На земјава ѝ недостигаат 52 тимови за итна медицинска помош за да се задоволи законскиот минимум

  • 25/12/2023

Итна помош - База на податоци

 

  •    Најмногу тимови, 18 недостигаат во Скопје, Битола има 4 повеќе од минимум потребните.
  •    За последните 8 години, бројот на тимови за итна медицинска помош е намален за 22.
  •    Дури половина од 33-те здравствени центри имаат помалку тимови од потребните.
  •    Еден тим на итна помош некаде покрива 1.000, а во други градови и до 40.000 жители дневно.
  •    Во една смена на итната помош некаде има по 2, на други места по 50 интервенции.
  •    Не се води евиденција колку повици за барање на брза помош се добиваат, а на колку се оди.

Во земјава вкупно недостигаат 52 екипи за итна медицинска помош за да може да се задоволи барем законски пропишаниот минимум на тимови што треба да ги има еден медицински центар во зависност од бројот на жители што ги опфаќа.

Иако последниот попис на населението покажа помал број жители во земјава, а со тоа и помалку потребни минимум екипи на итната помош, сепак на половина од вкупно 33-те служби за итна медицинска помош во земјава им недостигаат вакви тимови за да се запази законскиот минимум.

Во моментов земјава располага со 258 тимови за итна медицинска помош и овој број наместо да се зголемува, секоја година се намалува. Така, во однос на состојбата во 2015 година, кога е донесена последната уредба со која се предвидува минималниот број тимови што треба да го има секој здравствен центар, бројот на тимови за итна помош е намален за 22.

Инаку, Уредбата за мрежата на итна медицинска помош утврдува дека секој здравствен дом кој опфаќа до 30.000 жители треба да има најмалку 5 тимови за итна медицинска помош. Доколку здравствениот дом покрива повеќе од 30.000 жители, тогаш треба да има најмалку по еден дополнителен тим на секои дополнителни 10.000 жители.

закон

 

 

Според податоците добиени од центрите, најлошо во овој поглед стојат Скопје, каде недостигаат 18 тимови за итна помош и Тетово, каде недостигаат 10 тимови за да се дојде барем до минимум потребните. По пет тимови им недостигаат на Куманово и на Струга.

Законскиот минимум за тимови за итна медицинска помош го задоволуваат 6 градови: Виница, Демир Хисар, Крива Паланка, Пехчево, Свети Николе и Штип.

амб кола

Повеќе од минимумот имаат 11 здравствени центри, меѓу кои најдобро во овој поглед стојат Битола, Делчево со Македонска Каменица, Кичево и Кочани – секаде има дури по 3 или 4 тимови повеќе отколку што предвидува законскиот минимум. 

 

Еден тим на итна помош некаде „покрива“ 1.000, а во други градови 40.000 жители дневно

Постојат огромни разлики во бројот на жители што ги покрива итната медицинска помош. Најлошо стојат Струмица и Тетово, каде еден тим „покрива“ дури по околу 40.000 жители дневно. Куманово и Скопје се следни со покриеност на еден тим на околу 30.000 жители дневно. 

Најдобро “покриени“ со итна медицинска помош се жителите на малите центри како Вевчани, Пехчево и Ростуше каде еден тим покрива по нешто повеќе од 1.000 жители дневно. Од поголемите градови, добро стојат Крива Паланка, Неготино, Делчево и Македонска Каменица – каде еден тим покрива по околу 4.000-5.000 жители дневно. 

слика итна

Најмногу вработени во службата за итна помош во однос на бројот на население неспоредливо има Вевчани каде има еден вработен на 79 жители. Спротивно, најслабо со кадар во итната помош стојат Тетово, каде има еден вработен на 4.172 жители и Скопје и Куманово каде има еден вработен на повеќе од три илјади жители.

Само за споредба, просекот во земјата е 1350 жители на еден вработен во службата за итна медицинска помош. 

Некаде има само по 2, а на други места и по повеќе од 50 интервенции во една смена 

Тимовите за итна помош работат во смени, најчесто во две смени по 12 часа или во три по 8 часа секоја смена. Еден тим се состои најчесто од доктор, сестра и возач. Но, освен во Скопје, каде има 9 тимови во една смена, во сите други градови има само по еден или два тима во една смена, освен Битола каде постојано има 3 тимови.

Во интервенции спаѓаат не само оние на итната медицинска помош, туку и на домашната посета и интервенции во дежурната служба.

Скопје, како најголем здравствен центар, има и најмногу интервенции на службата на итна медицинска помош – околу 150.000 годишно или 404 просечно дневно. Но, од сите други градови, според бројот на интервенции отскокнува Велес каде во 2022 година имало дури 59.000 интервенции или просечно по 162 интервенции дневно.

Но, од анализата на бројките, обезбедени директно од секој од здравствените домови преку правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, произлегуваат и други сознанија.

Најмногу интервенции просечно по еден тим има во Радовиш – дури 51 интервенција во текот на една смена од 12 часа. Следува Струмица каде во една смена просечно има по 46 интервенции и Велес со просечно 40 интервенции во една смена. Спротивно, во Ростуше има само по една интервенција во еден и пол ден и во Виница каде има само по две интервенции во смена. 

Сепак, спрема вкупниот број жители, најмногу интервенции службата за итна медицинска помош има во Вевчани, просечно по 8 интервенции на секој жител годишно. Или, здравствениот центар кој покрива околу 2.300 жители, годишно има речиси 19.000 интервенции. 

Не се води евиденција колку повици за барање на брза помош се одбиваат, а на колку се оди

Кога станува збор за интервенциите само на итната или „брзата“ помош, најмногу такви интервенции, во однос на бројот на жители, неспоредливо има Вевчани. Следат Охрид, Кратово, Велес, Штип и Кавадарци. Спротивно, најмалку интервенции на брзата помош, во однос на бројот на жители, има во Македонски Брод, Тетово, Делчево и Македонска Каменица.

Ниту еден здравствен центар нема евиденција колку вкупно телефонски повици добива за итна помош. Се знае само на колку повици одат. Оттука, не може да се дојде до можеби клучната бројка - на колку од повиците со барање за брза помош всушност доаѓа екипа.