Индекс на рационалност за ризла за одржување патишта

  • 05/2014

Цената која институциите ја плаќаат за набавка на ризла за одржување на улици и патишта во зимски услови се движи од 649 до 1.121 денар за еден тон1 . Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1: 1,73 што значи дека највисоката цена, која за ризлата ја платило Јавното комунално претпријатие „Илинден“, е за 73% повисока од цената која за истиот производ ја платило ЈП Македонија пат – Скопје. Ризлата е доминантно купувана во тендери на кои е добивана по само една понуда и било оневозможено одржување електронска аукција за намалување на цените. Притоа, само во тендерот на ЈП Охридски комуналец – Охрид биле добиени две понуди и е спроведена е-аукција. Во рамките на овој индекс, анализирани се дури 4 тендери што ЈП Македонија пат – Скопје ги спровела за набавка на ризла за зимската сезона 2013-2014 година и во секој од нив е евидентирано учество на еден понудувач. Малата конкуренција, дури и на големите тендери спроведувани од страна на ЈП Македонија пат – Скопје, може да се објасни со високо поставените критериуми за оценување на способноста на понудувачите за учество на тендерите, како и со применетиот критериум за избор на најповолна понуда. Најниската цена во набавката на ризла е постигната во тендерите спроведени од ЈП Македонија пат – Скопје, кое ги купило и најголемите количини од овој производ (поединечно по тендерите се купувани количини од 1.708 до 13.510 тони), што е неколкукратно повеќе од количините купени од Јавното комунално претпријатие „Илинден“ (300 тони), кое ја платило највисоката цена за ризлата.

Во изработката на индексот на рационалност за ризла за одржување улици и патишта во зимски услови беа вклучени девет институции кои, според податоците од ЕСЈН, спровеле ваков вид набавка во текот на 2013 година. Сепак, побараните податоци ги доставија само шест, со тоа што произлезе дека ризлата која ја набавува ЈП Улици и патишта – Скопје не е за зимско одржување улици, туку за правење на асфалтна мешавина, а три договорни органи (Општина Сопиште, ЈП Водовод и канализација – Скопје и ЈП Комуналец – Крива Паланка) во одговорот наведоа дека тендерот за набавка на ризла им бил поништен. Оттука индексот е изработен врз основа на цените по кои е купувана ризлата од пет договорни органи. 

Сите институции спровеле јавно огласени тендери наменети исклучиво за набавка на ризла. Најголемиот добавувач, ЈП Македонија пат – Скопје спровело пет различни тендери за набавка на ризла за секоја подружница посебно. Но, од побараните податоци не беше доставена информација за еден од тендерите (бр.44/2013) и оттука во индексот се вклучени четири тендери за набавка на ризла спроведени од ЈП Македонија пат – Скопје (за потребите на: Подружница Автопат – отворена постапка за јавна набавка, за Подружница Скопје – отворена постапка за јавна набавка, за Подружница Штип – отворена постапка за јавна набавка и за Подружница Велес – постапка со барање за прибирање понуди). 

Во однос на применетите постапки од страна на другите институции вклучени во индексот, ЈП Охридски комуналец – Охрид и Општина Битола спровеле постапки со барање за прибирање на понуди во вредност од 5.000-20.000 евра, додека, пак, ЈКП Комуналец – Свети Николе и ЈКП Илинден спровеле мали набавки со барање за прибирање на понуди до 5.000 евра. 

Од петте институции вклучени во индексот, ЈП Охридски комуналец – Охрид, Општина Битола и ЈКП Илинден како критериум за избор на најповолна понуда ја користеле најниската цена. ЈП Македонија пат – Скопје во сите тендери за набавка на ризла користела критериум ’економски најповолна понуда‘ со следните елементи: цена 70 бода, рок на плаќање 20 бода и оддалеченост од економскиот оператор/оддалеченост на материјалот и оддалеченост од базата на набавувачот со 10 бода. Критериумот ’економски најповолна понуда‘ го користело и ЈКП Комуналец – Свети Николе со следните елементи: ’цена‘ 70 бода и ’рок на плаќање‘ 30 бода. 

Во тендерите спроведени од петте институции вклучени во индексот, е-аукција била спроведена само во набавката на ризла реализирана од страна на ЈП Охридски комуналец – Охрид, каде што биле доставени 2 понуди. Во сите останати тендери била добиена по една понуда и спроведувањето на електронското намалување на цените биле оневозможено. 

По една понуда била доставена дури и во тендерите на најголемиот добавувач ЈП Македонија пат – Скопје. Отсуството на конкуренцијата на овие тендери може да се објасни со високо поставените критериуми за оценување на способноста на понудувачите за учество на тендерите кои беа спроведувани во отворени постапки. Имено, како минимум критериум за утврдување на економската и финансиската состојба на фирмите, од нив се бараше во последните три години да имаат остварено најмалку по 60 милиони денари од прометот од продажбите кои се однесуваат на предметната набавка, и тоа за секоја година посебно (за 2010, 2011 и 2012 година). Дополнително, како минимум критериуми за утврдување на техничката и професионалната состојба на економските оператори се бараше:

квалитетот да биде во согласност со важечките стандарди во Р. Македонија, да биде со варовничко потекло и да се експлоатира со дупчење и минирање (се докажува со договор за минирање);

да поседува договор за концесија со Министерство за економија; да има вработено рударски инженер, градежен инженер и уште најмалку 15 други вработени;

 лабораторија за следење на сопственото производство за физичко механички и гранулометриски состав на материјалот (може да биде поддржана од друг субјект со договор за деловна соработка);

соодветна опрема за извршување на набавката во сопственост на понудувачот;

понудувачот да поседува еден багер, две утоварни лопати, три возила за внатрешен транспорт и  декларирани својства од сопствена лабораторија (да биде поддржана од друг субјект).

Во огласот за набавка на ризла спроведена од ЈКП Комуналец – Свети Николе не беа дефинирани минималните критериуми што треба да ги исполнат понудувачите. Во оваа постапка, дестимулативно врз фирмите можел да влијае критериумот за избор на најповолна понуда во кој, покрај цената, која носела 70 бода, се вреднувал и рокот за плаќање со високи 30 бодови. Во тендерската документација на ЈКП Илинден не беа евидентирани ограничувачки критериуми за учество на фирмите во кои би можело да се најде образложение зошто на тендерот се јавил само еден понудувач со кој потоа е и склучен договорот, без претходно спроведување е-аукција.

Купени количини на ризла 

Договорен орган Во тони
ЈП Македонија пат – Скопје  20.7204 
Општина Битола 200 
ЈП Охридски комуналец – Охрид 280
ЈКП Комуналец – Свети Николе 28
ЈКП Илинден – н.Илинден 300

 

Ако го гледаме влијанието на купените количини врз постигнатите цени, можеме да се оцени дека е тоа само делумно.

Како што може да се види од табеларниот приказ, институцијата којашто ги купила најголемите количини реално ги постигнала и најниските цени.