Кубик вода за пиење во Боговиње плаќаат по 7,5 денари, а во Кочани по 49 денари

  • 11/07/2024

База на податоци - Вода за пиење

Земјата годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење. Скоро половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба, а кај најголем дел од нив и загубата на вода е поголема од 40 %. 

Во земјава има 67 снабдувачи со вода за пиење и секој наплаќа различна цена за својата услуга. Најголем дел од нив имаат различни цени за „домаќинствата“ и за „останатите потрошувачи“, односно правните лица (фирми и институции).  

Најниска цена за потрошената вода плаќаат жителите на Боговиње, само 7,5 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани – дури 48,79 денари за кубик, што е за 6,5 пати повеќе. Просечната цена на кубик вода за пиење во земјава е 27,49 денари.

Инаку, домаќинствата од Маврово плаќаат само 2,6 денари за кубик, но и 210 денари фиксен месечен надоместок, поради што не се први на листата со најниска цена. 

Меѓу првите пет општини со најниска цена на водата, четири се од Полошкиот Регион: Боговиње, Теарце, Желино и Врапчиште, додека петтата е Росоман. Спротивно, најскапа вода плаќаат 4 општини од источниот регион, Кочани, Делчево, Пробиштип и Берово, како и Свети Николе.    

За правните лица, цената за кубик вода е најниска за потрошувачите во Желино, 13,42 денари, додека убедливо најскапа е водата за скопските фирми, дури 68,10 денари за кубик. Овие, т.н. останати потрошувачи, просечно плаќаат по 45,25 денари за кубик вода за пиење, што е дури 65 % повеќе од домаќинствата. 

И кај фирмите, четири од петте општини со најниска цена за водната услуга се од Полошкиот Регион: Желино, Теарце, Боговиње и Тетово, а петта е Кривогаштани. Спротивно, меѓу петте општини со најскапа вода за фирмите, покрај Скопје, се и Делчево, Берово, Старо Нагоричане и Велес. Во Старо Нагоричане плус се плаќа и фиксен надомест од 87 денари на секоја месечна сметка за вода за пиење. 

Во земјава вкупно има 667.076 регистрирани потрошувачи домаќинства и 41.632 останати потрошувачи, односно правни лица.

Покрај Скопје, кое има 271 илјада регистрирани домаќинства, со над 30 илјади регистрирани потрошувачи се само уште три градови, Битола, Охрид и Куманово. Над 20 илјади потрошувачи има Прилеп, а сите други градови во земјава имаат помалку од 20 илјади регистрирани потрошувачи, вклучувајќи меѓу нив и некои големи градови како што се Тетово, Гостивар, Струга и Штип. 

Кај останатите потрошувачи, исто така води Скопје со регистрирани 10 илјади правни лица – потрошувачи на вода за пиење. Следат Тетово и Битола со повеќе од 3 илјади потрошувачи, па Куманово со околу 3 илјади. Охрид и Прилеп се со по околу 2 илјади останати потрошувачи, а помеѓу илјада и илјада и 500 имаат Струмица, Струга, Кавадарци и Штип.

Просечната месечна потрошувачка на вода за домаќинствата изнесува 12,02 кубни метри вода, додека кај фирмите потрошувачката е скоро тројно поголема, односно 35,37 кубни метри вода. Или, фирмите просечно трошат 194 % повеќе вода отколку домаќинствата.

Најмалку вода, просечно месечно трошат домаќинствата во Старо Нагоричане, само по 2,4 кубици, а со мала потрошувачка, пониска од 7 кубици месечно се и Ранковце, Охрид, Чашка и Карбинци. 

Три општини се издвојуваат според најголема потрошувачка на вода и тоа: Маврово и Теарце, каде домаќинствата трошат по 70 кубици месечно, како и Боговиње со 40 кубици месечно. Сите други домаќинства во земјава просечно трошат по помалку од 25 кубици вода месечно.

Кога станува збор за останатите потрошувачи, односно фирмите, најмала потрошувачка има исто така во Старо Нагоричане каде фирмите просечно месечно трошат само по 1,6 кубици, а со потрошувачка под 10 кубици месечно се и Кривогаштани, Демир Хисар, Зелениково и Ново Село.

Спротивно, најмногу вода за пиење месечно трошат фирмите во Демир Капија, по 142 кубици, а со многу висока потрошувачка од над 90 кубици месечно се и фирмите во Илинден, Скопје, Маврово и Велес.

Од големите градови, водата е најевтина во Тетово

Цената на водата за домаќинствата во големите градови (оние над 40.000 жители) просечно изнесува 31 денар за кубик. Дури во 9 од 11 големи градови цената на водата се движи од 29 до 39 денари за кубик. Исклучок се Тетово и Гостивар, каде цената на водата е 16, односно 17 денари за кубик. Скопје е околу просекот, и цената изнесува 32 денари за кубик.

