Индекс на рационалност за асфалтирање улици
Со цел да се обезбеди споредливост на податоците, овој индекс не е изработен за изградба на улици, туку за асфалтирање улици. Имено, цената на чинење за изградба на улица во голема мера зависи од состојбите на теренот врз којшто се гради. Оттука, индексот на рационалност е направен за асфалтирање улици (набавка, транспорт и поставување асфалтна маса од 7 см) и покажа дека цените кои општините ги плаќаат за оваа услуга се движат од 757 до 1.239 денари за м2. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1: 1,64, што значи дека највисоката цена, која за асфалтирањето ја платила општина Охрид, е за 64% повисока од цената која за истата услуга ја платила општина Карбинци. Во тендерите за асфалтирање улици констатирана е највисока конкуренција на понудувачите. Притоа, во тендерот каде што е постигната најниска цена за асфалтирање улици, бројот на понудувачи бил 6 и спроведена е е-аукција со намалување на цените, додека, пак, во тендерот каде што е постигната највисока цена, понуда доставила само една градежна фирма и немало услови за одржување е-аукција.
Во изработката на овој индекс првично беа вклучени сите договорни органи кои за овој вид набавка објавиле оглас од мај 2013 до мај 2014 година на ЕСЈН со предмет на набавка – асфалтирање и изградба на улици. За оние договорни органи кои имаа повеќе вакви договори, беа избрани нивните последни постапки спроведени за овој вид набавка. Оттука, за да се изработи овој индекс, беа побарани податоци од 18 институции (16 општини и 2 јавни претпријатија), на кои им беа побарани информации за цената за набавка и поставување на асфалтната маса, дебелината на асфалтната маса и должината на улиците што беа асфалтирани. Беа добиени одговори од 14 институции. Притоа, Општините Валандово и Росоман, иако ги доставија податоците, се исклучени од индексот, бидејќи дебелината на асфалтната маса им беше помала од 7 сантиметри, што се покажа како стандардна дебелина на асфалтот кај доминантен дел од општините. Имено, Општина Валандово ги асфалтирала улиците со дебелина на асфалтот од 6 см, а Општина Росоман со 5 см. ЈП Стипион Штип информираше дека тендерот им е поништен, Општина Делчево дека поставувала бехатон плочки на улицата и не користела асфалт за изградба на улиците, како и Општина Велес. Општина Зелениково, пак, одговори на бараните информации со доставување на договорот за асфалтирање улици и крпење ударни дупки, но без пресметката по ставки за да се види колку изнесува асфалтирањето. Општините Чаир, Кривогаштани и Зрновце, како и КЈП Нискоградба Битола не ги доставија побараните податоци. Оттука, индексот на рационалност за асфалтна маса е изработен врз основа на цените на 8 општини. Гледано од аспект на користените постапки во набавката на услугата за асфалтирање улици, доминирала отворената постапка, која ја примениле 6 од 8 анализирани општини (Битола, Струга, Могила, Пробиштип, Ресен и Охрид). Останатите две општини (Карбинци и Кочани) ја користеле постапката со прибирање на понуди во вредност до 50.000 евра. 15 Сите општини како критериум за избор ја користеле најниската цена и планирале постапките да ги завршат со е-аукција. Сепак, поради немање конкуренција, електронското намалување на цените не се спровело во постапките на Општините Струга и Охрид. Оттука можеме да констатираме дека конкуренцијата одиграла улога во формирањето на цените. Воедно, значајно е да се констатира дека токму во постапките каде што се постигнати цени кои се повисоки од просечно постигнатата во индексот, и тоа кај Општините Пробиштип, Ресен и Охрид, од фирмите понудувачи се барало да имаат 20, односно 30 вработени. Додека, пак, во постапката спроведена од Општина Струга, каде што била доставена само една понуда, како ограничувачки фактор може да се наведе барањето понудувачот да има сопствена асфалтна база на оддалеченост не повеќе од 50 км од општина Струга.
Како што може да се види од следниот табеларен приказ, вредноста на договорите што општините ги склучиле за асфалтирањето улици не влијаела врз цената.
Вредност на договорите за асфалтирање улици
Договорен орган | Вредност на договорот во денари |
---|---|
Општина Карбинци | 2.393.087 |
Општина Кочани | 2.118.644 |
Општина Битола | 8.551.579 |
Општина Струга | 19.822.073 |
Општина Могила | 3.373.620 |
Општина Пробиштип | 10.303.153 |
Општина Ресен | 4.054.298 |
Општина Охрид | 20.590.624 |
Произлегува дека Општината Карбинци, која склучила договор со најмала вредност, добила и најниска цена, наспроти Општина Охрид, чијшто договор е со најголема вредност.