Индекс на рационалност за ангажирање механизација за уривање бесправно изградени објекти

  • 08/2014

За уривање на бесправно изградените објекти, општините објавуваат тендери во кои од градежните фирми бараат одреден вид и број на механизација (камион, камион со дигалка, камион кипер, булдожер, компресор, багер утоварувач, ровокопач липкер, електрична брусалка, теренско моторно возило итн.), како и работници. За да се обезбеди споредливост на податоците, индексот на рационалност за ангажирање механизација за уривање бесправно изградени објекти е направен врз основа на споредба на цените за најчесто користената механизација, а тоа е камион-дигалка од 8 тони. Овој индекс на рационалност покажа дека цената што институциите ја плаќаат за набавка на услугата за ангажирање камион со дигалка од 8 тони за 1 час се движи од 2.588 денари до 7.678 денари. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1: 2,97 што значи дека цената што за оваа услуга ја плаќа Општина Бутел е за 197% повисока од цената која за истата услуга ја плаќа Општина Ѓорче Петров. Разликите во цените не можат да се објаснат со применетите постапки, ниту, пак, со бројот на понудувачи. Имено, на тендерите каде што се постигнати најниската и највисоката цена имало по еден понудувач. 

Во изработката на овој индекс беа вклучени сите општини кои за овој вид набавка објавиле оглас од мај 2013 до мај 2014 година. Притоа, 2 општини (Радовиш и Струга) не ги доставија побараните информации, додека, пак, од добиените податоци од 16 општини, споредливост се обезбеди за 7 од нив. Дел од општините воопшто и не го применуваа концептот на пресметка на трошоците за овој вид услуга врз основа за цените за 1 час ангажирање механизација. Така, на пример, Општина Илинден барала од понудувачите да достават цена за машинско и рачно уривање по м2, а сличен пристап на пресметка на трошоците по м2 имала и Општина Вевчани. Општина Гостивар, пак, ги пресметувала часовите ангажман гледано по конкретните активности, како што се сечење армиран бетон, кршење бетон, сечење и отстранување метална ограда итн. Општина Тетово, пак, достави информација дека 1 час уривање објекти ја чини 25.250 денари без ДДВ, но не ги достави и одделните цени за конкретната механизација што би се ангажирала за таа намена. Општина Чаир одговори дека цената за 1 час ангажирање градежна механизација и 1 час ангажирање работници зависела од големината на објектот и од механизацијата што ќе се употребела и дека вкупната вредност на договорот изнесува 1.416.000 денари без ДДВ. Со оглед на тоа дека на ЕСЈН не беше достапна тендерската документација за оваа постапка, останува нејасно како понудувачите ги правеле своите понуди и како Општина Чаир ги евалуирала добиените понуди, кога вели дека однапред не е дефинирана механизацијата што ќе се користи.  Вака констатираните големи разлики во цените кои општините ги плаќаат за ист вид услуга не можат да се објаснат со применетите постапки. Имено, сите општини спровеле јавно огласени тендери. Притоа, постапката со барање за прибирање понуди до 5.000 евра е применета од Општина Охрид, Општина Бутел и Општина Кавадарци. Постапка со барање за прибирање понуди до 50.000 евра спровела Општина Гази Баба. Останатите три општини (Ѓорче 18 Петров, Кисела Вода и Македонски Брод) спровеле отворени постапки. Сите општини како критериум за избор на најповолна понуда ја користеле најниската цена. Конкуренцијата на понудувачите не е силна страна на доминантен дел од спроведените тендери. Имено, по еден понудувач е регистриран на тендерите на Општина Ѓорче Петров, Општина Кисела Вода, Општина Македонски Брод и Општина Бутел. Најголема конкуренција од три понудувачи е евидентирана само на тендерот спроведен од Општина Гази Баба, но и тука на електронската аукција понудувачите не ги намалиле првично понудените цени. По двајца понудувачи имало на тендерите спроведени од Општините Охрид и Кавадарци. Притоа само е-аукцијата спроведена во постапката на Општина Охрид завршила со намалување на првично дадените цени. Покрај кај спроведените постапки, отсуство на влијание врз постигнатите разлики во цените може да се констатира и во однос на вредноста на договорите.

Вредност на договорите за набавка на услугата за уривање бесправно изградени објекти (механизација и работници)

Договорен орган Вредност на договорот во денари
Општина Ѓорче Петров 1.947.000
Општина Гази Баба 1.500.000
Општина Охрид 354.000
Општина Кавадарци 100.000
Општина Кисела Вода 7.000.000
Општина Македонски Брод 1.300.000
Општина Бутел 141.600

Како што може да се види од претходниот табеларен приказ, Општина Кисела Вода го има договорот со највисока вредност, а сепак постигнала цена што е повисока од просечната. Воедно, Општина Бутел, каде што е констатирана највисока цена, не е договорен орган кој склучил договор со најмала вредност, туку тоа е Општина Кавадарци, чијашто цена за услугата е пониска од просечно постигнатата.