За останатите потрошувачи, просечната цена е околу 54 денари за кубик. Поединечните цени на десет од 11 градови се движат од 42 до 68 денари, со исклучок на Тетово каде цената на водата за правните лица изнесува 25,5 денари за кубик. Најскапа вода за фирмите има во Скопје, 68,10 денари.

Кога станува збор за потрошувачката на вода за пиење, просекот меѓу големите градови е околу 10 кубици месечно по домаќинство. Но, охриѓани просечно трошат по околу 6 кубици, додека тетовчани по повеќе од 13 кубици месечно. Просечната потрошувачка на вода за пиење во Скопје е нешто помалку од 9 кубици.

Правните лица во големите градови, пак, просечно трошат дури 4,5 пати повеќе вода од домаќинствата, односно по 45 кубици месечно. Најмалку вода трошат фирмите во Тетово, по 15 кубици, а најмногу фирмите во Скопје, по 99 кубици месечно. 

Постојат големи разлики меѓу големите градови ако се споредат бројот на жители со бројот на регистрирани домаќинства - потрошувачи на вода за пиење. Најмногу регистрирани потрошувачи на вода во однос на жители има во Прилеп и во Скопје. Во Прилеп, соодносот е 1,6 жители на едно регистрирано потрошувачко домаќинство, а во Скопје 1,9. Спротивно, во другата крајност се Тетово каде на 4,8 жители има по едно регистрирано потрошувачко домаќинство и Струмица со 3,7 жители на едно домаќинство.

Годишно се губат по 146 милиони кубни метри вода

245 милиони кубни метри вода е годишното производство на вода, а од неа се губат повеќе од половина, односно околу 60 % или 146 милиони кубни метри вода.

Најмногу вода за пиење во апсолутна загуба, односно во изгубени кубни метри, се губи во Скопје, дури 63 милиони кубни метри годишно. Ова е 43 % од целата загубена вода во земјава.

Следат Гостивар, Тетово и Кичево. Во Гостивар годишно се губат скоро 9 милиони кубни метри вода. Во Тетово се губат по 7 милиони метри кубни вода за пиење, а во Кичево повеќе од 6 милиони. 5,8 милиони кубни метри вода за пиење секоја година се губат и во Охрид. 

Најрационални во овој однос, односно со најмали апсолутни загуби на вода за пиење се Могила, Желино, Чашка, Конче и Старо Нагоричане.   

Во процентуален износ, како неприходувана, а произведена вода за пиење, најмалку вода губи водоводното претпријатие во Желино, само 2 %, додека најголема загуба на вода од дури 86 % има вевчанското претпријатие. Најголеми загуби на вода пиење, сите над 80 % од произведената вода, имаат Вевчани, Новаци, Каменица, Долнени, Дебар и Кратово. 

Три претпријатија одговориле дека не водат евиденција колку вода произведуваат. Тоа се: Брвеница, Лозово и Центар Жупа. Интересно е што Лозово, иако нема евиденција за произведената вода, знае дека губи 60 % од неа.

Скоро половина снабдувачи со вода за пиење се во финансиска загуба 

6.040 луѓе работат во комуналните претпријатија што ги снабдуваат населените места и фирмите во земјава со вода за пиење.

44 % од 67-те снабдувачи лани оствариле негативен финансиски резултат од работењето. Вкупната загуба на овие претпријатија изнесува 255.018.205 денари, односно 4 милиони евра.

Најголема загуба, од повеќе од еден милион евра има кочанското претпријатие, што е точно една четвртина од вкупните загуби на овие претпријатија. Со поголеми загуби се и водоводните претпријатија на Велес, Битола, Скопје и Струга. 

Кај 72 % од претпријатијата со финансиска загуба, загубите на вода за пиење се поголеми од 40 %. 

 

*   *   *

Сите податоци во истражувањето се добиени изворно, од јавните претпријатија што го обезбедуваат снабдувањето со вода за пиење, преку користење на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Од сите 67 снабдувачи со вода за пиење, само едно, Јавното комунално претпријатие Скопска Црна Гора од Чучер-Сандево не одговори на барањето за информации ниту по решение од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Иако законскиот рок за одговор на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер е веднаш, но најдоцна во рок од 20 дена, сепак беа потребни 4 месеци за целосно комплетирање на сите побарани информации за потребите на ова истражување.

Податоците за финансиските резултати на јавните комунални претпријатија беа обезбедени од Централниот регистар. 

Податоците од ова истражување, како и од сите претходни, Центарот за граѓански комуникации ги става на располагање во отворен формат за да послужат како основа за натамошно користење и истражување од новинарите, граѓанските организации, граѓаните, науката и сите други заинтересирани страни. Во крајна линија, целта е сите заедно да придонесеме за подобрување на квалитетот и условите за живот во земјава.