Индекс на рационалност за училишни клупи
Цената што институциите ја плаќаат за набавка на училишни клупи се движи од 1.729 до 6.103 денари за една клупа. Овој индекс открива дека во македонскиот образовен систем не постојат јасни стандарди за училишните клупи. Наспроти малите разлики во димензиите, евидентирани се големи разлики во материјалите од кои се изработувани клупите. Клупите доминантно се купувани со стандардни димензии од 130х50х75 см, со тоа што мало отстапување има во клупите купени од Министерството за образование, кои се со димензии 136х65х76 см, како и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, каде што се со димензии 130х55х75 см. Поголеми разлики се јавуваат во материјалите од кои се изработени клупите. Притоа, училишните клупи купени од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кои се со најниска цена, имаат метална конструкција и плотна од оплеменета иверка, додека, пак, клупите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ –Битола, кои се купени по највисока цена, се целосно изработени од оплеменета иверка. Во набавката на Министерството за образование и наука, станува збор за клупа со челична конструкција и со плотна што е изработена од пресуван ламинат и оплеменет медијапан. Во тендерските документации на СОУ „АТА“ Центар Жупа и на Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ – Битола нема детален опис на изгледот на клупите. Соодносот на најниската и највисоката цена во набавката на клупите изнесува дури 1:3,53, што значи дека највисоката цена, која ја платил Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола за набавка на клупите, е за 253% повисока од цената која за истиот производ ја платил Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Инаку, за сите набавки се спроведени јавно огласени тендери со користење на критериумот ’најниска цена‘. Купените количини не влијаеле врз цените на клупите и институцијата која ги купила најголемите количини (Министерството за образование и наука) е во групата со натпросечно висока цена на клупите. 8 Оттука, може да се заклучи дека станува збор за разлики во цените кои произлегуваат од материјалот за изработка на клупите, а не од применетите постапки, ниту, пак, од купените количини. Значајно е да се нагласи дека дури четири од анализираните пет институции клупите ги купиле од ист добавувач. Во Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) не е доставена информација само за договорот што е склучен од страна на Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ – Битола.
Во изработката на индексот на рационалност за училишни клупи беа вклучени сите институции што во текот на 2012 и 2013 година спровеле тендер за овој вид набавка. Преку ЕСЈН беа евидентирани седум договорни органи што објавиле оглас за овој вид набавка. И покрај доставеното барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, побараната информација не ја достави Општина Чаир. Притоа, до побараните информации не се дојде, и покрај жалбата до Комисијата за заштитата на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Општина Чаир негираше дека го добила официјалното барање за пристап до информации од јавен карактер. Средното општинско училиште „Неготино“ од Општина Врапчиште, пак, информираше дека набавката на училишен мебел не вклучувала училишни клупи. Оттука, индексот за рационалност за училишни клупи вклучува пет институции. Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот, постојат големи разлики во цените за овој вид набавка. Притоа, три договорни органи за услугата плаќаат цена пониска од просечно постигнатата во индексот, а две склучиле договори со цени повисоки од просечно постигнатата.
Сите институции вклучени во индексот за набавката на училишни клупи спровеле постапка за јавна набавка со објавување огласи, а преку своите постапки, покрај клупите, купувале и столчиња и/или работни бироа. Притоа, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), СОУ АТА – Центар Жупа, Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ – Битола и Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола спровеле постапка со барање за прибирање понуди за мала набавка до 5.000 евра, додека, пак, Министерството за образование и наука спровело отворена постапка наменета за набавка на училишни клупи и столчиња за основните училишта. Во сите постапки како критериум за избор на најповолна понуда се користела најниската цена.
Од петте тендери врз основа на чии цени е изработен овој индекс, електронската аукцијата (е-аукцијата), како процес за намалување на цените, е одржана само во тендерите каде што е постигната најниската и највисоката цена, односно во постапките спроведени од ФИНКИ и од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Ова говори дека е-аукцијата немала ефект врз крајните цени по кои се склучени договорите. Во тендерите спроведени од страна на СОУ „АТА“ Центар Жупа, Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ – Битола и Министерство за образование и наука, иако била планирана, поради отсуство на конкуренција, не е спроведена е- аукција како начин за натамошно намалување на првично понудените цени од страна на добавувачите.
Во обид да се испита евентуалната поврзаност на разликите во цените со бројот на купени клупи, водени од економската логиката дека оние што купиле поголем број клупи би требало да постигнат пониска цена, во следната табела е даден приказ на бројот на клупите што биле купени преку анализираните постапки.
Број на купени училишни клупи
Договорен орган | Број на клупи |
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) | 20 |
СОУ АТА – Центар Жупа | 60 |
Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ – Битола | 10 |
Министерство за образование | 420 |
Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола | 48 |
Како што може да се види од табеларниот приказ, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, кој ја плаќа највисоката цена за набавка на клупи, има купено поголеми количини во однос на ФИНКИ, кои ги има набавено училишните клупи по најниска цена. Воедно, Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ – Битола, кој ги купил најмалите количини, односно 10 училишни клупи, всушност има пониска цена од Министерство за образование, кое купило 42 пати поголеми количини, односно 420 клупи. Оттука произлегува дека разликите во цените не можат да се објаснат со купените количини. Генерално, останува заклучокот дека разликите во цените не се последица на начинот на кои се спроведените постапките ниту, пак, на купените количини, туку пред сè, на материјалите за изработка на клупите. Ваквата состојба ја наметнува потребата од воведување одредени стандарди не само во однос на димензиите, туку и во однос на материјалите што треба да се користат за изработката на стандардна училишна клупа.