Растат вработувањата во државните претпријатија

  • 28/12/2016

Бројот на вработени во најголемите 50 државни претпријатија за шест години е зголемен за 1.781 работник односно за 8%. Базата на податоци изработенa од Центарот за граѓански комуникации покажува дека зголемување на вработените имало во 36 од 50 анализирани претпријата. Нови вработувања не биле пречка ниту за оние државни претпријатија кои во своето работење оствариле загуба или пак се на листата на даночни должници што ја објави неодамна Управата за јавни приходи

Најголемите 50 државни претпријатија во земјава во 2016 година вкупно имаат 25.121 вработен, дополнителни 1.285 работници се со статус на привремено вработени,  а 562 луѓе се ангажирани со договор на дело. Податоците што Центарот за граѓански комуникации ги обезбеди преку барања за пристап до информации од јавен карактер, покажуваат дека во периодот септември 2010 – 2016 година  дека зголемување на вработените имало во 36 од 50 анализирани претпријата.

Базата на податоци изработена за вработувањата во најголемите претпријатија во државна сопственост овозможува приказ на податоците за структурата на вработувањата (вработени на неoпределено време; привремено вработени и ангажирани со договор на дело) поединечно за сите претпријатија, кои се селектирани како најголеми 50 според износот на нивните приходи остварени во изминатата година.

 

АД Електрани и Комунална Хигиена Скопје со најголем раст на вработените. Повеќе од половина од новите вработувања во јавните претпријатија се во АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), каде што во септември годинава работеле вкупно 4.907 луѓе, односно 1.104 повеќе отколку пред шест години. Во проценти, зголемувањето е 29%. Второ на листата државни претпријатија каде што најмногу се вработувало е ЈП Комунална Хигиена Скопје каде што бројот на вработени се зголемил за 332, на 1.144 луѓе. Трето на листата е ЈП за државни патишта кое што е основано на крајот на 2012 година, но всушност ги наследи имотот, средствата и вработените од Агенцијата за државни патишта. Податоците покажуваат дека во септември 2010 година во ова тело работеле 51 луѓе, додека пак во септември годинава, овој број достигнал 347, што е зголемување за 296 луѓе. Со тоа, ова јавно претпријатие е рекордер ако се споредува зголемувањето на бројот на вработувањата во релативен износ – речиси седум пати повеќе отколку во 2010 година.

 

Меѓу првите десет државни фирми во кои што најмногу се вработувало во последните шест години се и АД МЕПСО, каде што бројот на вработени се зголемил за 138 луѓе; ЈКП Комуналец Прилеп со 128 нови вработувања; ЈП паркинзи на општина Центар со дополнителни 98; ЈП Паркови и зеленило со плус 95 вработени, МРТ со уште 94 вработувања; ЈКП Дервен Велес со 74 нови вработувања и ЈП Исар Штип каде што за шест години се вработиле уште 58 луѓе. Бројот на вработени најзначително се намалил, пак, во ЈП Македонија Пат, каде што во септември годинава работеле 828 луѓе, односно 665 помалку отколку во септември 2010 година. За 254 се намалил бројот на вработени во МЖ Инфраструктура; 157 вработени помалку во МЖ Транспрот, 44 вработени помалку во ЈП Комуналец Гостивар, 42 помалку во АД Градски трговски центар (ГТЦ) и намалување од 24 вработени во ЈП Водовод Куманово. Привремените вработувања стануваат трајни Вкупниот број на вработени во најголемите јавни претпријатија според приходите што ги остварија лани, ќе се зголеми доколку се додаде и бројот на привремено вработени кој што до септември годинава изнесува 1.285. Овој број може да биде и поголем ако се има предвид дека МЖ Транспорт одби да ги даде побараните податоци и покрај решението на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Комисијата ја прифати доставената жалба за оневозможување на пристап до информација од јавен карактер и го задолжи МЖ Транспорт да ги даде побрананите информации. Решението на Комисијата не беше испочитувано од страна на МЖ Транспорт. Оттука, за ова претпријатие во државна сопственост се располага со податоците за бројот на вработените согласно доставените податоци до Централниот регистар, но не и со привремено вработени и со ангажираните со договор на дело. Во споредба со септември 2010 година, кога привремено вработени во 49 државни претпријатија биле 1.968 луѓе, бројот е намален, но најголем дел од нив се претпоставува дека се трансферирани во трајни вработувања откако во 2014 година се донесе Законот за трансформација во редовен работен однос, со кој што се предвиде државните институции и јавните претпријатија да им понудат редовен работен однос на неопределено време на волонтерите, хонорарците, ангажираните со договори на дело и вработените само на одреден период. Решенија за трајно вработување требаше да добијат сите кои биле ангажирани најмалку три месеци, заклучно со 30 ноември 2014 година, а во моментот на стапување во сила на законот сè уште беа на своите позиции. Но и покрај стапувањето на сила на овој закон, и обврзувањето на властите дека привремените вработувања во јавниот сектор ќе ги сведат на нула, сепак податоците до кои дојде Центарот за граѓански комуникации, покажуваат дека се уште има значителен број на луѓе со статус на привремено вработени во јавните претпријатија.

