Транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост за 2020 година
Транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост
Transparency and Accountability of State-Owned Enterprises
Исполнување на параметрите за транспарентност и отчетност
Стандардите врз основа на кои е направена оценката на транспарентноста и отчетноста на претпријатијата во државна сопственост се утврдени преку анализа на релевантната законска регулатива и на меѓународните стандарди. Оттука, доминантен дел од избраните стандарди се законски обврзувачки за претпријатијата, а помал дел се стандарди што се сметаат за добра практика. Предмет на оценка и рангирање се 30 најголеми претпријатија во државна сопственост чии приходи во 2019 година изнесуваа 732 милиони евра. На крајот од 2019 година во овие анализираните претпријатија работеле вкупно 22.140 работници.
Клучни наоди на истражувањето за транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост за 2020 година се:
- Просечното ниво на транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост, што подразбира исполнување на законските обврски и добрите стандарди, изнесува 41% од можни 100%.
- Транспарентност и отчетност на претпријатијата бележи напредок во однос на 2018 година кога изнесуваше 28 %
- Во последните две години, поголем напредок во транспарентноста имаат претпријатијата основани од општините од оние основани од Владата. Општинските јавни претпријатија имаат просечен раст на транспарентноста од 27 % во 2018 година на 43 %, а претпријатијата на Владата, пак, имаат раст од 31 % на 39 %. Ова ја доведува во прашање доследноста на примената на Стратегијата за транспарентност на Владата на РСМ (2019 – 2021 год.).
- Исполнети се услови за разрешување на 15 директори на јавни претпријатија. Имено, Законот за јавни претпријатија (член 24-а) предвидува разрешување на директорот на претпријатието за ненавремено објавување на веб-страницата претпријатието на тримесечните извештаи коишто содржат показатели за финансиското работење за тековната година, како и на годишната сметка и извештајот за претходната гoдина.
На врвот на ранг-листата со највисоко ниво на исполнување на обврските 82 % повторно се наоѓа Јавното претпријатие за државни патишта, а на дното повторно е АД Градски трговски центар со 16 % исполнување.
- Една третина од претпријатија не ги објавуваат ниту имињата на членовите на управните и надзорните одбори. Додека пак објавувањето на биографиите на членовите на овие управувачки органи е практика само на 13% од претпријатијата.
- Ниту едно претпријатие не објавува информации за одржаните седници на управните одбори, односно ниту ги најавуваат седниците ниту, пак, информираат за донесените одлуки по нивното одржување.
- Оперативен извештај за работењето во претходната година објавиле само 43 % од претпријатијата, а финансиски отчет е објавен од страна на 57 % од претпријатијата.
- Само една третина од претпријатијата го објавиле ревизорскиот извештај за 2019 година, којшто во согласност со законските обврски морале да го имаат, и го доставиле до Централниот регистар до 30 јуни.