Индекс на активна транспарентност 2018
Центарот за граѓански комуникации денеска го објави Индексот на активна транспарентност за 2018 година, што значи објавување јавни информации на сопствена иницијатива на институциите. Истражувањето и рангирањето ги опфаќаат сите 81 општина и градот Скопје, 15-те министерства и Владата на РМ. Процентот на исполнетост на обврските за објавување на јавни информации на сите 97 вклучени институции изнесува 43,5% (од можни 100%).
Ова значи дека општото ниво на активната транспарентност во Македонија во 2018 година се задржа на ниско ниво. Степенот на активна транспарентност во 2018 година е незначително зголемен во однос на 2017 година (кога просечно изнесуваше 42,5%).
Законската основа за активната транспарентност на институциите се наоѓа пред сè во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од практиката, односно кога една институција ги прави достапни до сите граѓани одговорите на прашањата што почесто ги добива во форма на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.
За разлика од претходните две години, сега, генерално, министерствата и Владата стојат подобро од општините според нивната активна транспарентност. Општините се наоѓаат на првите 2 места од ранг-листата, но просечниот скор на сите општини заедно е намален од 41% на 39%, додека скорот на министерствата е зголемен од 48% на 66%.
Во однос на одделните области на активната транспарентност – институциите и понатаму објавуваат најмногу информации од областа на пристапот до информации, а најмалку од областа на буџетската и финансиската транспарентност.
Во однос на регионите, според просечните резултати, и годинава најдобро стои Пелагонискиот Регион, а најслабо – Полошкиот.
Истражувањето е спроведено во рамките на Цивика Мобилитас која ја поддржува годишната програмата на Центарот за граѓански комуникации.