Индекс на рационалност за вакцини против тетанус

  • 08/2014

Цената која институциите ја плаќаат за набавка на една вакцина против тетанус од 0,5 мл се движи од 37,14 до 74,87 денари. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1: 2,02 што значи дека Градска општа болница „8 септември“ – Скопје вакцината ја купува по цена која е за 102% повисока од цената која за истата вакцина ја плаќа Клиничката Болница во Тетово. Највисоката цена евидентирана во овој индекс е на ниво на малопродажните цени во аптеките. Анализата на податоците покажа дека вака констатираните разлики во цените за набавка на овој вид вакцина не се последица на применетите постапки за јавни набавки, ниту, пак, на купените количини. 

Во функција на изработката на овој индекс, беа побарани информации од сите здравствени институции (9) што објавиле оглас за набавка на вакцини од овој вид во текот на 2013 година и првите 4 месеци од 2014 година. Сепак, индексот е изработен врз основа на добиените информации за набавките на вакцини во 6 договорни органи, бидејќи Министерството за здравство и ЈЗУ Центарот за јавно здравје Велес не ги доставија побараните информации. ЈЗУ Центарот за јавно здравје Скопје, пак, ја поништи својата постапка за оваа набавка.

Констатираните разлики во цените не можат да се објаснат со спроведените постапки за јавни набавки. Имено, гледано од аспект на применетите постапки за јавни набавки, три здравствени институции (Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје, Центар за јавно здравје Кочани и Министерство за одбрана – сектор за логистика) примениле отворени постапки за доделување договор за јавна набавка. Две од институциите (Клиничка болница Тетово и Градска општа болница „8 септември“ Скопје) примениле постапки со барање за прибирање понуди во вредност до 20.000 евра. Мала набавка до 5.000 евра со прибирање понуди применил Центарот за јавно здравје Охрид. Ова значи дека сите институции спровеле транспарентни постапки за кои биле објавени огласи. Притоа, во сите постапки била планирана е-аукција, а како критериум за избор на најповолна понуда се користела најниската цена.

Сепак, анализата на доставените податоци од институциите, како и достапните податоци од ЕСЈН укажуваат дека иако била планирана во сите постапки, поради отсуство на конкуренција е-аукцијата била одржана само во постапките спроведени од страна на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје и Центарот за јавно здравје Кочани. Произлегува дека со е-аукција не завршил ниту тендерот каде што е постигната најниската цена за набавка на овој вид вакцина. Овие сознанија недвосмислено укажуваат дека спроведените постапки немале влијание врз разликите во цените констатирани во индексот на рационалност за вакцини против тетанус. Врз формирањето на цените немале големо влијание ниту купените количини на вакцини. Во прилог на оваа констатација најдобро говорат фактите дека институцијата која ги купила најголемите количини ја нема постигнато најниската цена или обратно, институцијата која ги купила најмалите количини ја нема добиено највисоката цена.

 Купени количини на вакцини против тетанус

Договорен орган Количина единечни дози
Клиничка болница Тетово 1.200
Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје 3.000
Центар за јавно здравје Охрид 100
Центар за јавно здравје Кочани 470
Министерство за одбрана – сектор за логистика 1000
Градска општа болница „8 септември“ Скопје 970

Како што може да се види од табеларниот приказ, двете институции (ЈП Македонска радиодифузија и ЈП за железничка инфраструктура МЖ Скопје), кои за струјата плаќаат најниска и највисока цена купиле приближно еднакви количини. Воедно, ЈПКД Комуналец Струмица, кој ги купил најмалите количини на електрична енергија, постигнал цена што е малку пониска од просечната. Оттука, станува повеќе од очигледно дека купените количини на електрична енергија немале речиси никакво влијание врз постигнатите цени.