Индекс на рационалност за одржување на лифтови

  • 10/2013

Цената која институциите ја плаќаат годишно за тековно одржување на патничките лифтови се движи од 9.256 до 29.783 денари за еден лифт. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува дури 1:3,22, што значи дека највисоката цена која ја плаќа ЈЗУ Здравствен дом Скопје за тековно одржување на лифт е за 222% повисока од цената која за таа услуга ја плаќа Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ. Вака големата разлика може само делумно да се објасни со бројот на лифтови за чие одржување се склучени договорите. Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија случила договор за одржување на 30 лифтови, а за ЈЗУ Здравствен дом Скопје за само 3 лифта. Разлики постојат и во однос на примената на е-аукција со тоа што Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија добила две понуди и спровела е-аукција за намалување на цените, а ЈЗУ Здравствен дом Скопје добила само една понуда и немало услови за одржување на е-аукција. Гледано од аспект на спроведените постапки, и двете институции спровеле постапка со барање за прибирање на понуди со критериум за избор ,најниска ценаʻ.  

 

Во изработката на индексот на рационалност за одржување на лифтови беа вклучени сите институции што во првите шест месеци од 2013 година спровеле тендер за овој вид набавка. Преку Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) беа евидентирани 14 договорни органи што објавиле оглас за овој вид набавка. И покрај доставеното барање за пристап до информации од јавен карактер, побараната информација не ја достави АД Електрани на Македонија - Скопје. ЈП Службен весник на РМ информираше дека тендерот за набавка на оваа услуга им е поништен. Од Државниот студентски центар - „Скопје“ како и ЈП за државни патишта информираа дека не плаќаат за тековно одржување на лифтови, туку за нивен периодичен преглед по потреба. АД Градски Трговски Центар Скопје достави информација дека нивниот тендер се однесувал за реконструкција, набавка, монтажа и демонтажа на делови и склопки за лифтови и ескалатори, а не за тековно одржување. Воедно од пресметката во индексот е исклучена и Народна банка на РМ бидејќи оттаму доставија информација за цената која ја плаќаат за одржување и на 6-те патнички и 2 товарни лифтови не правејќи разлика помеѓу нив, со вкупна вредност на договорот од 1.500.000 денари. Собранието на РМ, пак, достави информација за вкупната цена за тековно одржување на 1 патнички лифт, 2 кујнски лифтови и 6 елеватори за хендикепирани лица со вкупна вредност на договорот од 300.000 денари. Исклучен е и Ректоратот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј - Скопје бидејќи ја достави вкупната вредност на договорот од 1.200.000 денари која ја плаќа за 4 лифта што вклучува и тековно одржување, но и сервисирање на лифтовите и евентуално вградување на резервни делови.

Оттука, индексот за рационалност за одржување на лифтови вклучува шест институции. Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот, постојат големи разлики во цените за овој вид набавка. Притоа, три договорни органи за услугата плаќаат цена пониска од просечната, а три склучиле договори со цени повисоки од просечно постигнатата.  Големите разлики во цените не можат да се објаснат со спроведените постапки за јавни набавки. За сите тендери биле објавени огласи за јавни набавки, што значи дека се спровеле транспарентни постапки.

Притоа во сите тендери како критериум за избор на најповолна понуда се користела ,најниската ценаʻ. Разликите во цените само делумно можат да се објаснат со примената на е- аукцијата бидејќи најниската цена (Служба за општи и заеднички работи на Владата на РМ) и навистина е постигната во постапка која завршила со е- аукција, а во тендерот каде е постигната највисока цена (ЈЗУ Здравствен дом Скопје) не се спровела е-аукција. Но, е-аукција не е спроведена ниту во тендерот на ЈУ Завод за заштита и рехабилитација – Бања Банско, Струмица чија цена е во групата со пониска цена од просечните, додека пак Управата за хидрометеоролошки работи иако спровела е-аукција има добиено една од повисоките цени.

Број на лифтови кои се одржуваат 

Договорен орган Број на лифтови
Служба за општи и заеднички работи на Владата на РМ 30
ЈУ Завод за заштита и рехабилитација – Бања Банско, Струмица 3
ЈЗУ Завод за нефрологија – Струга  2
АД ТЕЦ Неготино  2
Управа за хидрометеоролошки работи  1
ЈЗУ Здравствен дом Скопје 3

 Притоа, како што може да се види од табеларниот приказ, Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ навистина склучила договор за одржување на најголем број лифтови. Но, институцијата која ја плаќа највисоката цена за одржување нема големо отстапување во однос на бројот на лифтови за кои и е склучен договорот, во однос на другите договорни органи вклучени во индексот.