Индекс на рационалност за миење патнички возила

  • 05/2017

За миењето патнички возила (комплетно миење, надворешно и внатрешно) институциите плаќаат од 120 до 295 денари. Соодносот на најниската и највисоката цена за миењето патнички возила изнесува 1:2,46, што значи дека највисоката цена за оваа услуга, што ја плаќа Фонд за здравствено осигурување на Македонија, е за 146% повисока од цената што за истата услуга ја плаќаат Македонски железници Инфраструктура. Просечната цена што се плаќа за комплетно миење возила (внатрешно и надворешно) од 210 денари е дури и малку над пазарната цена. Индексот на рационалност за оваа услуга беше за првпат изработен во 2012 година, но тогаш единицата мерка врз основа на којашто се направи споредбата беше вкупен трошок за миење на едно возило. Оттука, споредбата на наодите од индексите за миење возила во 2012 и во 2016 година не е можна. Но, како и да е, сегашниот индекс укажува на позитивни промени коишто се направени во меѓувреме, а се однесуваат на зголемена транспарентност и на малите набавки од 500 - 5.000 евра, за кои сега се објавуваат огласи и тендерски документации. Ваквата состојба овозможи индексот за оваа услуга сега да се изработи врз основа на цена за едно миење, што секако дава појасна слика за овој трошок.

Во изработката на индексот на рационалност за миење возила беа вклучени договорни органи чијашто набавка на оваа услуга е евидентирана преку објавените огласи во евиденцијата на Електронскиот систем за јавни набавки во текот на периодот  јануари - јуни 2016 година. Оттука, во индексот првично беа вклучени девет договорни органи. Но, јавната здравствена установа Клиничка болница Битола, според доставените податоци, оваа услуга, освен за патничките, ја барала и за санитетските возила, и притоа од понудувачите не е побарано да дадат различни цени за различните возила. Оттука, за да се обезбеди сообразност, оваа институција беше исклучена од Индексот на рационалност. Сепак, битно е да се укаже дека ист вид набавка имаше и Здравствениот дом во Охрид, но во овој тендер беше побарано од добавувачите да понудат цени посебно за патничките возила, а посебно за санитетските возила. Во случајот, пак, со Министерството за правда беше направена поделба на патнички возила, џипови и комбиња и за сите нив се добиени различни цени за миење.

Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност, просечната цена што се плаќа за миење на службените патнички возила изнесува 210 денари. Три институции плаќаат цени што се пониски од просечно постигнатата од 15,30% до 75,00%, додека, пак, пет институции плаќаат повисока цена и тоа од 9,09% до 28,81%. Анализата на спроведените тендери вклучени во овој индекс укажува дека причината за вака констатираните разлики во цените е последица на малата конкуренција.

Во првите три тендери каде што се постигнати цени што се пониски од просечните, всушност електронските аукции довеле до намалување на првично понудените цени. Додека, пак, во тендерите спроведени од институциите чиишто цени се повисоки од просечната констатирано е дека или имало еден понудувач, или самата електронска аукција поминала без намалување на првично понудените цени. По еден прифатлив понудувач имало на тендерите спроведени од Универзитетот Св. Кирил и Методиј Скопје – Ректорат, од Здравствен дом Охрид, од Фонд за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и од Министерство за правда. Додека, пак, во тендерот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија биле доставени две понуди, но во текот на електронската аукција не била понудена нова намалена цена. Гледано од аспект на применетите постапки, потребно е да се нагласи дека тендерот на Ректоратот на Универзитетот Св.Кирил и Методиј се однесува на сервисирање и на миење возила, што е некарактеристично спојување на два вида услуги.

Гледано од аспект на бројот на возила на коишто се однесуваат набавките, произлегува дека највисоката цена за оваа услуга ја плаќа токму договорен орган којшто оваа услуга ја набавил за голем број на возила.

 

Број на возила опфатени со договорите

                 Договорен орган                                                              Број на возила Разлика на поединечната цена во однос на просекот
ЈП Македонски железници Инфраструктура 40 -75.00%
Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги 5 -66.67%
Министерство за информатичко општество и администрација 7 -15.38%
Универзитет Св.Кирил и Методиј Скопје – Ректорат 5 +9.09%
Здравствен дом Охрид 6 +11.02%
Фонд за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија 15 +11.02%
Министерство за правда 10 +16.00%
Фонд за здравствено осигурување на Македонија  35 +16.00%

 

Како што може да се види од табеларниот приказ, Фондот за здравствено осигурување ќе ја плаќа високата цена за миење на дури 35 возила, односно 14% помалку од МЖ Инфраструктура, којашто има 40 возила. Но, разликата во цената што ќе ја плаќаат е огромна и изнесува 146%. Ова, секако, говори за отсуство на влијанието на количините врз цените, што е вон секоја очекувана економска логика.