Индекс на рационалност за масло за горење - екстра лесно (ЕЛ-1)
Со оглед на тоа што во четвртиот квартал од 2010 година дел од институциите спроведуваат тендери за набавка на екстра лесно масло за горење, во пресметката на овој индекс на рационалност за ЕЛ-1 е вклучен случаен примерок од 9 институции од редот на најчестите добавувачи, здравствени установи, општини и институции на национално ниво. Имајќи предвид дека цената на маслото за греење спаѓа во државно регулираните цени, натпреварот меѓу фирмите на тендерите се состои во давање на попусти во однос на највисоката цена определена од страна на Регулаторната комисија за енергетика на РМ. Оттука, индексот е изработен врз основа на добиените попусти (рабат) во однос на највисоката цена.
Просечниот попуст што го добиле институциите за купување на екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) изнесува 11,10% од највисоката цена. Пет договорни органи купиле масло со поголем попуст од просечниот, а четири договорни органи добиле помал попуст од просечниот. Највисокиот попуст е за четири пати поголем од најнискиот. Обезбедените попусти не се соодветни на купените количини, како што би налагале економските законитости. Имено, трите договорни органи кои имаат обезбедено најмали попусти всушност имаат купено и најголеми количини од екстра лесното масло за горење. Како илустрација – ако договорниот орган кој добил најмал попуст го набавил маслото според највисокиот попуст, би заштедил цели 40 000 евра. Потребата од поголем напор за обезбедување на што е можно поголеми попусти во набавките на маслото за горење ја потврдува и сумата на пари што годишно се троши за оваа намена. Имено, само анализираните девет институции, за оваа намена склучиле договори во вкупна вредност од 88.536.048 денари или 1,4 милиони евра.