Индекс на рационалност за собирање, транспoрт и уништување на медицински отпад
Цената која здравствените институции ја плаќаат за набавка на услугата за собирање, транспорт и уништување на медицински отпад се движи од 41 до 95 денари за килограм. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1:2,32, што значи дека цената која за оваа услуга ја плаќа Општата болница од Кичево е за 132% повисока од цената која за истата услуга ја плаќа Општата болница од Струмица. Доминација на една фирма е забележана и во овој вид набавка, како и за услугата за авионска дезинсекција на комарци. Имено, дури 10 од 12 договори за собирање, транспорт и уништување на медицински отпад се склучени со една иста фирма. Ако дополнително се земе предвид дека во сите постапки со исклучок на набавката спроведена од ЈЗУ Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид имало конкуренција и услови за е-аукција, нејасно е на што се должи разликата во цените доминантно дадени од еден ист понудувач.
Во изработката на овој индекс беа вклучени 13 договорни органи чија набавка на оваа услуга е спроведена во периодот јануари - април 2015 година. Сепак, индексот на рационалност е изработен врз основа на цените за оваа услуга од страна на 12 здравствени институции, бидејќи побараната информација не ја достави ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ – Охрид. Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност, просечната цена која здравствените институции ја плаќаат за собирање, транспорт и уништување на медицински отпад изнесува 65 денари за еден килограм. Четири здравствени институции услугата ја плаќаат со цена која е пониска од просечно постигнатата и тоа од 12,07% до 58,54%, додека, пак, седум институции за услугата плаќаат натпросечно високи цени и тоа од 7,14% до 31,58%. Гледано од аспект на применетите постапки, сите здравствени институции, со исклучок на Општата болница од Струмица која спровела отворена постапка, примениле постапка со барање за прибирање понуди. Критериумот за избор во сите тендери била „најниската цена“. Во сите постапки имало конкуренција и оттука и услови за одржување на е-аукцијата, со исклучок на ЈЗУ Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид, каде што имало само една прифатлива понуда. Оттука, вака констатираните разлики во цените се навистина без јасна економска логика, дотолку повеќе што договорите за извршување на услугата се доминантно склучувани со една иста фирма чии цени варираат од 41 до 95 денари за килограм. Едно од можните објаснувања за вака констатираните разлики секако треба да се бара во количините на медицинскиот отпад што е предмет на договорот, тргнувајќи од логиката дека врз пониските цени можел да влијае поголемиот обем на работа. Но, анализата покажува дека разликите во цените не се резултат на количините кои се предмет на договорот. Имено, ЈЗУ Општа болница Струмица и ЈЗУ Здравствен дом Гевгелија, кои ја добиле најниската цена за услугата, имаат големи разлики во количината на медицинскиот отпад. Воедно, не е логично ЈЗУ Здравствен дом Гевгелија за количини кои се 25% 17 поголеми од оние на ЈЗУ Општа болница Кичево да добие цена која е за 132% пониска.
Количините на медицинскиот отпад предмет на договорот
Договорен орган | Килограми | Отстапување од просечната цена |
---|---|---|
ЈЗУ Општа болница Струмица | 12.400 | -58,54% |
ЈЗУ Здравствен дом Гевгелија | 1.000 | -58,54% |
ЈЗУ Општа болница Гевгелија | 1.800 | -54,76% |
ЈЗУ Здравствен дом Неготино | 1.200 | -27,45% |
ЈЗУ Специјална болница за белодробни заболувања и туберкулоза - Лешок | 1.200 | -12,07% |
ЈЗУ Општа болница Кочани | 3.600 | +7,14% |
ЈЗУ Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид | 7.100 | +8,45% |
ЈЗУ Општа болница Кавадарци | 3.600 | +10,96% |
ЈЗУ Здравствен дом Кавадарци | 400 | +12,16% |
ЈЗУ Здравствен дом Струга | 800 | +21,67% |
ЈЗУ Здравствен дом Битола | 2.500 | +21,67% |
ЈЗУ Општа болница Кичево | 750 | +31,58% |
Воедно, како што може да се види од табеларниот приказ на количините на медицинскиот отпад, Здравствениот дом од Кавадарци склучил договор со најмали количини, а сепак неговата цена е речиси за третина пониска од највисоката цена.