Арачиново на дното, Чаир на врвот - колку потрошиле на јавни набавки општините во 2014 година

  • 30/11/2015

Центар за граѓански комуникации

 

Општините во Република Македонија во 2014 година преку јавни набавки потрошиле вкупно 7,4 милијарди денари, односно 120 милиони евра. Во оваа пресметка се вклучени 80 општини со Град Скопје кој, како посебна единица на локалната самоуправа, сепак е исклучен од дел од споредбената анализа. Инаку, Град Скопје во 2014 година склучил 167 договори за јавни набавки во вредност од 879 милиони денари, односно 14 милиони евра. Трошоците на Град Скопје во 2014 година се намалени за 6 милиони евра односно за 30% во однос на 2013 година.

80-те општини без Град Скопје, пак, потрошиле за јавни набавки во 2014 година 105 милиони евра, што е за 4,3 милиони евра, односно за 4% повеќе од 2013 година.

Вредноста на јавните набавки е показател не само за тоа колку пари потрошиле општините за своето функционирање (канцелариски материјал, опрема, средства за огрев, хигиена и сл.), туку особено за извршување на обврските од нивна надлежност. Како што е познато, освен за исплата на платите и надоместоците за вработените, речиси за сите други трошоци над 500 евра општините се должни да распишат јавен тендер.

 

 

 

Ранг-листата на општините според потрошените пари за јавни набавки во 2014 година покажува дека тие минатата година трошеле меѓу 13 милиони евра (Општина Чаир) и 48 илјади евра (Општина Арачиново). Вака големиот распон во годишните трошења за јавни набавки говори за големи разлики во парите со кои општините располагаат за сервисирање на услугите во нивна надлежност (изградба на локални улици, комунална инфраструктура, локално осветлување, поправка и изградба на училишта, урбана опрема и сл.). Се чини дека разликите најдобро ги отсликува податокот дека Општина Чаир, како прва на ранг-листата со вкупно потрошени пари за јавни набавки во 2014 година, сама потрошила колку 36 други општини заедно, секако, оние од втората половина на ранг-листата односно од Карбинци до Арачиново.

Притоа, првото место на општина Чаир, која во 2013 година беше на 12 место, пред сè се должи на реализацијата на втората фаза од изградбата на „Споменик обележје плоштад Скендербег“. Ова е впрочем и најголемиот договор за јавна набавка склучен минатата година на ниво на општини, во износ од 664 милиони денари, односно 10,8 милиони евра. Овој договор на општина Чаир учествува со дури 82% од вкупната вредност на набавките на општината во 2014 година.

Општина Центар и во 2014 година го сочува второто место на ранг-листата според вкупната вредност на јавните набавки, кое го имаше и во минатата година. Оваа општина преку тендери потрошила 5,8 милиони евра што е за 36% помалку од претходната година. Во листата на топ 10 општини со најголема вредност на набавките се наоѓаат уште и скопските општини Аеродром, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба. Додека пак од поголемите општини во првата десетка се и општините Куманово, Битола, Струмица и Кичево. Воедно, значајно е да се нагласи дека првите 10 општини, со најголеми трошења во јавните набавки, учествуваат со дури 46% во вкупните набавки на 80-те општини во земјава.

На дното од листата со вредност на набавките под 200.000 евра на годишно ниво се наоѓаат малите општини Зелениково, Вевчани, Росоман, Центар Жупа, Лозово и Арачиново.

Како што може да се види од ранг-листата на општини според вредноста на потрошените пари за јавни набавки, просекот во трошењето на општинско ниво изнесувал 81 милион денари, односно 1,3 милиони евра. Оттука, Општина Чаир, како прво рангирана во трошењето за јавни набавки, е за десет пати над општинскиот просек, додека, пак, Општината Арачиново, која е на дното од листата е дури за 27 пати под просекот. Генерално, високиот просек е последица на големите трошења преку јавните набавки на помал број на општини. Оттука, 23 општини потрошиле над просекот, а мнозинството, односно 57 општини, се под тој просек.

