Еден вработен во општината опслужува 1.135 жители во Сарај, а само 88 во Македонски Брод
Центар за граѓански комуникации
Вкупно 6.271 луѓе работат во 80-те општини во земјава, плус во Град Скопје. 90% од нив се во редовен работен однос, додека 10% се привремено вработени. Тетово и Македонски Брод се општини-рекордери. Тетово – според вкупниот број вработени, а Македонски Брод според бројот на вработени по жител. Кај некои мали општини, како Лозово и Арачиново, дури две третини од буџетите им се трошат на плати.
Рангирање на општините според бројот на вработените
Бројот на вработените во општините се движи од рекордните 393 во Тетово до минималните 9 вработени во Зрновци.
Рекордниот број вработени во општина Тетово не произлегува од рекордниот број на жители. Со 90.800 жители, општина Тетово има за 36% повеќе вработени од најбројната општина – Куманово со 108.231 жител.
Второрангирана според бројот на вработените е општина Охрид, каде што во јануари годинава имало 250 вработени во редовен работен однос и 11 привремени вработувања.
На трето место е општина Куманово со 207 вработени во редовен работен однос и 43 привремени вработувања.
Во врвот е и една скопска општина, Карпош, со 226 вработени, од кои 129 се во редовен работен однос, а 97 се ангажирани преку агенција за привремени вработувања. За споредба, во една друга скопска општина, Кисела Вода, која има приближно ист број жители со Карпош, работат 155 луѓе, односно 37% помалку отколку во Карпош. Треба да се има предвид дека, за разлика од другите поголеми општини, во скопските општини нема вработено луѓе од противпожарната заштита, бидејќи оваа ингеренција е пренесена на Град Скопје.
Инаку, групата општини со повеќе од 200 вработени, во врвот на ранг-листата, ја заокружуваат општините Штип (со 221 вработен) и Струмица (со 212 вработени).
Следната група на 13 општини кои имаат меѓу 100 и 200 вработени, ја предводат Прилеп со 185 и Битола со 178 вработени.
Најбројната група на општини е онаа до 100 вработени, која ја предводи Радовиш со 92, додека на самото дно на листата е општината Зрновци со само 9 вработени. Пред неа со по 11 вработени се општините Зелениково и Росоман.
Овие податоци недвосмислено говорат за отсуството на јасни параметри за соодветниот број вработени во општините гледано според бројот на жителите и ингеренциите што ги имаат.
Рангирање според бројот на вработените во општините по жител
Разликите и неизедначеноста меѓу општините во однос на бројот на вработените, стануваат уште поочигледни со резултатите од истражувањето кои се однесуваат на рангирањето на општините според односот меѓу бројот на вработените и бројот на жителите во општините.
Додека во општина Македонски Брод на секои 88 жители има по еден вработен, во скопската општина Сарај, еден вработен обезбедува услуги дури за 1.135 жители. За споредба, просекот во земјата е 385.
На врвот на листата на општини со најмногу вработени по жител, односно првите единаесет места, ги заземаат помалите општини кои имаат по помалку од 8.000 жители.
Станува збор за општините Македонски Брод, Старо Нагоричане, Новаци, Лозово, Ранковци, Градско, Сопиште, Пехчево, Чашка, Демир Капија и Македонска Каменица.
Но, и овде има разлики и невоедначеност меѓу општините, бидејќи не сите општини со мал број жители имаат повеќе вработени по жител. Една цела група општини со малку жители имаат помал број вработени по жител: Демир Хисар, Конче, Карбинци, Могила, Зрновци, Центар Жупа, Росоман и Зелениково.
Меѓу поголемите општини, највисоко рангирана (на 13-то место) е Охрид каде што еден вработен во општината опслужува 202 жители. Следуваат Штип каде што има по еден вработен на секои 220 жители и Тетово со 213 граѓанин на еден вработен во општината. Во големата петорка на општини рангирани според овој параметар уште се наоѓаат и Карпош и Струмица. Во скопската општина на секои 264 жители има по еден вработен, а во Струмица соодносот е еден вработен на 267 жители.
Најлоша е состојбата во седум општини на самото дно на рангирањето. Еден вработен во општината покрива меѓу 700 и 800 жители во Арачиново, Врапчиште, Боговиње, Студеничани.
На самото дно се Липково со 925 жители на еден вработен, Шуто Оризари со 961 и сосема на крајот општината Сарај, како единствена општина во која еден вработен опслужува повеќе од 1.000 жители, поточно 1.135.
Гледано по региони, од осумте во земјата, највисока вработеност во оваа смисла има во општините во источниот регион, кој е еден од најсиромашните во Македонија, а најмала вработеност има во скопскиот регион, кој е најбогат.
Меѓу 9 и 66 проценти од буџетите на општините одат за плати
За да се добие јасна слика за тоа колку од парите во општините се трошат за плати, а колку реално остануваат за финансирање на работењето на општината и за подобрување на условите за живот и работа на локалното население, во истражувањето се вклучени консолидираните буџети на општините.
Ова значи дека во приходите се вклучени и оние од дотации и трансфери од централната власт, приходите од донации, како и евентуалните приливи од заеми. Имено, многу општини токму преку поддршката од централната власт ги финансираат капиталните инвестиции, што секако се значајни за подобрување на квалитетот на живот на локално ниво.
Од друга страна, пак, кога станува збор за плати, во нив покрај платите на администрацијата се вклучени и платите што се исплатуваат преку консолидираните буџети на општините, што значи и платите на вработените во градинките, основното и средното образование, противпожарната заштита и сл. за кои локалните власти добиваат дотации од централната власт. Впрочем, само на овој начин се добива реална слика за тоа колку пари имаат општините реално.
Согласно податоците добиени од општините, произлегува дека вкупната вредност на консолидираните буџети на 80-те општини, плус Град Скопје, за 2015 година е проектирана на околу 674 милиони евра. Од нив, 244 милиони евра, односно 36%, ќе бидат потрошени за плати на администрација во општините, градинките, основното и средното образование, противпожарната заштита и сл.
Ранг-листата на трошоците за плати од консолидираните буџети на општините уште еднаш ги потенцира големите разлики меѓу општините.
Дури 30 општини на плати трошат меѓу 45% и 66% од буџетот, а со остатокот го финансираат работењето на општината, ги покриваат дел од трошоците во образовните институции и инвестираат во улици, канализациони мрежи, паркови, нови објекти и сл.
Методолошки објаснувања
Истражувањето за рангирање на општините според бројот на вработените, односот меѓу бројот на вработените и жителите, како и уделот на платите на вработените во консолидираните општински буџети е направено преку прибирање, сортирање и обработка на податоците обезбедени од единиците на локална самоуправа врз основа на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Речиси и да не постои општина во земјава која овие податоци ги има јавно објавено на својата интернет страница. Мал дел од општините на своите интернет страници единствено ги имаат објавено своите буџети.Градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа е вклучен во табеларните прикази со податоците од истражувањето, но не и во рангирањето со оглед на специфичните ингеренции и поставеност.
Број на вработени во општините во 2015 година
Ова истражување на Центарот за граѓански комуникации е објавено на интернет страницата prizma.mk
во рамки на Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор.