Индекс на рационалност за стручен надзор при градежни работи

  • 05/2014

Цената која институциите ја плаќале за услугата стручен надзор при градежни работи се движи од 0,39% до 2,97% од вредноста на објектот што се гради. Оттука, соодносот на најниската и највисоката цена во индексот за набавка на услугата стручен надзор при градежни работи е 1:7,6 што значи дека највисоката цена платена за оваа услуга од ЈЗУ Здравствен дом – Радовиш е над 6 пати повисока од најниската цена платена за услугата од Министерството за правда – Управа за извршување санкции. Притоа, во случајот со најниско платената цена за услугата, станува збор за стручен надзор при изградба на објекти во комплексот на Воспитно-поправниот дом Тетово, село Волковија, кои опфаќаат надзор при изградба на административна зграда, одделение со засилен надзор, отворено одделение, гаражи, котларница, водоснабдителна инфраструктура, електроснабдителна мрежа итн. Од друга страна, највисоко платената цена е за стручен надзор при градежни работи – местење на вариолајт- завеси, пвц-ролетни, заптивачки ленти, медијапанска даска, сензорски врати и бехатон плочки на ЈЗУ Здравствен дом – Радовиш. Констатираните разлики во цените не можат да се објаснат со спроведените постапки за јавни набавки бидејќи сите институции јавно ги огласиле своите постапки и низ нив обезбедиле солидно ниво на конкуренција, што во најголем дел резултирало со спроведување и на е- аукција. Притоа, од четиринаесет институции вклучени во индексот, само две во своите постапки не спровеле е-аукција како последица на малата конкуренција од понудувачите, а тоа се Општина Василево и Општина Конче. Во сите постапки, најниската цена била користена како критериум за избор на најповолна понуда. 

Во изработката на индексот првично беа вклучени дваесет институции, односно сите што, според податоците од ЕСЈН, имале ваков вид набавка во периодот јуни-декември 2013 година. Побараните податоци не беа доставени од Општина Бутел и од Општина Ново Село. Од добиените податоци од осумнаесетте институции, индексот е изработен врз основа на споредба на цените од четиринаесет институции, бидејќи во преостанатите четири (Центар за развој на југоисточниот плански регион – Струмица, Општина Илинден, Општина Кичево и Општина Кисела Вода) доставените податоци беа или нецелосни или неспоредливи.

Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност за стручен надзор при градежни работи, седум институции услугата ја платиле со цена што е повисока од просечно постигната, додека, пак, исто толку институции услугата ја платиле со цена што е повисока од просечната. Во цената за надзорот постои голема разлика, и тоа од 0,39% од вредноста на објектот што е предмет на надзор до 2,97%. 

Вака големите разлики во цената што ја плаќаат државните институции за стручен надзор не може да се објасни со применетите постапки. Имено, Министерство за правда – Управата за извршување санкции и Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ спровеле отворени постапки, општините Василево, Виница, Конче, Гази Баба и Богданци, како и Агенцијата за млади и спорт спровеле постапка со барање за прибирање понуди над 5.000 евра, додека, пак, општините Ранковце, Чешиново-Облешево, Зелениково, Желино, како и Министерство за образование и наука и ЈЗУ Здравствен дом ‒ Радовиш спровеле мали набавки до 5.000 евра. Сите институции без исклучок како критериум за избор на најповолна понуда ја користеле најниската цена. Во најголем дел од тендерите е обезбедено високо ниво на конкуренција и до 6 понудувачи. Е-аукција не е спроведена само во два тендери, на општините Василево и Конче. Оттука, може да се констатира дека нема логично објаснување за вака значајните разлики во цените кои се плаќаат за услугата стручен надзор над градежни работи. 

Разликите во цените не можат да се објаснат ниту со вредноста на објектите кои се предмет на надзор. Како што може да се види од следниот табеларен приказ, Министерството за правда – Управата за извршување санкции и Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ барале услуга за надзор при изградба на објекти чијашто вредност е многу слична, но процентот што го плаќаат за услугата е прилично различен. За стручен надзор при изградбата на објектите во комплексот на Воспитно- поправниот дом Тетово, услуга која е вредна 253.582.000 денари, Управата за извршување санкции при Министерството за правда ќе плати 988.970 денари. Додека, пак, за стручен надзор на административен објект на ул. „Македонија“ во Скопје, чијашто градба чини 232.729.351 денари, Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ ќе плати 3.738.240 денари. Произлегува дека разликата во цената на објектот што е предмет на надзор е само 8,96%, но затоа разликата во цената на надзорот е 278%. 

Вредност на договорите за предметот на стручниот надзор

Договорен орган Вредност на градежните објекти во денари со вклучен ДДВ
Министерство за правда – Управа за извршување санкции  253.582.000
Општина Ранковце 20.953.478
Општина Василево н.п
Општина Чешиново-Облешево н.п
Општина Виница 25.960.000
Општина Зелениково 11.820.575 
Општина Желино 4.666.093
Служба за општи и заеднички работи на Владата на РМ 232.729.351 
Министерство за образование и наука 17.369.600
Општина Конче н.п.
Агенција за млади и спорт  20.177.632 
Општина Гази Баба  н.п.
Општина Богданци н.п.
ЈЗУ Здравствен дом Радовиш  1.285.020