Колку пари трошат и какви возила купуваат државните институции?

  • 01/03/2016

Центар за граѓански комуникации

За набавка на патнички возила, министерствата и другите институции на централната власт, потрошиле 5,3 милиони евра во последните три години. Вкупно се набавени 323 возила, од кои над две третини од Службата за општи и заеднички работи на Владата и од министерствата.

 Нови патнички возила во изминатите три години (2013, 2014 и 2015) купиле 43 државни институции (министерства, јавни претпријатија, агенции и комисии). Сепак, бројот на оние кои го обновиле својот возен парк е поголем бидејќи Службата за општи и заеднички работи на Владата се јавува како групен набавувач на возила за министрите и за директорите на дел од владините институции.

Најмногу возила купило Министерството за внатрешни работи (МВР), а најмногу пари за возила потрошила Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ (СОЗР). Во однос на возилата на МВР станува збор за набавката на 100 возила од марката Chevrolet Spark купени во 2013 година кои чинеа 869 илјади евра. СОЗР, пак, минатата година набавила вкупно 42 возила од кои 41  Volkswagen Passat B8 2.0 TDI кои се земени на т.н. оперативен лизинг и за нив во периодот од 2015-2018 година ќе треба да се платат вкупно околу 1,7 милиони евра. Идентичен број на возила (42) од повеќе модели и класи има купено и Министерството за одбрана, но во вкупна вредност од 540 илјади евра.

Во групата на големи набавувачи на возила се јавува и Министерството за финансии каде во 2013 година се купени 18 возила во вредност од 264 илјади евра. Следно е Министерството за транспорт и врски каде во текот на 2013 и 2015 година се набавени вкупно 17 возила во вредност од 210 илјади евра. Во 2013 година 12 нови возила купила и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони кои вкупно чинеле 186 илјади евра. Додека, пак, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој во 2014 година купила 10 возила во вредност од 141 илјада евра. Над 100 илјади евра за возила потрошиле уште и Агенцијата за храна и ветеринарство купувајќи 9 возила во вредност од 135 илјади евра, како и Народната банка која набавила 7 возила во вредност од 130 илјада

 

Кои се најскапите возила купени од државни пари?

Најскапото патничко возило во изминатите три години го купила Народна банка. Станува збор за Audi A6 3.0 Quatro S tronic купено во 2014 година во вредност од 58 илјади евра. Следното најскапо возило го има купено ЈП за железничка инфраструктура Македонски железници – Скопје од марката Volvo S60 по цена од 40 илјади и петстотини евра. По 40 илјади евра чинеле и возилата (Volkswagen Passat B8 2.0 TDI BMT 190 DSG 4 Motion) набавени на оперативен лизинг во период од 3 години од страна на Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ. Ова се возила наменети за министрите и директорите на владините институции и вкупно од овој модел во 2015 година се набавени 40 возила. Во текот на 2015 година возило од оваа марка СОЗР набавило и за Државната комисија за жалби по јавни набавки. Истата марка на возила со цена од 38.000 евра се купени и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Републички совет за безбедност на сообраќајот и на патиштата на РМ и ЈП Македонија пат – Скопје. Возила кои чинат над 30 илјади евра се купени и од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РМ, Министерството за финансии, Агенцијата за планирање на просторот, ЈП Македонски шуми п. о. – Скопје и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

 

Методолошки пристап

Основа за изработка на ова истражување беа податоците добиени директно од 46 државни институции со користење на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. Од институциите се бараше да ги достават податоците за бројот на купени патнички возила, марката и моделот на возилата, како и нивната поединечна цена. Се бараа податоци за набавени патнички возила за периодот од 1 јануари 2013 година до 31 декември 2015 година. Во истражувањето се опфатени само институциите на централна власт кои во овој период набавиле патнички возила. Не се опфатени работните возила и возилата од технички карактер.

 

Патнички возила купени од државните институции од 2013 до 2015 година 

 

 

 

Ова истражување на Центарот за граѓански комуникации е објавено на интернет страницата prizma.mk 
во рамки на Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор.