Индекс на рационалност за одржување на хигиeна во внатрешни работни површини
Цената која се плаќа за одржување на хигиена во внатрешните работни простори во државните институции се движи од 24 до 66 денари за еден метар квадратен месечно. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува дури 1:2,75 што значи дека највисоката цена која за одржување на хигиена ја плаќа Државна лотарија на Македонија е за 175% повисока од цената која за истата услуга ја плаќа Советот за радиодифузија на РМ. Разликите во цените не можат да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки, со користениот критериум за избор на најповолна понуда, ниту пак со големината на работните простории. Ревизиското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош кое има најмали работни површини од анализираните институции, постигнало цена која е пониска од просечно постигнатата, додека пак институцијата со најголеми работни површини Служба за општи и заеднички работи на Владата на РМ за услугата плаќа цена која е повисока од просечно постигнатата.
Во изработката на индексот на рационалност за одржување на хигиена се вклучени сите договорни органи кои за овој вид набавка објавиле оглас во првите шест месеци 2012 година. Преку Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) беа евидентирани 14 договорни органи што објавиле оглас за овој вид набавка. Сепак, во индексот се вклучени 9 договорни органи бидејќи Училишниот дом Здравко Цветковски-Скопје не одговори на доставеното барање, од Агенција за вработување информираа дека постапката за оваа јавна набавка им е поништена, но притоа не објаснија како тековно ја одржуваат хигиената во нивните простории, ниту колку тоа ги чини, додека пак Економскиот факултет-Прилеп, ЈП Македонска Радиотелевизија и Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор доставија податоци со кои не можеше да се обезбеди споредливост со останатите институции. Оттука, индексот вклучува рангирање на 9 институции и е изработен врз основа на цената за одржување на хигиена по 1 м2 месечно со вклучен ДДВ. Како што може да се забележи од индексот, постојат големи разлики меѓу државните институции во набавката на оваа услуга. Најниската цена е за 51,02% пониска од просечно постигнатата, а највисоката цена е за 34,69% повисока од просечната. Притоа, четири договорни органи за услугата плаќаат цена која е пониска од просечната, а пет склучиле договори со цени повисоки од просечно постигнатата од страна на вклучените институции. Големите разлики во цената не можат да се објаснат со спроведените постапки за јавни набавки. Оваа констатација ја потврдуваат неколку факти. Прво, институциите кои плаќаат најниска и највисока цена, Советот за радиодифузија и Државна лотарија примениле постапка „барање за прибирање на понуди“ со објавување на оглас користејќи критериум за избор ‘најниска цена‘. Второ, сите институции спровеле транспарентна постапка за јавна набавка, односно не е евидентиран случај на примена на постапка со прибирање на понуди без објавување на оглас што беше можно до јули 2012 година, ниту пак постапките за преговарање со или без оглас. Трето, сите институции со исклучок на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ФПИОМ) примениле критериум за избор ‘најниска цена‘. Притоа е значајно да се нагласи дека ФПИОМ кој применил критериум за избор ‘економски најповолна понуда‘ каде цената се бодувала со 80, а квалитетот носел 20 бода, постигнал цена за услугата која е пониска од просечната. Четврто, во постапките за избор на 9 најповолна понуда на институциите кои имаат најниска и највисока цена е користена е-аукција, односно негативно наддавање на понудите цените. Оттука произлегува дека не постојат рационални објаснувања за констатираните разлики во цените. Разликите во цените не можат да се објаснат ниту со големината на работните површини што се одржуваат, односно со економската логика дека цената треба да е обратно пропорционална со, во овој случај, големината на површината за чистење.
Големина на работните површини опфатена со договорите
Договорен орган | Површини за чистење во м2 |
Совет за радиодифузија на РМ | 1.071 |
Фонд на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија | 9.785 |
Ревизиско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош | 425 |
Дирекција за технолошки индустриски развојни зони | 1.054 |
Дирекција за заштита и спасување | 2.896 |
Служба за општи и заеднички работи на Владата на РМ | 82.168 |
Агенција за катастар на недвижности-Скопје | 2.600 |
ЈЗУ Психијатриска болница Скопје | 3.888 |
АД за приредување на игри на среќа Државна лотарија на Македонија | 3.888 |
Како што може да се види од претходната табела Ревизиското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош, кое има најмали работни површини (425 м2) од анализираните институции, постигнало цена која е под просечната, додека пак институцијата со најголеми работни површини, Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ за услугата плаќа цена која е повисока од просечно постигнатата.