Зимското одржување на патиштата оваа сезона ќе чини 8 милиони евра

  • 24/01/2022

База на договори за зимско одржување 2021-22

Државните институции склучиле договори за јавни набавки со приватни фирми за механизација, работници, сол и ризла за одржување на улиците и патиштата во зимски услови за сезоната 2021-2022 година во вредност од половина милијарда денари (8 милиони евра). 

Досега се склучени 69 договори за зимско одржување на улиците и патиштата и за набавка на сол и ризла, а во 5 постапки за јавни набавки сѐ уште не е објавено известувањето за склучен договор.

Тендери за зимско одржување на улици и патишта имале 36 општини и Градот Скопје, 6 локални јавни претпријатија, државното јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје, АД Електрани и Министерството за внатрешни работи.

Најголеми договори по вредност, како и претходните години, има Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта. За одржување на патиштата во зимски услови со ангажирање на механизација и за набавка на сол и ризла, ова јавно претпријатие во оваа зимска сезона ќе потроши 317 милиони денари, односно  5,2 милиони евра. Ова е 65 % од вредноста на вкупните договори за зимско одржување во земјава. Ова претпријатие има вкупно девет договори за јавни набавки за оваа намена и тоа пет се склучени годинава, а четири се склучени 2020 година за период од 2 години.

Следна институција според вредноста на договорите за зимско одржување на улиците е Град Скопје кој во 2021 година има склучено договори за чистење на улиците и за сол кои траат и оваа година, во вкупна вредност од 1,4 милиони евра, односно по околу 700 илјади евра годишно. 

Сепак, покрај Градот Скопје, тендери за набавка на услуги за зимско чистење на улиците имале уште 9 други скопски градски општини. Тие, заедно со Градот Скопје имаат склучено договори за зимско чистење на улиците и патиштата во вкупна вредност од околу 1,4 милиони евра. 

 

Од другите општини, најмногу пари за зимско одржување планираат да потрошат Прилеп, Куманово и Струга. Прилеп – 195 илјади евра, Куманово 146 илјади евра и Струга 98 илјади евра.

slika

Општините Тетово и Кичево, кои имаа најголеми износи за овој вид на договори претходната година, сѐ уште немаат склучено договори за оваа зимска сезона. Тендерот на Општина Тетово е поништен, а постапката на Општина Кичево е во тек.

Гледано од аспект на конкуренцијата, во повеќе од половина од тендерските постапки е добиена само една понуда. Просечниот број понуди по тендер е 1,7.

Што се однесува до фирмите кои добиле тендери за зимско одржување, на прво место според бројот на договори е скопската фирма КИ-ЕМ која има 7 договори за продажба на индустриска сол во вкупна вредност од 388.049 евра.

Но, според вредноста на тендерите, други пет компании се носители на најголемиот дел од колачот.

На врвот е Димакс рудници од Демир Хисар со четири тендери во вредност од 7 милиони евра за две години или по 3,5 милиони евра на годишно ниво. Три договори се склучени со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје, и се однесуваат за набавка на индустрсика сол, ризла и механизација за превоз на ризлата, и еден договор е склучен со Општина Битола за набавка на ризла.

На второ место е Аполо Инженеринг со два договори, и тоа едниот склучен со Град Скопје во вредност од над 1 милион евра за две зимски сезони, а вториот со Општина Сарај во вредност од 48 илјади евра.

На трето место е фирмата ДИКОР ЦД Струмица која има договор со Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, за извршување на патни работи во зимски услови на сите Државни патишта во РСМ на територија на Подружница Штип во вредност од 548 илјади евра и договор со Општина Делчево во вредност од 23 илјади евра.

На четврто место според вредноста на склучените договори е ЈОСКАТРАНС-ТРЕЈД Демир Хисар со договорот склучен со Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта за извршување на патни работи во зимски услови на сите Државни патишта во РСМ на територија на Подружница Битола во вредност од 464 илјади евра. 

На петто место на оваа листа е фирмата АНИЗОР Драшко од с.Шишево Сарај со склучени договори со општините Карпош, Центар, Ѓорче Петров и Бутел во вкупна вредност од 417 илјади евра. 

slika4

Вкупната сума на трошоци за зимско одржување сигурно ќе биде и поголема ако се има предвид дека за пет тендери сѐ уште не се објавени склучените договори и нивните износи. 

Сите договори за зимско одржување на патиштата и улиците се дадени во базата на податоци во отворен формат, за натамошно користење. Основа за пресметка на трошоците на институциите за зимско одржување на патиштата и улиците се податоците добиени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Во истражувањето се опфатени тендерите на сите институции на централно и локално ниво спроведени во текот на 2021 и 2022 година за зимско одржување на улици и патишта, како и тендерите спроведени во 2020 година но со рок на важност на договорите од две години со кои всушност се покриваат трошоците за зимско одржување за 2021 и за 2022 година.

 

*          *          *

 

Годишната програма на Центарот за граѓански комуникации е поддржана од програмата Цивика Мобилитас. 

Содржината на оваа анализа е единствена одговорност на Центарот за граѓански комуникации и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или на организациите што ја спроведуваат.