Индекс на рационалност на компатибилни тонери
Соодносот на најниската и највисоката цена за набавка на компатибилен тонер изнесува 1:2, што значи дека највисоката цена платена од Агенцијата за странски инвестиции е двојно повисока од најниската евидентирана кај Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Разликите во цените не можат да се објаснат со применетите постапки бидејќи токму двете агенции кои ги набавиле тонерите со најниска и со највисока цена, Агенцијата за цивилно воздухопловство и Агенцијата за странски инвестиции, примениле иста постапка со барање за прибирање понуди со објавување оглас. Разликата што можеби се покажала како релевантна во овие набавки е критериумот за избор на најповолна понуда. Агенцијата за цивилно воздухопловство го користела критериумот ’најниска цена‘, додека, пак, Агенцијата за странски инвестиции, со оглед на тоа што тонерите ги купувала заедно со резервни делови за информатичка опрема, користела критериум за избор ’економски најповолна понуда‘ со вклучување на следните елементи: цена со 40 бода; цена за периферија, резервни делови и мрежа која носела 30 бода и цена по работен час за инсталација на периферија, резервни делови и мрежа со 30 бода. Ова се елементи кои се нерелевантни за тонерите во однос на изборот на најповолната понуда и нивната цена, логично, не добила значење во овој тендер. Оттука, и на е-аукцијата која се однесувала токму на цената на тонерите (што носела максимум 40 бода) не била понудена нова пониска цена.
Купените количини дадени во следниот табеларен приказ не ги објаснуваат разликите во цените. Иако Агенцијата за странски инвестиции не ја достави информацијата за бројот на купени тонери, сепак, од останатите агенции, повеќе од јасно е дека купените количини не биле релевантни за постигнатата цена.
Договорен орган | Број на тонери |
Агенција за цивилно воздухопловство | 2 |
Агенција за планирање на простор | 3 |
Агенција за иселеништво | 7 |
Агенција за стокови резерви | 1 |
Агенција за управување со одземен имот | 12 |
Агенција за странски инвестиции | / |
Имено, од достапните податоци произлегува дека најголемиот број тонери од анализираниот вид ги купила Агенцијата за управување со одземен имот за кои платила натпросечно висока цена, додека, пак, Агенцијата за цивилно воздухопловство платила најниска цена, иако купила само 2 тонера од конкретниот вид.