Вредност на јавните набавки во општините во 2014 година по жител

 

Доколку се анализира вредноста на потрошените пари на јавни набавки на општините по жител, тогаш се добива поинаква слика. Гледано според овој параметар на врвот е Општина Новаци каде во 2014 година се потрошени 516,5 евра по жител (Ранг листа според вредноста на јавните набавки по жител).

На дното од ранг-листата е Општина Арачиново каде што за јавни набавки во 2014 година биле потрошени 3,6 евра по жител. Општина Новаци со 3.183 жители (процени на населението, Завод за статистика, декември 2014 година) е втора година по ред на врвот на ранг-листата на општини според вредноста на јавните набавки по жител.

Притоа, во 2014 година износот на потрошените пари за јавни набавки е речиси дуплиран во однос на 2013 година кога изнесувал 276 евра по жител. Вака големиот износ на јавни набавки во оваа мала општина се должи на инвестициите во изградба на дел од локалниот пат Брод – Гнеотино – општина Новаци, како и на реализацијата на програмата за изградба, реконструкција и одржување на локални патишта и улици во општината за 2014 година. Во топ 10 од листата според јавните набавки по жител генерално доминираат мали општини со број на жители од 3.000 до 10.000 жители, а од поголемите општина тука се само скопските Чаир и Центар. Исклучително мали суми на јавни набавки по жител, и тоа по помалку од 20 евра, како што може да се види од ранг листата, трошеле 5 општини: Центар Жупа (18,9 евра по жител), Студеничани (14,2 евра по жител), Шуто Оризари (10,4 евра по жител), Гостивар (9,9 евра по жител) и Арачиново (3,6 евра по жител). Притоа, значајно е да се нагласи дека единствената јавна набавка на Општина Арачиново за 2014 година е за нафта за греење за основното училиште Гоерг Кастриот Скендербег во износ од 2.990.000 денари.

Просекот во трошењето по општини по жител во 2014 година изнесува 64 евра. Над овој просек се само 28 општини, а под него сите останати општини, односно 52. Произлегува дека од општините со повеќе од 30.000 жители над просекот во трошењето на јавни набавки по жител се само скопските општини Чаир, Центар и Бутел. Сите останати поголеми општини се под просекот од 64 евра по жител, при што најлошо од нив котираат Гостивар, Тетово и Прилеп. Големиот распон помеѓу општините во трошењата за јавни набавки по жител од 516,5 евра до само 3,6 евра недвосмислено говори за отсуство на рамномерност во развојот на локално ниво. Оттука, овие разлики можат да претставуваат добра основа за преиспитување на начинот на којшто се делат дотациите од централната до локалната власт во функција на намалување на разликите и обезбедување услови за порамномерен развој на локално ниво.

 

Методолошки пристап

Основа за пресметка на трошењата на општините беа известувањата за склучените договори доставени до Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) за договори чијашто вредност е над 20.000 евра, како и полугодишните евиденции за договорите во вредност од 500 евра до 20.000 евра. До вредностите се дојде низ собирање на сите договори што секоја општина поединечно ги склучила во периодот од 1 јануари 2014 до 31 декември 2014 година. Во пресметката за јавните набавки по жител се користеа податоци за бројот на жители по општини од публикација „Процени на населението на 30.06.2014 и 31.12.2014 според пол и возраста, по општини и по статистички региони“ на Државниот завод за статистика од јули 2015 година. Сепак, со оглед на тоа што во нив немаше податоци за скопските општините Аеродром, Бутел, Кисела Вода, Центар, Чаир, Шуто Оризари и Сопиште, за нив се користеше бројот на населението во согласност со последниот попис од 2002 година.

Вредност на јавните набавки на општините во 2014 година

 

Ова истражување на Центарот за граѓански комуникации е објавено на интернет страницата prizma.mk 
во рамки на Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор.