 28 години. Ова значи дека во последните три години, зголемен е бројот на противпожарни возила, но староста е намалена само за една година. Сега има 284 возила, просечно стари 27 години. 

Во последните три години се расходувани 22 стари возила, а се набавени дополнителни 65 возила, но со просечна старост од 17 години. Поради тоа, просечната старост на сите противпожарни возила во земјава изнесува 27 години. Сепак, од 2020 година наваму, купени се или добиени се како донација дури 29 нови возила. 

Најстари возила, со просечна старост од 35 до 39 години имаат четири противпожарни единици. Неславното прво место го зазема новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане која има две возила, просечно стари 39 години. Следна, со просечно стари возила од 38 години е противпожарната едница во Кратово. 36 години просечна старост имаа возилата на валандовската противпожарна едница, а возилата на Крива Паланка се просечно стари 35 години.

Спротивно, најнов возен парк во земјава имаат противпожарните единици во Велес и Штип, чии возила се просечно стари по 12 години. Следните две единици, чии возила се просечно стари по 21 година се Берово и Демир Хисар, по кој следува Прилеп со просечна старост на возилата од 22 години.  

pp1

Најстаро противпожарно возило во земјава има Валандово – камион ТАМ од 1966 година, стар 57 години. По ТАМ-от на Валандово следат четири возила, само по една година помлади, произведени во 1967 година и тоа: два мерцедеси на Македонска Каменица и Битола, и по еден ТАМ и ФАП на Крива Паланка и Демир Хисар.

Точно половина од вкупно 284-те противпожарни возила се постари од 30 години, додека само 15 % од возилата се стари до 10 години. 

Од марките возила, најзастапени се камионите ФАП од кои има дури 50 возила, просечно стари 39 години. Следни се возилата Лада Нива од кои има 28, просечно стари 23 години. На трето место се 26 возила од марката ТАМ, просечно стари 41 година. Потоа се 20 возила од марката ДАФ, просечно стари 14 години и 19-те мерцедеси просечно стари 40 години. 

Недостигаат 340 пожарникари, најмногу – во најголемите градови 

Иако последниот попис на населението покажа значително помалку жители во земјава со што се намали и законски потребниот број пожарникари по жител, сепак сè уште имаме 340 пожарникари помалку од законскиот минимум.

Помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава. Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица, која покрај скопските општини ги покрива и приградските Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер-Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково, има 190, а треба да има 405 пожарникари.  

 Следни според бројот на пожарникари што им недостигаат се, исто така, најголемите центри и тоа: Куманово – каде има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, Битола, со 21 пожарникар помалку од законскиот минимум и Тетово кому му недостигаат 17 пожарникари.  

pp2

Спротивно, меѓу општините кои имаат повеќе од законскиот минимум, најдобро стои Ресен со дури 6 пожарникари над законски определениот број, и неколку општини кои имаат по 4 пожарникари повеќе од минимумот: Гостивар, Струга, Кичево и Делчево.

Без оглед на овој законски минимум, ако се зема предвид еден од најчесто користените критериуми – а тоа е бројот на пожарникари на 1.500 жители – тогаш најдобро стојат двете новоформирани противпожарни единици, Ранковце и Старо Нагоричане кои имаат по 3,9 пожарникари на 1.500 жители. Меѓу подобрите единици во оваа смисла, со по 2 пожарникари на 1.500 жители, се Македонска Каменица, Демир Хисар, Ресен, Крушево и Делчево. 

Спротивно, најмалку пожарникари на 1.500 жители има Скопје, со половина пожарникар на 1.500 жители. Помалку од еден пожарникар на 1.500 жители имаат и Куманово – 0,6, Битола – 0,7, Тетово, Прилеп, Струмица и Велес по 0,8 и Дебар со 0,9 пожарникари на 1.500 жители.  

pp3

Пресметките се направени врз основа на законски пропишаниот минимум пожарникари, бројот на населението што живее во општините што се опфатени во противпожарните единици, како и бројот на моментално вработените пожарникари во секоја од 34-те единици според податоците добиени од самите единици преку барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Според Законот за пожарникарство и измените на овој закон што важат од 1 јануари 2020 година, минималниот број на професионални пожарникари во противпожарните единици треба да изнесува:

- во општините до 10.000 жители - девет професионални пожарникари,

- во општините од 10.000 до 15.000 жители - 13 професионални пожарникари,

- во општините од 15.000 до 24.000 жители - 17 професионални пожарникари и

- во општините со над 24 000 жители - еден професионален пожарникар на 1.500 жители.

Законот, исто така определува дека утврдениот број на професионални пожарникари на противпожарните единици се зголемува соодветно на бројот на жителите на соседните општини кои ги покрива формираната единица.

До 2020 година, на територијата на Северна Македонија имаше формирано 30 противпожарни единици, но со измените на законот кои стапија на сила од 1 јануари 2020 година, се додадоа уште 4 единици и сега нивниот број изнесува 34. Новоформираните противпожарни единици се: Кривогаштани, Ранковце, Македонска Каменица и Старо Нагоричане.

Така, согласно законот, територијални противпожарни единици формираат градот Скопје и општините: Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп, Старо Нагоричане, Струмица, Тетово, Штип, Ресен, Кавадарци, Валандово, Дебар, Берово, Виница, Делчево, Крива Паланка, Кривогаштани, Кратово, Струга, Кичево, Крушево, Македонски Брод, Македонска Каменица, Радовиш, Ранковце, Свети Николе, Пробиштип, Демир Хисар и Неготино.

Притоа, противпожарните единици ги покриваат следниве општини: Битола за општините Новаци и Могила, Велес за општините Градско и Чашка, Гевгелија за општините Богданци и Дојран, Гостивар за општината Врапчиште и делот Маврово од општината Маврово – Ростуше, Кочани за општините Зрновци и Чешиново, Куманово за општината Липково, Охрид за општината Дебарца, Прилеп за општината Долнени, Струмица за општините Босилово, Василево и Ново Село, Тетово за општините Брвеница, Јегуновце, Теарце, Боговиње и Желино, Штип за општината Карбинци, Кавадарци за општината Росоман, Дебар за општината Центар Жупа и делот Ростуше од општината Маврово – Ростуше, Берово за општината Пехчево, општината Струга за општината Вевчани, општината Македонски Брод за општината Пласница, општината Радовиш за општината Конче, општината Свети Николе за општината Лозово, општината Неготино за општината Демир Капија и градот Скопје за општините Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер - Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково.

*    *    *

Податоците од оваа база, како и од сите претходни, Центарот за граѓански комуникации ги става на располагање во отворен формат за да послужат како основа за натамошно користење и истражување од страна на новинарите, граѓанските организации, граѓаните, науката и сите други заинтересирани страни. Во крајна линија, целта е сите заедно да придонесеме за подобрување на квалитетот и условите за живот во земјава.

 

Ова истражување се спроведува во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество - Македонија. Содржината на оваа публикација е одговорност на издавачот и на авторите и не ги одразува ставовите на Фондацијата Отворено општество - Македонија.