Индекс на рационалност за дезинфекција, дезинсекција и дератизација
Цените кои се плаќани за услугата дезинфекција, дезинсекција и дератизација се движат од 3000 до 9310 денари за 1.000 м2 . Соодносот на најниска и највисока цена е 1:3,10, што значи дека Агенцијата за државни патишта за оваа услуга на 1000 м2 плаќа 210% повисока цена од студентскиот дом „Орде Чопела“ од Прилеп.
Во изработката на овој индекс, иницијално беа вклучени сите договорни органи кои објавиле оглас за јавна набавка на услугата за дезинфекција, дезинсекција и дератизација од септември 2012 до февруари 2013 година. Од 15 договорни органи од кои беше побарана информација за цената која ја плаќаат за услугата, во индексот се вклучени 10. Притоа Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ немаше унифицирана цена, туку скалесто движење на цените за услугата во зависност од големината на просториите, во маргини од 16,2 денари по 1 м 2 за објекти до 50 м 2 до 7,6 денари за 1 м 2 за објекти над 700 м 2 . ЈУ од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи – универзитетски клиники, завод и ургентен центар – Скопје ги достави побараните податоци, но врз основа на нив не беше можно да се изведе просечна цена за метар квадратен. ЈП Водовод и канализација, пак, достави одговор со поединечно наведување на цената на над 50 свои пунктови и административни објекти, со што беше отежнато да се изведе просечна цена за услугата. Агенцијата за стокови резерви, за време на изработката на анализата, го немаше потпишано договорот во очекување на одобрение од Државната комисија за спречување на корупцијата за продолжување на започнатиот тендер, со оглед на изборните активности во тој период. Побараните информации не ги достави само ЈЗУ Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје.
Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност, цените што ги плаќаат институциите за услугата дезинфекција, дезинсекција и дератизација за 1.000 м 2 се движат од 3000 до 9310 денари. Притоа разликите во цената кај некои институции изнесуваат и над 50 проценти од просечната цена. Притоа треба да се нагласи дека станува збор за услуга која сите институции ќе ја користат најмалку двапати годишно. Евидентираните разлики во цените не можат да објаснат со разлики во применетите постапки за јавни набавки. Имено, сите институции вклучени во индексот ја примениле постапката со барање за прибирање понуди за набавки до 5.000 евра за кои се објавува оглас и на крајот се спроведува е-аукција.
Критериумот според кој се вршел избор на најповолна понуда кај сите овие тендери била најниската цена. Наспроти логиката, во тендерот на студентскиот дом „Орде Чопела“ - Прилеп, каде што е постигната најниска цена, не е спроведена е-аукција бидејќи е добиена само една понуда, и тоа од ЈЗУ Центар за јавно здравје - Прилеп, додека, пак, во тендерот на Агенцијата за државни патишта, каде што за услугата се плаќа највисока цена, била спроведена е-аукција. Како што може да се види од следната табела, големите разлики во цената не може да се оправдаат ниту со големината на работните површини за кои се набавувала оваа услуга.
Големина на просторот што се одржува
Договорен орган | Големина на површините во м2 |
Студентски дом „Орде Чопела“ Прилеп | 7500 |
Агенција за катастар на недвижности | / |
ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми – Скопје | 2500 |
Дом за доенчиња и мали деца – Битола | 2043 |
Здравствен дом Скопје | 10000 |
ДУД „Мирка Гинова“ | 3924 |
Детска градинка „Мајски цвет“ | 3389 |
Собрание на РМ | / |
Детска градинка „Естреја Овадија – Мара“ Битола | 4.341 |
Агенција за државни патишта | 2899 |
Притоа, Здравствен дом Скопје, кој ја користел услугата дезинфекција, дезинсекција и дератизација за најголеми површини (10.000 м2 ) не ја постигнал најниската цена. Воедно, ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми – Скопје, која е со најмали површини од анализираните институции, постигнала цена која е за 20% пониска од просечно постигнатата.