Индекс на рационалност за финансиска ревизија

  • 05/2015

Цената која институциите ја плаќаат за набавка на услугата за финансиска ревизија се движи од 0,026% до 0,717% од вредноста на предметот на ревизија. Вака констатираните разлики не можат да се објаснат со применетите постапки, ниту, пак, со начинот на којшто се тие спроведени. Сепак, констатирана е разлика во големината на предметот на ревизијата, со тоа што најмал процент за услугата се плаќа од страна на ЈП за железничка инфраструктура МЖ Скопје, каде што предметот на ревизија е најголем и изнесува 1.133.180.000 денари, додека најголем процент има кај Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, каде што предметот на ревизија е најмал и изнесува 18.310.160 денари. 

Во изработката на овој индекс беа вклучени 11 договорни органи кои објавиле оглас за набавка на овој вид услуга во вториот и третиот квартал од 2014. Сепак, индексот вклучува седум договорни органи, бидејќи Агенцијата за електронски комуникации и АД за вршење енергетски дејности Македонски енергетски ресурси Скопје не доставија одговор за побараните податоци, додека, пак, ЈП Стрежево Битола и Државна видеолотарија на РМ не доставија информација за вредноста на финансискиот обрт што е предмет на ревизија, што секако оневозможи да се пресмета цената на услугата во проценти. 20 Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност за финансиска ревизија, просечната цена за услугата изнесува 0,258% од предметот на ревизија. Притоа, пет договорни органи плаќаат цена пониска од просечно постигнатата, додека два договорни органи имаат повисока цена од просечната. Вака констатираните разлики не можат да се објаснат со применетите постапки бидејќи сите договорни органи примениле постапки предвидени со Законот за јавни набавки (отворени постапки и барање за прибирање понуди). Критериумот за избор во сите постапки е „најниската цена“. Во сите постапки, со исклучок на ЈКП „Никола Карев“ од Пробиштип, е спроведена електронска аукција. Во јавното претпријатие од Пробиштип е-аукцијата, иако била планирана, не е одржана, бидејќи била доставена само една понуда. Разликата во висината на цената на услугата сепак може да се објасни со големината на предметот на финансиската ревизија.

Големина на финансискиот обрт предмет на ревизија

Договорен орган Финансискиот обрт предмет на ревизија (во денари) Отстапување од просечната цена
ЈП за железничка инфраструктура МЖ Скопје 1.133.180.000 -892,3%
АД Државна лотарија на Македонија 309.110.366 -658,8%
Дирекција за технолошки индустриски развојни зони 575.938.000 -578,9%
ЈП Улици и патишта Скопје 227.907.020 -150,5%
ЈКП Никола Карев Пробиштип 47.222.908 -1,6%
Министерство за здравство 73.878.843 +144,6%
Министерство за земјоделие,шумарство и водостопанство 18.310.160 +177,9%

Како што може да се види од претходниот табеларен приказ, ЈП за железничка инфраструктура МЖ Скопје, кое ја плаќа најниската цена за услугата, го има најголемиот финансиски обрт, наспроти Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое ја плаќа највисоката цена, но има и најмал обрт којшто треба да биде предмет на ревизија.