Индекс на рационалност за ангажирање работници за уривање бесправно изградени објекти
Цената што општините ја плаќаат по час за ангажирање работник за уривање бесправно изградени објекти се движи од 177 до 512 денари. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1: 2,89 што значи дека Општина Бутел ги плаќа услугите на работниците за уривање на бесправно изградени објекти за 189% повисоко отколку Општина Берово.
Во изработката на овој индекс беа вклучени истите општини како и во индексот за користење механизација за уривање бесправно изградени објекти. Притоа, во овој индекс е обезбедена споредливост на цените кај 10 општини. Олку големите разлики во цените не можат да се објаснат со применетите постапки, бидејќи и Општина Берово и Општина Бутел, каде што се постигнати 20 најниската и највисоката цена, спровеле ист вид постапка – постапка со барање за прибирање понуди со вредност до 5.000 евра. Единствената значајна разлика што секако треба да се нотира е дека Општина Берово договорот за услугите за уривање на бесправно изградените објекти на нејзино подрачје го има склучено со Јавното претпријатие за комунални работи „Услуга“ – Берово, додека пак сите останати општини договорите ги склучиле со приватни градежни фирми. Отсуство на влијание на вредноста на договорот врз постигнатите разлики во цените може да се констатира и во овој индекс.
Вредност на договорите за набавка на услугата за уривање бесправно изградени објекти (механизација и работници)
Договорен орган | Вредност на договорот во денари |
---|---|
Општина Берово | 200.000 |
Општина Гази Баба | 1.500.000 |
Општина Охрид | 354.000 |
Општина Аеродром | 2.237.280 |
Општина Кисела Вода | 7.000.000 |
Општина Кавадарци | 100.000 |
Општина Ѓорче Петров | 1.947.000 |
Општина Македонски Брод | 1.300.000 |
Општина Неготино | 354.000 |
Општина Бутел | 141.600 |
Како заеднички проблем што треба да се нотира во однос на двата индекси на рационалност за уривање на бесправно изградените објекти, и во однос на механизацијата и во однос на работниците, е тоа што сите општини, со исклучок на Аеродром, во своите технички спецификации немаа прецизирано колку работни часа ќе ги ангажираат механизацијата и работниците. Имено, во случаите каде што планираниот ангажман е поголем, секако дека попрецизните технички спецификации ќе им овозможеа на понудувачите да достават поконкурентни понуди, што е во крајна линија во интерес на рационалното трошење на јавните пари.