Индекс на рационалност за образец за сметки

  • 10/2013

Локалните јавни претпријатија за печатење на образец за сметки што им ги доставуваат на граѓаните и фирмите плаќаат од 0,65 до 3,54 денари за еден образец. Произлегува дека за парите што ЈКП Водовод – н. Илинден ги плаќа за еден образец за сметка, ЈП Водовод и канализација - Скопје купува пет обрасци за сметки. Оттука, соодносот на најниската и највисоката цена изнесува дури 1:5,45 што значи дека највисоката цена е за 445% повисока од најниската. Сепак, најниската цена која ЈП Водовод и канализација - Скопје ја има постигнато во оваа набавка може да се објасни не само со големите количини на набавката, туку и со тоа што ова комунално претпријатие за разлика од другите, покрај обрасците, кај фирмата-добавувач ги печати и сметките и каматните листи, и на крајот ги пакува сметките и каматните листи. Ова секако го зголемува интересот на добавувачите за набавката на ЈП Водовод и канализација - Скопје за разлика од тендерите на останатите јавни претпријатија кои главно само ги изработуваат обрасците за сметките.

 

Барања за пристап до информации од јавен карактер во кои се бараа информации за поединечната цена за образецот за сметки и вкупниот број на купени обрасци беа доставени до 11 договорни органи што спровеле ваков тендер во текот на 2012/2013 година. Сепак, индексот на рационалност за печатење на обрасци за сметки е изработен за само десет институции, бидејќи ЈП Солидарност - Виница не ги достави побараните податоци. Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност за образец за сметки, шест јавни претпријатија ги плаќале обрасците по цена која е пониска од просечно постигнатата од 11,38% до 61,08%, а четири со цена која е повисока од просечната и тоа од 5,99% до 111,98%. Вака големите разлики во цените не можат да се објаснат со спроведените постапки за јавни набавки ниту со применуваниот критериум за избор на најповолна понуда. Сите институции спровеле транспарентни постапки со барање за прибирање на понуди или со отворени постапки. Најголеми добавувачи односно најголемите договори очекувано ги склучиле скопските јавни претпријатија, ЈП Водовод и канализација - Скопје и ЈП Комунална Хигиена Скопје. Сите институции го користеле критериумот за избор ,најниска ценаʻ. Големите разлики не можат да се објаснат ниту со е-аукцијата бидејќи и најниската и највисоката цена за печатење на образец за сметка се добиени со постапка за јавна набавка која завршила со е-аукција. Притоа, единствените две институции чии тендери не завршиле со е-аукција се ЈПКД Комуналец Струмица и ЈП Камена река – Македонска Каменица чии цени се во групата на натпросечно високи. Делумно објаснување може да се најде во сознанието дека ЈП Водовод и канализација – Скопје, за разлика од другите јавни претпријатија, покрај образецот за сметки, во истиот тендер ги вклучува и услугите за печатење на сметките, за печатење каматни листи, за пакување сметките и за пакување на каматните листи. Иако тендерската документација за оваа набавка не беше достапна од самиот оглас може да се види дека станува збор за неделива набавка што секако ја зголемува можноста на понудувачите да дадат поволна цена за сите побарани услуги. Останатите јавни претпријатија главно само ги набавувале обрасците за сметки. Вака големите разлики можат само делумно да се објаснат и со купените количини каде ЈП Водовод и канализација - Скопје купило за околу 200 пати повеќе обрасци отколку ЈКП Водовод – н. Илинден чија цена е највисока. Притоа договорот на ЈП Водовод и канализација - Скопје изнесува околу 50.000 евра, а на ЈКП Водовод – н. Илинден околу 2.000 евра.

Број на купени обрасци за сметки 

Договорен орган Број на обрасци
ЈП Водовод и канализација - Скопје 6.644.000
ЈКП Водовод Битола  11.2500
ЈП Исар Штип 130.000 
ЈП Нискоградба Охрид 68.500 
ЈКП Илинден – н. Илинден  120.000
ЈП Комунална Хигиена Скопје 60.000
ЈП Комуналец Гевгелија 8.000 
ЈПКД Комуналец Струмица  220.000
ЈП Камена река – Македонска Каменица  10.000
ЈКП Водовод – н. Илинден  35.000