За новогодишното украсување се потрошени 40 % помалку пари
База на договори за новогодишно украсување и пакетчиња
За украсување на Градот Скопје и уште 15 други општини во земјава за Новата 2021 година се потрошени вкупно 405 илјади евра, што е за 40 % помалку од лани.
Од украсување на улиците за новата 2021 година се откажале девет општини кои имале тендери за претходната 2020-та година. 14 општини имале тендери за украсување и лани и годинава, а 3 општини и едно државно претпријатие немале лани, но имале тендери за украсување за новата 2021 година.
Сите општини кои имале тендери за украсување и во претходната година, за дочекот на 2021 година потрошиле помалку пари отколку лани, освен Општина Битола која за дочекот на годинава ги зголемила овие трошоци за 26 %.
За разлика од дочекот на ланската 2020 кога трошоци за украсување имале Градот Скопје и седум други скопски општини, за дочекот на оваа 2021 година трошоци за украсување имале Градот Скопје и само уште три други општини: Карпош, Гази Баба и Аеродром.
Вкупниот износ на договорите за украсување на главниот град од Градот Скопје и овие три општини изнесува 298 илјади евра, што е 75 % од сите пари потрошени за новогодишно украсување во земјава.
Инаку, освен Градот Скопје чиј што договор за новогодишно украсување и годинава е најголем и изнесува 243.886 евра, според висината на вредноста на договорите следат скопски Аеродром, Радовиш, Охрид и Гази Баба.
Конкуренцијата на тендерите за новогодишно украсување била исклучително ниска. На овие тендери просечно имало по 1,8 понуда, а на половина од тендерите имало само по една понуда.
И годинава, најголем дел од вредноста на договорите за украсување за новата година добиле две скопски фирми - Линк Медиа Плус и Метал-Вет-Ел. Линк Медиа Плус има склучено три договори, со Градот Скопје, Градскиот трговски центар и Општина Аеродром во вредност од 284 илјади евра, додека Метал-Вет-Ел има склучено 5 договори во вкупна вредност од 75 илјади евра.
База на податоци со договорите за новогодишно украсување, во отворен формат, е дадена во прилог на оваа анализа.
56 институции купиле новогодишни пакетчиња во вкупна вредност од 63 илјада евра
Новогодишните празници вообичаено носат уште еден трошок покрај украсувањето – за новогодишни детски пакетчиња. Тендери за купување пакетчиња за новата 2021 година имале 14 институции, додека други 42 институции купиле пакетчиња без примена на Законот за јавни набавки бидејќи вредноста на набавките била помала од илјада евра – вредносен праг под кој што не важи Законот за јавни набавки. Сепак, и некои од институциите што спровеле тендер набавиле пакетчиња за помалку од илјада евра, но решиле тоа да го направат со примена на Законот за јавни набавки поради поголема транспарентност.
Како и да е, вкупната сума пари потрошени за оваа намена изнесува 62.950 евра. Најмногу пакетчиња, 3.120 купила Општина Прилеп, иако со ниска поединечна цена. Најскапи пакетчиња од 1.249 денари купила Општина Новаци. Сепак, поединечните цени и количините на купените новогодишни пакетчиња се познати само за оние институции кои имале тендер за оваа намена, но не и за останатите 42 кои купиле пакетчиња за пониска вкупна вредност од законскиот лимит за спроведување на тендер. Некои институции купиле по неколку видови пакетчиња, поевтини и поскапи. Меѓу институциите кои купиле најскапи пакетчиња, покрај Општина Новаци спаѓаат и Град Скопје по цена од 954 денари, Општина Куманово со цена од 885 денари, Општина Аеродром каде се купени за 829 денари и Министерството за одбрана (МО) по цена од 809 денари.
База на податоци со договорите за новогодишни пакетчиња, во отворен формат, е дадена во прилог на оваа анализа.
* * *
Основа за пресметка на трошењата на општините за новогодишно украсување и за новогодишни пакетчиња се податоците добиени од Електронскиот систем за јавни набавки. Во истражувањето се вклучени сите договорни органи во Република Северна Македонија кои имале ваков вид на набавка во 2020 година.
Ова истражување и базата на податоци се подготвени од Центарот за граѓански комуникации во рамки на Проектот за граѓанско учество со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината во ова истражување и во базата на податоци е одговорност на авторите и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.