 

Овој број е најголем во Македонски Шуми, каде што до септември годинава имало 184 привремено вработени, и во споредба со 2010 година кога во ова јавно претпријатие имало само 4 привремено вработени, бројот е енормно зголемен. Во АД ЕЛЕМ има вкупно 153 привремено вработени; 118 во ЈПКД Комуналец Струмица; 117 во ЈП Комунална Хигиена Скопје; 97 во ЈП Паркови и зеленило. Во првите десет државни претпријатија со најмногу привремени вработувања се и ЈКП Комуналец Прилеп со 82 луѓе; КЈП Водовод Кочани со 58 луѓе; Јавно сообраќајно претпријатие (ЈСП) со 53 привремено вработени; 52 во ЈП за државни патишта и 46 во ЈП Водовод и Канализација Скопје. Само 16 од анализираните државни фирми имаат нула привремено вработени. Со договор на дело, пак, во 20 од овие 50 најголеми државни претпријатија се ангажирани вкупно 562 луѓе. Во 26 претпријатија нема ангажирано работници со договор на дело, а за четири државни фирми нема податоци. Најмногу од вработените со договор на дело, односно 207 се во АД Македонска Пошта, што е речиси 10% од вкупниот број на редовно вработени; 92 договори на дело има во ЈП Чистота и зеленило Куманово што е третина од бројот на редовно вработени; 83 во ЈП Комуналец Гостивар каде што редовно се вработени 120 луѓе; 45 вработени со договор на дело во Македонски Шуми и 29 во АД ЕЛЕМ. Вработуваат, а имаат загуби и не плаќаат даноци Нови вработувања се регистрирани дури и кај дел од јавните претпријатија кои имаат загуби во своето работење. ЈП Паркинзи на Општина Центар каде имало голем раст на вработувањата лани имало загуба од 78 илјади евра. ЈП Паркови и зеленило Скопје во изминатите шест години го зголемило бројот на вработени за 23%, а имало загуба во 2015 година од 305 илјади евра. ЈП Водовод и Канализација Скопје и ЈП Стрежево Битола 2015 година ја завршиле со едни од најголемите зауби на ниво на Македонија од над 3 милиони евра а и кај нив е евидентиран раст на врабените. Дел од државните фирми кои што во последните шест години го зголемиле бројот на вработени, а и се уште имаат привремено вработени и работници со договор на дело, се појавуваат и на листата на должници што ја објави неодамна Управата за јавни приходи (УЈП). Вкупно 11 од анализираните 50 државни претпријатија имаат неплатени даночни долгови кон државата. Така на пример, јавното претпријатие Македонска Радио Телевизија (МРТ) според податоците на УЈП има неплатен даночен долг од 1,6 милиони евра, а сепак до септември годинава бројот на вработени се зголемил за 94, на вкупно 870 луѓе. Македонски Шуми, пак, на државата и должи речиси 3 милиони евра, а е рекордер кога станува збор за привремени вработувања со вкупно 184 за разлика од пред шест години кога имало само 4 такви. Бројот на редовно вработени исто така пораснал, од 2.150 на 2.197 луѓе. ЈП Комуналец Гостивар кое што има ангажирано 83 работници со договори на дело и 34 привремено вработени луѓе, има неплатен даночен долг од 2,7 милиони евра. Во Јавното комунално претпријатие Струга, кое за даноци должи околу 250 илјади евра, се вработиле 41 луѓе повеќе отколку во 2010 година и со тоа вкупниот број на вработени достигнува 133. Дополнително, уште 22 луѓе се привремено вработени. Кај дел од даночните должници, пак, се забележува намалување на бројот на вработени, привремено вработени и ангажирани работници со договори на дело.

 

Вработени во јавни претпријатија

 

 

Ова истражување на Центарот за граѓански комуникации е објавено на интернет страницата prizma.mk 
во рамки на Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор.