Индекс на рационалност за училишни столчиња
Овој индекс е изработен за училишни столчиња со анатомска метална конструкција, седиште и потпирач од фурнирана бука и со стандардна димензија. Цените по кои училиштата ги купувале столчињата се движат од 505 до 1.062 денари. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1:2,10, што значи дека цената по која столчињата ги купило СУГС „Цветан Димов“ – Скопје е за 110% повисока од цената која за столчињата ја платило ОУ „Кочо Рацин“ во Петровец по тендер спроведен од општината. Во тендерите на трите училишта кои ги платиле највисоките цени за набавка на столчиња (ОУ „Кирил и Методиј“ – Тетово, СОУ „Ѓорче Петров“ – Крива Паланка и СУГС „Цветан Димов“ – Скопје) немало конкуренција, односно добиена е само по една прифатлива понуда.
Во изработката на овој индекс беа вклучени 10 институции, главно училишта чијашто набавка на училишни столчиња е евидентирана преку објавените огласи во евиденцијата на Електронскиот систем за јавни набавки во периодот од ноември 2014 до ноември 2015 година. Сите договорни органи ги доставија побараните информации, со исклучок на СОУ „Димитар Влахов“ – Струмица, кое го достави договорот што е склучен со фирмата-добавувач, во којшто е наведена вкупната вредност од 269.689 денари за набавка на 55 училишни клупи и 140 училишни столчиња. Во прилог на доставената документација не е наведена поединечната цена на столчињата. Оттука индексот на рационалност за училишни столчиња е изработен за 9 институции.
Како што може да се види од табеларниот приказ на овој индекс, просечната цена што е плаќана за набавка на училишни столчиња изнесува 799 денари. Пет училишта за столчињата плаќале цена што е пониска од просечната од 10,06% до 58,22%, додека, пак, 4 училишта за столчињата плаќале повисока цена од просечно постигнатата, со разлики од 0,37% до 24,76%.
Сите училишта, како и општината Петровец, за набавка на столчињата спровеле постапка со барање за прибирање понуди, за што е претходно објавен оглас за јавна набавка. Критериум за избор во сите постапки е најниската цена.
Во овој индекс може да се види јасно ефектот што конкуренцијата на понудувачите може да ја има врз цените. Па така, сите цени што се пониски од просечната се постигнати во тендери каде што имало по 4 понудувачи и била спроведена планираната електронска аукција за намалување на првично дадените цени. Во тендерите, пак, на трите училишта кои ги платиле највисоките цени за набавка на столчиња (ОУ „Кирил и Методиј“ – Тетово, СОУ „Ѓорче Петров“ – Крива Паланка и СУГС „Цветан Димов“ – Скопје) немало конкуренција, односно добиена е по само една прифатлива понуда.
Разликите во цените што се јавуваат во набавката на училишни столчиња не може да се објасни со купените количини. Наспроти сите економски логики, произлегува дека една од највисоките цени ја плаќа токму училиште кое ги има купено најголемите количини, а тоа е СОУ „Ѓорче Петров“ – Крива Паланка, чијашто цена е двојно повисока од најниската цена платена за овој вид набавка.
Количини на купени столчиња
Договорен орган | Број на купени столчиња | Отстапување од просечната цена |
Општина Петровец за потребите на ОУ „Кочо Рацин“ во н.м. Петровец | 144 | -58,22% |
СОУ „Нико Нестор“ - Струга | 200 | -23,11% |
ООУ „Јоаким Крчовски“ - Крива Паланка | 250 | -17,67% |
СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ | 40 | -13,66% |
СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Скопје | 120 | -10,06% |
СУГС „Арсени Јовков“ - Скопје | 40 | +0,37% |
ОУ „Кирил и Методиј“ - Тетово | 180 | +21,05% |
СОУ „Ѓорче Петров“ – Крива Паланка | 250 | +23,90% |
СУГС „Цветан Димов“ – Скопје | 50 | +24,76% |
СУГС „Цветан Димов“ – Скопје, кое ја плаќа највисоката цена за набавката на училишни столчиња, не ја купило најниската количина. Имено, ова училиште купило 50 столчиња, што е за 10 столчиња повеќе од СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ и од СУГС „Арсени Јовков“ – Скопје, кои имаат купено по 40 столчиња, и тоа по пониски цени.