Индекс на рационалност за клима уреди
Во индексот на рационалност за клима уредите, соодносот на најниската и највисоката цена е 1: 1,55 што значи дека највисоката цена е за 55% повисока од најниската по која се купени клима уредите. Постигнатите цени не можат да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки. Општините кои клима уредите ги купиле по најниска цена всушност ја примениле постапката прибирање на понуди без објавување на оглас каде понуди се бараат од најмалку три фирми по избор на договорниот орган. Наспроти нив, договорните органи кои ги купиле најскапите клима уреди примениле постапка со објавување на оглас, што по логиката на нештата создава предуслови за поголема конкуренција помеѓу фирмите и оттука можност за намалување на цените и кон поповолни понуди за институциите. Во споредба со 2011 година, кај овој индекс можеме да констатираме подобрување на состојбите бидејќи тогаш соодносот на најниската и највисоката цена изнесуваше 1:1,90 што значи дека највисоката цена тогаш беше за 90% повисока од најниската наспроти сегашниот сооднос од 1: 1,55. Во однос на просечната цена таа е речиси на исто ниво, со тоа што во индексот на рационалност во 2011 година просечната цена за клима уред без трошоците за доставување и монтажа изнесуваше 16.636 денари, а сега заедно со овие трошоци изнесува 19.739 денари.
Договорните органи вклучени во изработка на индексот на рационалност за клима уредите имаат објавено оглас од 2012 и втората половина од 2011 година. Со цел да се опфати поголем број на договорни органи вклучени се и општини и министерства што спровеле мала набавка за клима уреди во втората половина од 2011 година и се евидентирани преку евиденциите доставени до ЕСЈН. Барања за постигнатите цени во набавката на клима уредите беа доставени до 12 институции. Сепак во самиот индекс се вклучени 9 институции бидејќи Општата Болница - Гевгелија купила клими со помала моќност од 3,5 КW, додека пак Општина Сопиште и М-НАВ АД-Скопје не ги доставија побараните информации.
Како што може да се види од табелата за индексот на рационалност, шесте институции што купиле клима уреди под просечно постигнатата цена имаат цени кои се пониски, додека пак трите институции со натпросечно високите цени се повисоки. Просечната цена која е пресметана врз основа на цените за набавка на клима уредите со јачина од 3,5 KW од страна на сите институции е во групата на повисоки цени за овој вид производ што можат да се најдат на пазарот. Постигнатите цени не можат да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки. Општините Кисела Вода, Желино и Гевгелија кои клима уредите ги купиле по најниска цена всушност ја примениле постапката прибирање на понуди без објавување на оглас каде понуди се бараат од најмалку три фирми по избор на договорниот орган. Наспроти ова, институциите со највисоки цени Царинска управа и Природно-математички факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кои што во изработениот индекс имаат највисоки цени, примениле постапки прибирање на понуди со објавување на оглас. Институциите чии клима уреди се најскапи, како критериум за избор на најповолна понуда користеле 'економски најповолна понуда'. Царинската управа ја бодувала цената со 80 бода, за периодот за гаранција давала 5 бода, 17 исто толку и за квалитетот, а референтната листа на фирмите им носела 10 бода, додека пак кај Природно-математички факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за цената се давале 60 бода, пост-гарантен сервис и обезбедени резервни делови 5 бода, квалитет 20 бода и период на гаранција 15 бода.
Индекс на рационалност за клима-уреди
Договорен орган | Купени количини |
Општина Кисела Вода | 9 |
Општина Желино | 13 |
Општина Гевгелија | 3 |
Град Скопје | 20 |
Општина Карпош | / |
Општина Могила | 5 |
Општина Кочани | 3 |
Природно-математички факултет Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ | 4 |
Царинска управа | 4 |
Во однос на купените количини, како што може да се види од претходната табела, разликите не се толку значајни за да можат да се објаснат констатираните разлики во цените. Притоа, институцијата која купила најголем број на клима уреди не ја постигнала најниската цена.