Индекс на рационалност за надворешна камера за видеонадзор
Цената која институциите ја плаќаат за набавка на една надворешна водоотпорна камера 1/3” за видеонадзор се движи од 1.682 до 6.490 денари. Соодносот меѓу најниската и највисоката цена изнесува 1:3,86, што значи дека ЈКП Водовод и канализација Прилеп ја плаќа надворешната камера за речиси 3 пати повеќе од ЈЗУ Општа болница Куманово. Станува збор за надворешни водоотпорни камери 1/3” со хоризонтала резолуција од 520 до 700 TB линии, леќа од 3,6мм и снимање на дистанци од 20 до 50 метри. Притоа, во согласност со анализираните технички спецификации, произлегува дека трите договорни органи кои ги купиле најскапите камери (Општина Дебарца, Национална установа Музеј на современа уметност Скопје и Јавното комунално претпријатие Водовод и канализација Прилеп) набавиле колор-камери, додека другите договорни органи го немаа наведено ова барање. Анализата на податоците покажа дека вака констатираните разлики во цените за овој вид набавка не можат да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки, ниту, пак, со купените количини.
Во изработката на индексот на рационалност за камера за видеонадзор се вклучени 13 договорни органи кои за овој вид набавка објавиле оглас во периодот јануари-април 2014 година. Сепак, со оглед на тоа што дел од договорните органи набавуваа внатрешни камери, или, пак, нивните надворешни камери не се вклопуваа во поставените параметри, на крајот индексот е изработен врз основа на цената на набавката на камери на седум договорни органи. Како што може да се види од табеларниот приказ на Индексот на рационалност за надворешна камера за видеонадзор, просечно постигната цена за камерата е 4.365 денари. Притоа, 3 институции камерите ги купиле по цена која е пониска од просечно постигната, додека пак 4 договорни органи имале повисока цена. Притоа најниската цена е за -159,5% пониска од просечната, а највисоката е за +32,7% над просечната цена.
Околу големите разлики не можат да се објаснат само со видот на постапките, но можат со критериумите за избор на најповолна понуда и со неодржување на планираните е-аукции. Имено, од седумте институции вклучени во индексот, дури шест ја примениле постапката со барање за прибирање понуди до 5.000 евра за набавка на систем за видеонадзор. Единствен исклучок е ЈКП Водовод и канализација-Прилеп, кој спровел отворена постапка за набавка и монтажа на уреди за видеонадзор и услуги за техничко и патролно обезбедување. Сепак, разлики се јавуваат во однос на применетите критериуми за избор на најповолна понуда, како и на условите за одржување на планираните електронски аукции како начин за намалување на првично дадените цени. Притоа, токму двете институции чии камери за видеонадзор чинат најмногу примениле критериум за избор „економски најповолна понуда“, за разлика од останатите кои изборот го правеле врз основа на критериумот „најниска цена“.
Националната установа Музеј на современа уметност-Скопје во критериумот „економски најповолна понуда“ покрај цената која носела 60 бода, вклучила уште три други параметри за вреднување (лиценца за техничко обезбедување од МВР-20 бода, технички карактеристики-10 бода и функционални карактеристики-10 бода). „Економски најповолна понуда“ беше критериум за избор на најповолна понуда и во набавката на ЈКП Водовод и канализација 18 Прилеп, каде што цената носеше 70 бодови, а техничкото и патролно обезбедување 30 бодови.
Втор значаен аспект што ја објаснува разликата во постигнатите цени е и податокот дека во тендерите на Општина Дебарца, НУ Музеј на современа уметност-Скопје и ЈКП Водовод и канализација-Прилеп, е-аукцијата, иако била планирана, не се одржала. Вообичаено е во случаи кога е-аукцијата е планирана, фирмите на самото отворање на понудите да нудат повисоки цени во очекување на негативното наддавање. Гледано од аспект на влијанието на количините врз постигнатите цени, и двете институции кои ги купиле камерите по најниска и највисока цена склучиле договори за набавка на приближно ист бројот на надворешни камери за видеонадзор. Имено, ЈЗУ Општа болница Куманово купила 32 камери, а ЈКП Водовод и канализација Прилеп купила 30 камери.
Количини на купени надворешни камери за видеонадзор
Договорен орган | Број на купени надворешни камери | Отстапување од просечната цена |
---|---|---|
ЈЗУ Општа болница Куманово | 32 | -159,5% |
Агенција за управување со одземен имот | 11 | -18,1% |
Д.С.Д. Никола Карев-Охрид | 2 | -5,6% |
Општина Новаци | 6 | +5,0% |
Општина Дебарца | 6 | +5,6% |
НУ Музеј на современа уметност-Скопје | 7 | +18,1% |
ЈКП Водовод и канализација Прилеп | 30 | +32,7% |
Малото влијание на купените количини врз цената, што секако е економски нелогично, се отсликува и во тендерот за набавка на камерите од страна државниот студентски дом „Никола Карев“ од Охрид, каде што се купени само две камери за видеонадзор, а постигната цена е пониска од просечно постигнатата во овој индекс.