Индекс на рационалност за писмен превод од македонски на англиски јазик

  • 05/2017

За услугата писмен превод на 1 страница од македонски на англиски јазик (1.800 карактери), институциите плаќале од 172 до 1.051 денар. Оттука, соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1:6,11, што значи дека највисоката цена, што за оваа услуга ја плаќа Собранието на РМ, е за 511% повисока од најниската цена, што за оваа услуга ја плаќа Народниот правобранител. 

Најниската цена е постигната во тендер во којшто биле доставени 9 понуди, додека во тендерот со највисока цена била доставена само една понуда. Споредено со наодите од индексот којшто за овој вид услуга е изработен и во 2011 година, произлегува дека во 2016 година за преводот од македонски на англиски јазик просечната цена е зголемена, како и разликите во цените по коишто институциите ја плаќаат оваа услуга. Имено, просечната цена што за оваа услуга ја плаќале договорните органи во 2011 изнесувала 456 денари, што е за 15% помалку од сегашната просечна цена. Во индексот на рационалност за писмен превод од 2011 година, највисоката цена била за 167% повисока од најниската, наспроти сегашните разлики од дури 511%.

 Во изработката на индексот беа вклучени сите договорни органи коишто спровеле тендери за превод. Притоа, како најчесто користен превод земен е преводот од македонски на англиски. Потребните податоци за изработка на индексот беа побарани од 8 договорни органи. Сепак, индексот е изработен врз основа на цена за една страница превод од 7 договорни органи, бидејќи Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија информираше дека за преведувачки услуги за за англиски јазик има вработено лице преведувач кое е задолжено за превод од македонски на англиски јазик, и затоа англискиот јазик не им е предмет на набавка.

Како што може да се види од табеларниот приказ, три договорни органи го плаќале писмениот превод по цени пониски од просечната, и тоа од 136,94% до 205,81%, а четири договорни органи – над просечната, од 1,87% до 49,95%. Најниската цена е постигната во тендер во којшто од понудувачите, освен законски задолжителното докажување на личната состојба, не се барале посебни критериуми за утврдување способност, додека во тендерот со највисока цена постоеле исклучително високи критериуми за утврдување на способноста на понудувачите.

Во вакви услови, на тендерот спроведен од Народниот правобранител биле доставени 9 понуди, коишто битката за најниска цена ја биеле на електронска аукција. Услугата, пак, за писмен превод од страница на Собранието на РМ е побарана преку тендер за преведување (симултан, консекутивен и писмен). Од понудувачите се барало да докажат искуство од најмалку 3 години, вкупни приходи за трите години не помали од 3 милиони денари и да имаат на располагање минимум 48 квалификувани лица, од кои најмалку тројца за 16 јазици. На овој тендер била доставена само една понуда и немало услови за спроведување на планираната е-аукција.

 

Вредност на договорите

                 Договорен орган                                                              Вредност на договорот во денари со вклучен ДДВ Разлика на поединечната цена во однос на просекот
Народен правобранител 350.000 -205.81%
Општина Кавадарци 100.000 -142.40%
Општина Кочани 200.000 -136.94%
Фонд за здравствено осигурување на Македонија 1.062.000 +1.87%
Дирекција за технолошки индустриски развојни зони 354.000 +26.54%
Министерство за култура 2.360.000 +31.42%
Собрание на РМ 2.360.000 +49.95%

Она што е апсолутно надвор од секоја економска логика е дека токму тендерите со највисока вредност ги постигнале највисоките цени.