База на податоци на набавените нови патнички возила од институциите 2020-22

  • 16/03/2022

База на податоци на набавените нови патнички возила од институциите 2020-22

Во двете кризни години, државните институции купиле 142 нови воизла за кои платиле 3,6 милиони евра. Најскапото возило чинело 47.000 евра. Најмногу се купени возила од марката „Шкода“. На 83 % од тендерите имало само по една понуда. Повеќе од 40 % од набавените возила се поскапи од 30 илјади евра.  

Според последното истражување на Центарот за граѓански комуникации, во текот на кризниот период од март 2020 наваму, нови патнички возила набавиле 42 државни институции. Набавени се вкупно 142 патнички возила за 3 милиони и 609 илјади евра. Анализата ги опфаќа само патничките возила, а не и комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила.

Најмногу патнички возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи на Владата, која доскорешните „Пасати“ ги замени со 45 нови „Шкода Суперб Амбишн“.

Како и претходните години, така и во последните две, следен според број на набавени нови возила е Државниот пазарен инспекторат кој купил 11 „Цитроен Ц3“ и 10 „Фиат Типо“, или вкупно 21 ново возило.

На трето место, со шест нови хибридни возила „Хјундаи Ајоник“ е Агенцијата за електронски комуникации.  

 

Институции со набавени најмногу возила (2020-2022)

Институција

Број на возила

Вкупна вредност во евра

Служба за општи и заеднички работи

45

1.756.580

Државен пазарен инспекторат

21

216.488

Агенција за електронски комуникации

6

151.033


Повеќе од 40 % од набавените нови возила се поскапи од 30 илјади евра. Најскапи три купени возила се „Шкода Суперб ФЛ“ од 47 илјади евра и „Мерцедес Ц 180“ од 44 илјади евра – и двете на Државата видеолотарија, а на трето место е „Хјундаи Сонада“ на Агенцијата за електронски комуникации по цена од 43 илјади евра.

 

Пет возила со највисоки поединечни цени

Возило

Вредност (евра)

Набавувач

Година

Шкода „Суперб“

47.551

Државна видеолотарија

2022

Мерцедес „С 180“

44.143

Државна видеолотарија

2021

Хјундаи „Сонада“

43.110

АЕК

2022

Шкода „Суперб“

39.338

Претседател на РСМ

2021

Шкода „Суперб“

39.035

СОЗР

2021

 

Меѓу марките возила, се чини дека и натаму омилена марка на функционерите е „Шкода“ која со 60 возила води на листата како и претходните години. Долгогодишното второ место на „Фолксваген“ му го презема „Фиат“ од кој се набавени 25 возила, а на трето место со 13 возила сега е „Ситроен“.

Од поединечните модели најзастапен е „Шкода Суперб“ од кој се набавени 48 возила, од „Фиат“ води моделот „Типо“ од кој се набавени 15 возила, а од Ситроен моделот „Ц3“ од кои се купени 12 возила.

 

Топ 5 марки на возила

Марка

Број на набавени возила

Доминантен модел

Шкода

60

Суперб

Фиат

25

Типо

Ситроен

13

Ц3

Хјундаи

9

Ионик

Опел

7

Корса

 

Меѓу фирмите, најголема вредност на договорите и овој пат има „Порше лизинг“ со скоро 2 милиони евра, „МИ-ДА Гранд Моторс“ со речиси 300 илјади евра и „Аутомобиле-СК“ со 274 илјади евра. Кумановската „Делукс-ауто“ паднала од второ на четврто место со 168 илјади евра.

Фирми со најголема вредност на договорите 

Фирма

Број на договори

Број на набавени возила

Вредност на договорите

Порше лизинг Скопје

4

50

1.901.983 €

МИ-ДА Гранд моторс Скопје

3

10

290.259 €

Аутомобиле-СК

9

25

274.717 €

Делукс-ауто Куманово

5

6

168.516 €

Автонова

3

13

146.494 €


Кога станува збор за конкуренцијата на тендерите за набавка на нови возила, таа и натаму опаѓа односно дури на 83 % од тендерите имало само по една понуда.

Фактот што од една страна има голем број дистрибутери на нови возила во земјава, а друга страна на тендерите се јавувал само по еден понудувач, го отвора сомнежот дека институциите доминантно си купувале такво возило какво што сакале.

Конкуренција на тендерите

пита

Инаку, ова е трето вакво истражување на набавените нови возила на институциите. Првото се однесуваше за 2013, 2014 и 2015 година кога државните институции набавиле 323 возила. За овие возила тогаш биле потрошени 5,3 милиони евра. Второто се однесуваше за периодот 2018-2020 година (до почетокот на кризата) кога беа набавени 392 возила за 8,1 милион евра. 

 

Споредба меѓу набавките на возила по години на истражување

Период

Број на набавени возила

Вредност на набавените возила (мил.€)

2013-2015

323

5,3

2018-2020

392

8,1

2020-2022

142

3,6

 

Методолошки напомени

Истражувањето е спроведено врз основа на податоците од Електронскиот систем за јавни набавки и директно од државните институции. Во истражувањето се опфатени само набавките на патнички возила и не се опфатени т.н. комерцијални возила, односно товарните, работните и возилата од технички карактер. Исто така, вклучени се само новите возила, а не и набавените половни возила. Некаде се вклучени и возила во чиј опис на набавка пишува дека се транспортни, но всушност се набавени возила кои можат да служат и како патнички. 

 

*          *          *

 

цивика логоа

 

Годишната програма на Центарот за граѓански комуникации е поддржана од програмата Цивика Мобилитас.

Содржината на оваа анализа е единствена одговорност на Центарот за граѓански комуникации и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или на организациите што ја спроведуваат.