Индекс на рационалност на работни обувки-кломпи
Сите детски градинки вклучени во изработениот индекс на рационалност купиле анатомски кожни кломпи. Оттука констатираните разлики во цената се исклучително големи. Соодносот на најниска и највисока цена е 1:2,58 што значи дека Детска градинка „Детска радост“–општина Гази Баба за кломпите платила 158% повисока цена од Детска градинка „Ангел Шајче“- Куманово. Разликите во цените не можат да се оправдаат со разлики во применетите постапки бидејќи сите градинки работните обувки ги купиле со барања за прибирања на понуди без објавување на оглас. Оваа постапка согласно последните измени на Законот за јавни набавки можеше да се користи до јули 2012 година, што и било направено од страна на анализираните договорни органи.
Во индексот на рационалност за работни обувки – кломпи се вклучени осум детски градинки кои овој вид на набавка го имале во првата половина од 2012 година. Сите договорни органи од кои беше побаран податокот за цената која ја платиле за набавка на оваа работна обувка одговорија на доставените барања со исклучок на ЈУДГ Буба Мара-Скопје. Сепак, иако ги достави побараните податоци, од индексот е исклучена и ЈОУДГ Детска радост - Гевгелија поради неможноста да се обезбеди споредливост на обувките бидејќи нивните обувки не беа кожни.
Како што може да се види од табелата во која е претставен Индексот на рационалност за работни обувки-кломпи, четири детски градинки кломпите ги купиле под просечно постигната цена од 1.429 денари, а четири од нив над таа цена. Вака големите разлики во цените не можат да се објаснат со применетите постапки бидејќи сите градинки работните обувки ги купиле со барања за прибирања на понуди без објавување на оглас. Разликите во цените на набавката на кломпи во детските градинки низ Република Македонија само делумно може да се објаснат со купените количини.
Индекс на рационалност за работни обувки-кломпи
Договорен орган | Купени количини |
Детска градинка „Ангел Шајче“-Куманово | 155 |
Детска градинка „Јасна Ристевска“-Охрид | 101 |
Детска градинка „13 Ноември“-Центар | 123 |
Детска градинка „Кочо Рацин“-Центар | 92 |
Детска градинка „25 мај“ -Гази Баба | 86 |
Детска градинка „Гонча Туфа“-Крушево | 15 |
Детска градинка „Орце Николов“-Карпош | 70 |
Детска градинка „Детска радост“-Гази Баба | 77 |
Факт е дека кумановската детска градинка „Ангел Шајче“ која постигнала најниска цена купила и најголема количина обувки. Сепак, од друга страна, детската градинка која ги има купено најмалите количини, „Гонча Туфа“ од Крушево, не платила највисока цена за набавка на обувките. Воедно, разликите во купените количини не се толку големи за да ги оправдаат вака големите осцилации во цените. Значајно е да се нагласи дека кај поголем број на договорни органи постигнатите цени за набавка на кожните кломпи е на ниво на пазарните што е нелогично ако се има предвид дека постапката за јавна набавка подразбира натпревар помеѓу фирмите и би требало да доведе до поголемо или помало намалување на пазарните цени.