Индекс на рационалност за провизија за привремено вработување
Провизијата која им се плаќа на авторските агенции за привремените вработувања во државните институции се движи од 0,24% до 12,98% од бруто-платата, што претставува исклучително висока разлика. Највисоката агенциска провизија евидентирана кај ЈП „Комуналец“ од Неготино се однесува за 40 вработувања, додека пак ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, чија агенциска провизија е најниска, не го соопшти бројот на привремени вработувања за кои е склучен договорот, иако од нив беше побарана и оваа информација. Гледано според расположливите податоци, институцијата која плаќа највисока провизија всушност има склучено договор и за најголем број привремени вработувања, што е спротивно на основната економска логика дека поголемата вредност на договорот треба да влијае врз намалување на поединечната цена.
За изработка на индексот на рационалност за провизија на авторски агенции за привремени вработувања, барања за доставување информации од јавен карактер беа испратени до сите договорни органи што спровеле постапки за набавка на оваа услуга во првите три месеци од 2012 година, а се пронајдени во Електронскиот систем за јавни набавки. Од испратените 10 барања, одговор не доставија само Град Скопје и ЈП Дом за стари лица „Зафир Сајто“, Куманово. Оттука, индексот вклучува рангирање на 8 институции и е изработен врз основа 7 на висината на провизијата што се плаќа од бруто-платата по вработен со вклучен ДДВ.
Како што може да се забележи од индексот, постојат огромни разлики меѓу државните институции во набавката на оваа услуга. Најниската цена е за цели 93,44% пониска од просечно постигнатата, а највисоката цена е за 254,64% повисока од просечната. Притоа, пет договорни органи за услугата плаќаат цена која е пониска од просечната, а три склучиле договори со провизиски стапки повисоки од просечно постигнатата од страна на вклучените институции. Големите разлики во цената не можат да се објаснат со спроведените постапки за јавни набавки, особено ако се има предвид логиката дека постапките со објавување оглас како потранспарентни значат и поголема конкуренција, а со тоа водат и кон пониски цени. Имено, седум од осумте институции спровеле постапки со објавување оглас. Само детската градинка „Брешиа“ – Дебар склучила договор со прибирање на понуди без објавување оглас, откако претходно, како што наведуваат во известувањето на ЕСЈН, поради непредвидени и објективни околности го поништиле претходно објавениот тендер. Сите останати институции вклучени во индексот објавиле оглас за набавката. Притоа ЈП „Улици и патишта“, Општина Охрид и ЈП „Комуналец“ – Неготино спровеле отворени постапки, а останатите (Ј.П. „Градски паркинг“ – Скопје, Општина Богданци, Општина Петровец, СОЗШУ „Ѓорче Петров“ Кавадарци) примениле постапки за прибирање понуди со објавување оглас. Во однос на примените критериуми за избор на најповолна понуда, од осумте институции вклучени во индексот, седум користеле критериум ,најниска цена‘. Со критериумот ,економски најповолна понуда‘ изборот бил направен само од ЈП „Комуналец“ – Неготино, каде што биле вклучени три елементи и тоа: рок на плаќање - 40 бода, цена за услугата - 40 бода и квалитет - 20 бода. Оттука произлегува дека олку големите разлики во висината на агенциските провизии кои институциите вклучени во индексот ги плаќаат за привремените вработувања можат само делумно да се објаснат со применетите критериуми за избор на најповолна понуда. Притоа, факт е дека со ,економски најповолна понуда‘ е постигната највисоката цена, но во исто време и кај останатите институции каде што бил применет критериумот ,најниска цена‘ има големи разлики во висината на провизијата, кои се движат во границите од 0,24% до 5,90% од бруто-платата на привремено вработените.
Понатаму, доколку се спореди висината на агенциската провизија со бројот на вработените за чие привремено ангажирање договорните органи ги склучувале овие договори, ќе се констатира отсуство на каква било економска логика.
Број на привремени вработувања
Договорен орган | Број на вработувања |
Ј.П. „Градски паркинг“ – Скопје | / |
Општина Богданци | 8 |
ЈП „Улици и патишта“ – Скопје | 10 |
Општина Петровец | 3 |
СОЗШУ „Ѓорче Петров“ Кавадарци | 2 |
ЈОУДГ „Брешиа“ – Дебар | 9 |
Општина Охрид | 6 |
ЈП „Комуналец“ – Неготино | 40 |
Како што може да се види од претходната табела, највисоката провизија ја плаќа договорен орган (ЈП „Комуналец“ – Неготино) чијшто договор опфаќа најголем број привремени вработувања. Од друга страна, договорниот орган (Земјоделско-шумарско училиште „Ѓорче Петров“ Кавадарци) чиј договор се однесува на најмал број привремени вработувања плаќа пониска провизија од просечно констатираната во индексот. Сепак, ако разликите не можат да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки, со критериумите за избор, како и со бројот на вработени за кои се однесува договорот, тогаш тие можат да се објаснат со примената на електронската аукција (негативно наддавање на цената). Имено, институцијата која успеала да добие најниска агенциска провизија користела е-аукција наспроти договорниот орган што плаќа највисока провизија, случај во кој немало е-аукција.